Пишува: Ана Јовковска
AJ: Најголемата човечка доблест е да умееш да влезеш во чевлите на другиот. Но, честопати низ нашите ментални филтри луѓето ги пакуваме во црно-бели кутии на добри и лоши, на Наши и Ваши, на домашни и натрапници, на староседелци и бегалци. Етикетите ни ги заробија душите. Дури и од луѓе за кои мислиш дека се либерални, отворени и освестени можеш да се изненадиш. Токму затоа, во време во кое говорот на омраза и ксенофобијата создаваат вести, мораме да развиваме наратив на толеранција, поврзаност и солидарност. Вие тоа неуморно го правите години наназад. Како накратко би ја опишале вашата борба?
МС: Многу одамна прочитав еден афоризам: Биди таква жена која кога ќе стане наутро, ѓаволот ќе каже: „О не, таа се разбуди!“ (се смее). Мојата борба низ годините постојано еволуираше. Ако некогаш сум сакала да бидам дел од грандиозни акции како што е да ја искорениме гладта во светот, сега борбата ја фокусирам на промена на мали, конкретни нешта околу мене. Ако успеам барем кај една единка да ја вратам вербата во човештвото, кај друга единка да поттикнам чувство на солидарност и емпатија, вредности на кои почива и нашиот град на солидарноста, или да се борам против наративите на лажните вести, мојата борба ќе има смисла зашто го гледам плодот. Не се откажувам. Понекогаш може да се дефокусирам, да се изморам, но, продолжувам со пробувањето на разни „чевли“ затоа што туѓата болка и страдање ме допира и ме повикува на дејство.
Туѓата болка и страдање ме повикува на дејство.
АЈ: Искрено, не би можела ни да замислам како е да се живее 35 години во војна, што за некого би значело и цел живот… Немаш пристап до образование, немаш работа, немаш иднина. Некои деца се раѓаат во војна и никогаш не го виделе небото слободно. Во светот има околу 70 милиони присилно раселени лица кои се раселени не по своја волја, ниту по своја вина, а се присилени да ги напуштат сопствените домови, за да се спасат себеси и своите деца. Од нив, речиси 26 милиони се бегалци. Од нив, половина се деца. Ова не се голи бројки, па добро би било од статистика да се префрлиме на емоција… 13 милиони украдени и заробени насмевки, 13 милиони кукли и кадифени мечиња оставени на подот во својот напуштен дом, 13 милиони очиња полни со солзи… Една е приказната на хартија, друга е кога ќе се доживее. Како жена и мајка, какви искуства влечете од камповите на бегалците?
МС: Толку убаво сте го конципирале прашањето, Ана, што ми помага да ви одговорам. Да… таква е и мојата приказна со камповите, на прв поглед еднолична маса на бегалци, но кога ќе се внесеш гледаш дека тоа се луѓе како нас, со уникатни приказни, соништа и таленти. Најпрво ги сожалуваш, за потоа да им се восхитуваш. Таа храброст да се напушти домот полн со спомени и се да се спакува во еден ранец, да се ризикува со желба за преживување, образование, стабилност… Ах… посакував да ги гушнам сите дечиња кои ги видов и сè уште ги гледам, да им кажам дека светот е суров, но сепак има добрина во него и вреди секоја педа што ја поминуваат за да стигнат до целта. Жените мигрантки и бегалки, отсекогаш ми биле жени за восхит. Нивната одлучност и сила, тоа јакнење што го доживуваат низ патот на мигрирањето, кое всушност е опасно, ѝ помага на секоја жена да се осознае во улога за која не ни била свесна дека ја има, или, пак, ѝ била забранета – а тоа е жената како лидерка и борка!
Посакував да ги гушнам сите дечиња кои ги видов и сè уште ги гледам, да им кажам дека светот е суров, но сепак има добрина во негo.
АЈ: Што значи да се биде жена денес?
МС: Секогаш да се тежнее кон совршенство. Во домот, во работата, во општеството. Голем е товарот врз жените кои треба да ги исполнуваат очекувањата од блиските и од околината зошто немаат право на грешка и слабост. Но и покрај тоа, постојано се осмелуваме да бидеме автентични, реални и верни на себе. Клучно е да одолееме на желбата да бидеме величани како светици или маченички, нешто што со векови на овие простори нè држи доброволно потчинети. Сепак, мораме да ги потенцираме успесите на вековните борби на нашите сестри. Конечно, престануваме да се извинуваме за тоа што сме и за нашите потреби, како и за неисполнувањето на очекувањата кои општеството ни ги наметнало. Сега го имаме гласот кој се слуша и не бараме веќе дозвола за да истапиме и да водиме.
Како жени, клучно е да одолееме на желбата да бидеме величани како светици или маченички, нешто што со векови на овие простори нè држи доброволно потчинети. Жена на жена треба да ѝ биде најголема инспирација и поддршка, само така ќе чекориме напред.
АЈ: „Кога не можете да видите нечија светлина, останувате во неговата сенка“. Дозволивте ли некогаш да бидете во нечија сенка?
МС: Како средно дете во семејството, мојата борба на почеток беше да излезам од сенката на безличната позиција (се смее). Оттогаш, па до денес, не дозволив пак да се најдам во таква положба само поради редоследот на раѓање, полот или религијата.
АЈ: Како религиозна жена одбирате да носите марама на вашата глава. Што тоа значи интимно за вас? И како луѓето реагираат на вашата надворешност? Како се соочувате со погледите полни со предрасуди?
МС: Повеќе од 15 години ја носам марамата по сопствен избор. Марамата е многу повеќе од парче материјал што ми ја „покрива косата“. Таа е манифестација на мојата женственост, побожност, на мојата посветеност и желба за развој, но и храброст да бидам поинаква. Според предрасудите што владеат, марамата е само за постарите жени, па луѓето честопати се изненадени од моите години. Изненадени се од начинот на кој комуницирам и од мојата отвореност за разни познанства, искуства и размислувања. Од првиот ден кога ја ставив марамата, одлучив дека со предрасудите и стеротипите ќе се борам низ сопствен пример, со дела. И не само што сум успешна во таа мисија, туку го отворив патот за други девојки и жени храбро да истапат без да бидат обесхрабрени од можните критики, предрасуди или дискриминација. Ние сме тука, меѓу вас, интегрирани и активни, присутни и видливи во сите пори на општеството. Нашите дела говорат за нас, а не нашиот стајлинг на облекување.
Повеќе од 15 години ја носам марамата по сопствен избор. Марамата е многу повеќе од парче материјал кој ми ја „покрива косата“. За мене, таа е манифестација на мојата женственост, побожност, на мојата посветеност и желба за развој, но и храбост да бидам поинаква.
АЈ: Кои жени низ годините ви беа некакви светли примери?
МС: Најсветли примери ми се жените со кои сум опкружена. Тоа е мојата покојна баба, Назиќа, мојата мајка, тетките со кои сум многу поврзана, сестра ми… Мојата баба дошла со своите деца во Македонија пред 70 години, во целосно нова средина и притоа ги поттикнувала на напредок и едукација. Не било лесно да дојдете од рурална средина, од друга држава, каде традицијата те обликувала и ограничувала, да го надминете сето тоа и сопствените деца да ги поттикнувате на спротивното. Јас пораснав со неа и нејзините совети и постапки ми се длабоко вкоренети.
Малите приказни ги прават жените кои во себе имаат голема величина. Со својата светлина, тие инспирираат наоколу. Ме инспирира упорноста на жените од еднородителските семејства. Ме инспирира трпението и пожртвуваноста на мајките на децата со попречености. Ме инспирираат бегалките со својата упорност. Жртвите на родово базираното насилство ме инспирираат со одлучноста да ја напуштат насилната средина. Жена на жена треба да ѝ биде најголема инспирација и поддршка, само така ќе чекориме напред.
АЈ: Убави се оние луѓе кои во црно-белото сивило успеваат да видат и розово. Професорката Татјана Алексиќ ќе рече: „Опасна е ограниченоста на умот, опасна! Може да те ограничат во простор, може и времето да ти го земат, но отвореноста на умот е космос, комплетна слобода без лимит. Ограничениот ум може да го препознаеш по неговата потреба да те убедува во своето право дека секогаш е во право“.
МС: Токму така, ми требаше време и сè уште го вежбам правилото – или ќе бидеш во право или ќе бидеш среќна! Желбата да бидеш секогаш во право и да ги убедиш другите е причина за многу лични страдања и конфликти. Егото нѐ тера да ги браниме ставовите како да се дел од нас и кога се оспорувани тоа го сфаќаме толку лично, што влегуваме во борба на одбрана на „Јас“ и „моето мислење“. Да не паднам во оваа замка ми помага љубопитноста да го разберам другиот и неговото гледиште. Неретко се докажува дека вистината не е црно-бела. Често во мислите наоѓам оправдување за нечии ставови што се спротивни на моите. Можеби тој/таа има некое различно искуство или созаниние кое јас не го знам. Сепак, повеќе ги сакам луѓето во разновидни бои наместо еднолични, монохромни комбинации.
Вистината не е црно-бела!
АЈ: Се сеќавате на изјавата на Мартин Лутер: „Можеби сите пристигнавме со различни бродови, ама сега сите сме на истиот брод“? Ова совршено добро реферира на она што денес го живееме со пандемијата во светот. Поврзани сме повеќе од кога било. Сите ја сркаме истата вирусна каша, како еден вид казната за човештвото поради немилосрдната експлоатација на другите форми на живот на Земјата, за жал. Сепак, орвеловски – дали сите сме еднакви, ама некои од нас се поеднакви во оваа светска здравствена криза?
МС: Она што оваа криза ја прави поразлична е тоа што се случува насекаде во светот. Одеднаш светот застана и се затвори. Се создаде илузија на еднаквост, но додека гледавме како некои се во карантин во вили, а некои во мал стан со насилен партнер, сфативме дека еднаквоста сè уште претставува далечен идеал. Некои немаа ниту дом за да можат да се затворат во него. Милиони не беа заштитени со маски, дури ни со питка вода, а да не зборуваме за медицинска нега. За да бидеме сите еднакви на истиот брод, значи дека треба да ги имаме истите стартни позиции т.е. основните човекови права. Оваа криза ги направи ранливите меѓу нас уште поранливи, недостатоците ги продлабочи и сиромаштијата се зголеми. Но, тоа што периодов нè прави сите еднакви, се доживеаните чувства на загуба, страв, копнеж за патувањата и отворените граници… Од заедничкото чувство на загуба и страв се роди чувството на солидарност.
Додека гледавме како некои се во карантин во вили, а некои во мал стан со насилен партнер, сфативме дека еднаквоста сè уште претставува далечен идеал.
АЈ: Што прогнозирате, ќе има ли враќање во нормала или врз урнатините на старите животи и навики ќе конструираме нова „нормала“ или пак ново варварство?
МС: Јас се надевам и се молам дека на пролет ќе почне враќање кон нормалата, но вкусот на „вирусната каша“ уште долго ќе го чувствуваме. Со полицискиот час видовме како природата сама се обновува само за неколку недели. Видовме и дека сме консумеристички општества што трошат повеќе ресурси отколку што им се потребни. Видовме и кои професии се поприоритетни и значајни за човештвото и дека токму во нив во иднина треба дополнително да се вложува. Видовме дека залудно потрошените пари за оружја не нè направија побезбедни и дека следниот фокус за безбедноста на човештвото треба да биде во друга насока. Како што ниту еден човек не може сам да се справи со вирусот, така не може ниту една земја сама. Видовме и дека технологијата е клучна за понатамошен брз развој, но и дека не секаде може да го замени човековото присуство, етика и одлука. Ова се само некои од многуте научени лекции на кои треба да се фокусираме. Во спротивно, ќе зачекориме кон отворената врата на варварството и самоуништувањето, од каде ќе нема враќање.
Со полицискиот час видовме како природата сама се обновува само за неколку недели. Видовме и дека сме консумеристички општества што трошат повеќе ресурси отколку што им се потребни. Дека залудно потрошените пари за оружја не нè направија побезбедни и дека следниот фокус за безбедноста на човештвото треба да биде во друга насока.
АЈ: Ќе го цитирам Јувал Ноа Харари кој вели: „Врската меѓу големите револуции од нашето време и внатрешните животи на поединците е одлична формула да може работите да ги разбереме на начин на кој тероризмот, на пример, не е само глобален политички проблем, туку внатрешен психолошки механизам. Различните феномени, почнувајќи од биотехнологијата и пазарот на трудот, па сè до поствистината или мерата до која можеме да разбереме што се случува на глобално ниво, најпосле нè оставаат со најтешкото прашање: Дали хомо сапиенсот е способен да го сфати светот што го создал?“ Што би рекле на ова?
МС: Создадовме чудовиште кое тешко го контролираме и во хаосот што го создадовме не можеме да најдеме излез. Технологијата, науката со откритијата, најпрво за да ни го олесни животот, ни создаде такво чувство на комфор што не ни се напушта, иако знаеме дека долгорочно ќе биде на наша штета и на штета на целиот жив свет на оваа планета. Од друга страна алчноста, желбата да се има повеќе, да се победи другиот, создадоа атмосфера на непријателство поради коешто не можеме да се фокусираме на битните проблеми како што се климатските промени за кои часовникот немилосрдно чука. И по секоја човечка трагедија, без разлика дали со бегалците или со терористичките напади, социјалните медиуми изобилуват со „никогаш повеќе“ слогани, за по краток период, човештвото повторно да го погоди слична трагедија.
Науката е обврска на секој верник и на секоја верничка!
АЈ: Терористите приредуваат страшни спектакли на насилство. Тие се мајстори за контрола на умот. Успеваат да престрашат милијарди луѓе и да разнишаат огромни политички структури. Како реагирате кога луѓето ставаат равенство помеѓу тероризмот и исламот?
МС: Статистички гледано, од сите терористички напади во светот, мал дел се направени од „муслимани“. Исто така, тероризмот не е измислен од муслиманите, ниту пак има потпора во учењето на исламот како религија, чие што име всушност значи мир. Секаде, па и меѓу муслиманите, постојат екстремисти кои ја злоупотребуваат религијата за да ги оправдаат своите злодела, правејќи непоправлива штета на исламот и на другите муслимани. Тоа е неприфатливо, отфрлено и осудено од сите нас, но и глобално. Поради тоа и ги исправам сите оние кои велат или пишуваат „исламски тероризам“ или „исламски екстремизам“. Тоа се политички наметнати фрази со кои намерно се клевети една религија, едно учење, бидејќи не само што не го поттикнува или укажува на тоа насилство, туку исламот и јасно го забранува како појава. Тоа јасно се гледа во делата на учените муслимани, кои го прифатиле исламот со знаење, а не поради традиција, од емоции или како слепо следење на одредени личности. Прво што е објавено во Куранот е зборот „Учи, читај, истражувај“, а насекаде низ него се фали разумот и луѓето кои учат и размислуваат, а се куди слепото следење на луѓе, традиции и суеверија. Науката е обврска на секој верник и на секоја верничка! Мораме цврсто да се бориме против ова светски раширено зло, бидејќи стравот што го сеат има за цел да создаде силен јаз меѓу разноликоста на религиите во општеството.
Меѓу муслиманите постојат екстремисти кои ја злоупотребуваат религијата за да ги оправдаат своите злодела, правејќи непоправлива штета на исламот и на другите муслимани. Тоа е неприфатливо, отфрлено и осудено од сите нас но и глобално.
АЈ: Кое општествено ѓубре ви е неподносливо? И како би се исчистиле од него, а да не е тоа со метлите на насилството?
МС: Сега, во времето на панедимија, најмногу се соочувам со ѓубрето наречено лажни вести. Лажните вести ги поткопуваат човечките односи и довербата кон институциите. Со ова ѓубре ќе се избориме со читање на сигурни извори на информации. Национализмот и шовинизмот се, исто така, нешто што не поднесувам. Чувството дека твојата нација е одбрана и привилегирана, или дека твојата машкост ти дава привилегија е неподносливо! За мене единствена поделба на луѓето е на добри и лоши, и секогаш, во секоја прилика ги неметнувам своите наративи за да го исчистам ѓубрето околу мене.
АЈ: Унгарскиот поет Радноти запишал дека „цвеќињата на трпението се мртви“. За што немате трпение?
МС: Со текот на времето стануваме помалку трпеливи, но, она за што константно немам трпение е неправдата. Секогаш кога ќе се соочам со неправда во моето опкружување, едноставно морам да реагирам! Немам трпение да го премолчам нефункционирањето на системот кон најранливите.
АЈ: Како ги воспитувате своите деца? Што ви е најважно во тој процес?
МС: Се чувствувам среќна и привилегирана што имам две девојчиња, Далија и Амелија, па олеснет ми е процесот за воспитување. Голем дел од тој процес е следењето на „тоа што мама го прави“ (се смее). Битно ми е да ги следат моите борби, зошто тоа ќе ги подготови на светот во кој живеат и да знаат дека нема откажувања. Пречките постојат за ние, како човечки битија, да развиваме механизми за надминување на истите. Секако тука е мојот сопруг, нивниот татко, кој зема активно учество во нивното воспитување и грижата за сите нивни активности и потреби. Битно ми да бидат свесни дека и двата родители се вклучени и дека тој процес е одговорност која родителите ја носат на своите плеќи подеднакво. Јас и мојот сопруг, и двајцата имаме активистички животи, но тие секогаш ни се синхронизирани и координирани согласно потребите на нашите деца.
АЈ: Во неколку слики, како би ја илустрирале љубовта?
МС: Љубовта е желбата и делата што имаат за цел да овозможат и поддржат нечиј раст и развој. Слики… Хм, на пример, кога ќе си дозволам некое задоволство како одраз на себељубовта. Кога ги охрабрувам ќерките да одбираат сами што ќе облечат и што ќе спортуваат. Кога го испраќам сопругот на некоја од неговите активистички авантури кои му предизвикуваат толкава страст и желба за живот. Па, дури и ставањето на телефонот на страна и целосно посветување кон пријателката, соговорникот или сопругот.
АЈ: „Никогаш не бев луд, освен во ситуации кога срцето ми беше допрено“. – Едгар Алан По. Мерсиха, што ве прави ранлива?
МС: Мојата страст ме прави ранлива. Мојата неспособност да калкулирам. Чувството на немоќ ме прави ранлива и ме тера понекогаш да направам избрзани реакции, поради кои подоцна се каам. Тоа чувство на безгласност, кога говориш, а твоите зборови како ехо се губат во празниот простор на незаинтересираноста да бидеш слушната – тоа ме прави ранлива. Сепак, не се плашам да излезам од зоната на комфорот.
АЈ: Кои патувања и искуства ве направија духовно богата?
МС: Иако аџилакот е патување кон едно духовно воздигнување, кое го поминав во 2009 година, сметам дека секое патување е додатно обогатување на духот и на интелектот. Тука се и моите патувања на хуманитарните мисии, при кои се поминува половина свет, се поминуваат три континенти, се жртвуваат средства, време, здравје и удобност, со една цел – да се даде, да се помогне, да се смени! Искуството со бегалската криза ме направи духовно побогата и ми ги прошири хоризнотите на прифаќање и солидарност. Колку и да согорував во таа криза, и секојдневно доаѓав до работ на откажувањето, сепак нешто ме водеше низ битките.
На хуманитарните мисии го поминав половина свет. Се поминуваат три континенти, се жртвуваат средства, време, здравје и удобност, со една цел – да се даде, да се помогне, да се смени.
АЈ: Со кои работи никогаш не би направиле компромис?
МС: Нема компросмис со достоинството и интегритетот на личноста. Човековите права не се тема на компромис. Тие доаѓаат во пакет и се достапни за секоја индивидуа. Нема компромис со насилниците и насилните средини и практики.