Доктор Горан Видоевски е еден од најреномираните ортопеди кај нас. Иако желбата да биде хирург и понатаму не го напушта (нешто што го работел во минатото), сепак работата со новороденчињата и решавањето на нивните проблеми поврзани со проодувањето, одењето и нивните ноџиња, му се главна преокупација. За Hybread.mk одговара на прашањата што најчесто ги имаат родителите на малите деца.
Кажете ми го вашето мислење за широк повој кај новороденчињата… Да ја расчистиме дилемата на родителите – широк повој да или не?
„Дефинитивно ДА!!! Дилемата е што е тоа широк повој. Погледнете ја малку историјата на повиткувањето на бебињата. Во голем број земји во светот долго време бил применуван т.н. тесен повој, односно бебињата биле стегнувани со пелена околу нозете и околу целото тело за да не мрдаат и за да се „исправат кривите нозе“. Во тој начин на повиткување бебињата не можеле да мрдаат ниту со рацете, ниту со нозете, а им бил оневозможен и развојот на мускулатурата на стомакот и на грбот. Затоа не можеле ниту да се подготват за оние моторни активности што им следат во развојот, а тоа е детето самото да седнува, да се превртува (што е услов за ползење), ниту да застанува на нозе. За сето тоа е потребно да се развие мускулатурата на соодветните делови од телото. Затоа се премина на т.н. широк повој, а тоа е пелена помеѓу нозете на бебето, при што има слобода на движењата, а со тоа и развој на мускулатурата и подготовка за седнување, ползење и застанување на нозе. Кога се менуваше начинот на повој постоеја само пелени за повеќекратна употреба, т.н. тетра пелени. Бидејќи со една тетра пелена помеѓу нозете при мокрење истата пропушташе влага на облеката, се создаде потреба од ставање две или три пелени за подолго да трае повиткувањето до следното преслекување. Тоа создаде потреба од производство на пелени кои не пропуштаат влага, бидејќи со две или три пелени помеѓу нозете повторно бебињата ја изгубија способноста и слободата за мрдање и вежби. Тоа се пелените за еднократна употреба. Постарите генерации кои биле со тесен повој не се сите со исчашени колкови. Такви колкови имале само оние кои имале пореметен колк при раѓање. Здравите колкови и со тесен повој останале здрави. Ако за женските бебиња требало да се ставаат две-три пелени помеѓу нозете за да им се рашири карлицата за да можат да раѓаат, запрашајте се како нашите баби, кои биле со тесен повој (пелена околу нозете), имаат многу широки карлици и раѓале по десетина деца? Пелените се за одржување на хигиената кај бебињата, а карлицата кај женските ќе се прошири и ќе се подготви за раѓање преку жанските хормони кои ќе се јават во пубертетот.“
Кога детето може да седи? Дали е подготвено да седи дури тогаш кога самото ќе покаже желба за седење?
„За да може детето да научи да седи најпрво мора да седне. Седнувањето е моторна активност на кревање на горниот дел од телото од лежечка или полулежечка положба во седечка положба. За таа моторна активност се потребни силни стомачни мускули. Бебето при раѓање нема силни мускули. Потребно е да вежба, да ги зајакне за да може да седне. Откога ќе успее да седне, тогаш ќе учи да седи. Потребно е да постои чувство на рамнотежа. Токму тогаш детето може да почне да седи – кога ќе научи да одржува рамнотежа на седење. Желбата за седнување е природен инстинкт на човекот да ги вежба стомачните мускули и затоа треба да му се овозможи на бебето да вежба. Тоа може да се постави уште од раѓање во полуседечка положба со наслон од 45см. Самото бебе со вежбите и зајакнување на стомачните мускули од таа положба ќе седнува, ама и ќе се враќа на наслонот за да се одмори. До околу 6–месечна возраст ќе седне, а потоа ќе учи рамнотежа за седење без потпора.“
Што е со дубакот? Сите растевме со него, а денес сè поголем број ортопеди ги забрануваат…
„Уште 2002 година во Канада и 2006 година во САД, а од скоро време и во некои земји од ЕУ, дубакот со тркала е забранет со закон. Мобилниот дубак е многу опасен за повреди на бебињата, а регистрирани се и смртни случаи (во САД 34 бебиња, кај нас во Македонија 1 бебе). Повредите се од превртување. Во 69% од случаите на повредени деца, возрасните биле покрај бебето во моментот на несреќата. Денес се употребуваат статични дубаци, а тоа се дубаците за скокање, а не за движење заради безбедност на бебињата и заради потребата да скокаат за да се зајакнат мускулите на нозете кои се потребни за бебето да застане самото на нозе. Тие дубаци или немаат тркала, или имаат кочници на тркалата, или подигнувачи на тркалата, или некоја мрежа, платно или пластика помеѓу стапалата на бебето и подлогата. Значи, моја препорака е дубак jumper (скокач), а не и дубак walker (одач).“
На која возраст проодуваат децата? Дали треба да се побара лекарско мислење доколку на возраст од една година сè уште не прави чекори?
„Децата проодуваат кога ќе се усовршат во безбедното паѓање на задник. Возраста е различна. Има деца што прооделе самостојно на 6.5 месеци, а има и деца кои на 2,5 години прв пат самостојно прооделе. Правењето чекори не е одење. Тоа е рефлекс уште од самото раѓање. За да прооди детето најпрво е потребно да застане на нозе, па да научи рамнотежа на стоење за на крај да го усоврши паѓањето. Самото ќе прооди кога во мозокот ќе му дојде сигурноста. Во просек 75% од децата проодуваат околу 13–месечна возраст.“
Какви чевличиња се препорачуваат за децата кои проодуваат?
„Не постојат чевлички за проодување. Чевлите, служат за заштита на стапалата при одење надвор (студено, влажно, остри камчиња, шајки, стакло). За време на проодувањето (а тоа е во домашни услови) најубаво е детето да е босо. Поради студената и лизгава подлога (ламинати, паркети и плочки) не можеме да го оставиме босо детето, ниту пак со чорапи кои се лизгаат. Затоа за периодот на проодување се употребуваат обувки со тенко и гумирано платно како подлога, а не тврда и дебела гума, ѓон и слично.“
Голем број деца имаат проблем со рамни стапала. Како родителот може да го забележи овој проблем и како се третира?
„Не би рекол дека е проблем. Секое животно на оваа планета се раѓа, се развива и расте, старее и за жал умира. Човекот како најсовршено суштество на оваа планета минува низ повеќе фази на развој и во секоја фаза постојат одредени карактеристики. Бебето се раѓа без заби, ама се раѓа и без свод на стапалото, односно со рамни стапала, како и со криви нозе во форма на буквата О. Сводот на стапалата се формира со една многу интересна стимулација – кревање и одење на прсти. По 3 години стимулацијата е скокањето. Сводот на стапалата завршува со својот развој некаде околу 10-годишна возраст. Но тој свод треба и да ја задржи и тежината на телото на детето (која е во постојан пораст како детето расте) при стоење и одење, а за тоа требаат силни мускули на листот. Тие се вежбаат со скокање на прсти. Затоа е најдобро децата дома да не носат обувки, а за надвор обувките да бидат помеки, полесни и многу еластични на подлогата. Ортопедски чевли доведуваат до состојбата да не се оформи сводот, односно децата да останат (а не да создадат) со рамни стапала како што се од раѓање.“
Колку често децата се соочуваат со проблем како искривување на ‘рбетот од преголемо седење на компјутер, тешки училишни чанти и слично? Што препорачувате како превентива?
„Повторно проблем е мускулатурата, но не толку на ‘рбетот, колку стомачната. За правилно седење и стоење потребни се силни стомачни мускули. Затоа фискултурата (што само на хартија ја имаат децата од прво до петто одделение) и спортувањето се најважни за правилен развој на ставата на телото, но и специјални столчиња за седење пред компјутер. А тука е и земањето витамин Д3 во зима како превенција од настанување рахитис додека трае растењето, а тоа е до пубертетот.“
Што е најтешко да им објасните на родителите во однос на нивното дете?
„Сите бебиња се соочуваат со само еден проблем – не ги разбираме, а тие не знаат да ни кажат што им треба. Тие сакаат што побрзо да се осамостојат, а заблудите кај возрасните поради незнаењето доведуваат до грешки кај родителите. Поради неинформираност го забавуваат развојот на децата.
Пелените, облеката и обувките се фактори кои ги ограничуваат и бебињата и децата во развојот. Немањето време и здрави услови за шетање, трчање, скокање и спортување ќе доведат до истите проблеми во развојот.
За правилен развој е потребна слобода на движење на сите зглобови што доведува до зајакнување на мускулатурата на бебињата и децата, за потоа со силните мускули можат да ја учат моториката.
Ова е најтешкото да се објасни. Секоја помош и ограничување му „одмогнува“ на детето во неговиот развој.“
Подготвија: Билјана Настеска – Каланоска и Андријана Јовановска
Фотографии: приватна архива/интернет
При објавување материјали од порталот www.hybread.mk во друг медиум, задолжително наведете го изворот од кој е преземен текстот