Пишува: Ана Јовковска
Слаткиот вкус на англискиот чај што го пиевме и колачите ни малку не ми го ублажија горчливиот вкус во устата додека зборувавме за родово сензитивни теми и за кампањата „16 Дена активизам против родово базирано насилство“ со британската амбасадорка Рејчел Галовеј во нејзиниот дом на Водно. Малку на повисоко, во дворот на британската резиденција, загадувањето помалку се чувствува, но ионака дишевме преку маски. А кога насмевката ти е скриена, останува да гледаш подлабоко во очите. Она што „на прва“ видов во оваа жена е нејзината автентичност и целосна (дипломатска) необременетост со формалноста која го гуши животот. Отидов со бушава коса, ме пречека со природна коса… ѝ се пожалив дека ми е тешко да работам од дома со четиригодишно дете во оваа Ковид 19-криза, ми се пожали дека менаџира цела амбасада со две мали деца… Низ многуте различни животни перспективи кои ни се скршија во овој разговор, додека црната мачка на амбасадорката се плеткаше низ нашите нозе, заклучивме дека најважната идентитеска одлика е чувството да се биде слободна и своја!
АЈ: Некои од жените кои го променија светот беа космонаутки, некои напишаа прекрасни романи, некои се бореа против репресивни системи, некои оставија академски трудови, некои се изборија за правото да возат, некои менуваа закони за абортус, некои се изборија за правото на глас… До каде сме денес, пред прагот на 2021 година во 21-от век?
РГ: Далеку стигнавме… Поминавме долг пат благодарение на многу храбри жени кои ги водеа нашите битки и ни го трасираа патот. Но, има уште многу работа – образование на девојчињата, учество на жените во донесувањето одлуки, надминување на родовите стереотипи и дискриминација, заштита од насилство. Наставните програми и едукацијата на овие теми се фундаментални, од градинките до универзитетите. Проблемите се превенираат и решаваат од најмалата возраст. Глобалениот удел е неопходен, но одделните влади мора да ја одиграат својата улога во градењето на родовата еднаквост во општеството.
АЈ: Кои жени Ви беа инспирација низ животот?
РГ: На почетокот – мојата мајка. Таа работеше со полно работно време, ги готвеше сите оброци, пеглаше и сама ги правеше сите потребни набавки. Со текот на годините, полека, но успешно го натера татко ми да почне да чисти и да пере алишта. Мојата мајка беше моќна жена. А, во овој момент ме инспирираат жените во мојата амбасада. Тимот кој е посветен!
Мојата мајка беше моќна жена. Таа работеше со полно работно време, ги готвеше сите оброци, пеглаше и сама ги правеше сите потребни набавки. Со текот на годините, полека, но успешно го натера татко ми да почне да чисти и да пере алишта.
АЈ: Традицијата често знае да биде ментален кафез. Според некои истражувања направени во европски рамки, 75% од жените готват секој ден, независно дали се вработени или не. Поголемиот број на испитанички тврдат дека се чувствуваат емоционално одговорни да го прават тоа за другите членови од семејството. Кујната е сè уште царство на жените. Дури и во поеманципирани општества од нашето, во Норвешка на пример, анкетите покажуваат дека жената минува трипати повеќе време од мажот во кујната и во извршувањето на домашните работи. Каде сè го наоѓате патријархалниот модел во македонската култура?
РГ: Не би било коректно да зборувам за култура на која не ѝ припаѓам, но можам да споделам искуство од мојата работа со жени политичарки, новинарки, граѓански организации и други. Во Северна Македонија, жените кои се дел од јавноста често подлежат на стереотипи и дискриминација. Честопати се оценуваат според нивната надворешност – како изгледаат и како се облечени, а не според професионалното знаење и нивната стручност. И за мене имало дискусии на социјалните мрежи, токму за мојата облека и мојот физички изглед. Друг проблем што го покажуваат истражувањата е тоа што главно жените се одговорни за грижата за децата и домаќинството, што ги ограничува нивните можности да бидат вклучени во политиката. 55,7% од македонските жени се неактивни на пазарот на трудот и покрај фактот дека жените се пообразовани од мажите.
Жените кои се дел од јавноста често доживуваат стереотипи и дискриминација. Честопати се оценуваат според нивната надворешност – како изгледаат и како се облечени, а не според професионалното знаење и нивната стручност. И за мене имало дискусии на социјалните мрежи, токму за мојата облека и мојот физички изглед.
АЈ: Светската здравствена и економска криза силно се крши врз грбот на жените. Онлајн работата од дома ги стави жените во позиција да жонглираат со професионалните и приватните, семејните обврски во исто време. Како современите жени да останат непрегорени во оваа пандемија?
РГ: Во овие тешки и предизвикувачки времиња, од суштинско значење е работодавците да бидат флексибилни, имајќи ги предвид индивидуалните околности на различни луѓе. Во семејствата, партнерите треба подеднакво да придонесат за водењето на домот. И кога е можно, иако е многу тешко во сегашните околности, силната поддршка од поширокото семејство, блиските пријатели или соседите, е многу важна. Исто така, треба да бидеме искрени со самите себе. Дали ни треба пауза за нашето ментално здравје и благосостојба – дури и ако тоа е само прошетка или кафе? Може ли работниот контакт да прифати дека моето седумгодишно дете е во позадина на конференцијата на „Зум“?!
AJ: Ќе бидам искрена… „побудалена“ сум со менаџирање на работата од дома и микроменаџирање на обврските во домот, особено обврските околу моето четиригодишно дете кое заради кризата со вирусот не оди во градинка. При тоа, за среќа имам помош од семејството. Се прашувам како ли им е на помалку привилегираните жени, на ранливите категории?
РГ: Никако не смееме да го заборавиме влијанието на Ковид-19 кризата врз ранливите и маргинализирани групи – жените со попреченост, оние кои се заробени во насилни домови, како и самохраните мајки. Ова е крајно тежок период за многумина и владата треба да воведе мерки и помош за да се олесни влијанието на Ковид – 19 кризата врз најранливите групи жени.
Може ли работниот контакт да прифати дека моето седумгодишно дете е во позадина на конференцијата на „Зум“?
АЈ: Како Вие се соочувате со новонастанатата ситуација? Колку Ви се промени секојдневието?
РГ: Почетокот на здравствената криза ми беше прилично тежок. Морав да се прилагодам на новите начини на работа, на социјалното дистанцирање и заштитата на благосостојбата на моето семејство. Со две мали деца дома, заедно со мојот сопруг Том се обидовме да најдеме креативни начини да останеме позитивни и здрави. Една позитива работа е дека и двајцата воведовме малку поздрав начин на живот, со здрава храна и редовни навики за вежбање. Друга негативна работа е што мислам дека спијам полошо затоа што размислувам за кризата.
Почетокот на здравствената криза ми беше прилично тежок. Со две мали деца дома, заедно со мојот сопруг Том се обидовме да најдеме креативни начини да останеме позитивни и здрави.
АЈ: Се вели дека добар партнер е некој со кој стануваш подобра верзија на себе си. Низ лични примери што тоа значи за вас?
РГ: Ах, Ана… Имам партнер кој ме поддржува. Кога донесуваме одлуки, ги носиме заедно. Кога ја добив оваа работа, тој се согласи да биде оној што ќе биде достапен во итен случај при чување на децата. Можеби при следната работа, тоа ќе биде обратно. Исто така, тој е многу добар готвач, а ова е исклучително важно (се смее).
АЈ: Дали живееме во ера на женска доминација, но во машки свет? Во време во кое смело врескаат огнените химни на Бијонсе и спортистки удари на Серена Вилијамс, додека на други катчиња во светот илјадници женски гласови се стишени низ шепата на традицијата и патријархатот. Од една страна се пораките што треба да ги поттикнат девојчињата и жените да бидат смели да го живеат сонот на својот живот, од друга страна се родовите сопки во општеството во кое е ужасно тешко да се биде успешна жена и успешна мајка. Сите овие стапици се отрови за женската психа. Сте ги доживеале ли и на своја кожа? Челичниот притисок за баланс меѓу кариерата и семејството? И што значи да се биде жена дипломат?
РГ: Тоа е чудна дихотомија, Ана. Во некои области има голем напредок, па, низ целиот свет гледаме успешни жени и лидерики – Анџела Меркел, Jacасинда Ардерн… Северна Македонија има жена министерка за одбрана, фантастични жени-дипломати. Но, во други области има уште многу да се направи. Дури и пред пандемијата, на глобално ниво, една од три жени доживеале сексуално или родово базирано насилство, најчесто од интимниот партнер. Некои национални студии покажуваат и повисоки стапки до 70%. Постојат нови докази дека ова е интензивирано за време на Ковид-19 кризата. Се проценува дека на глобално ниво ќе има уште 15 милиони случаи на семејно насилство за секои три месеци на карантин. Најмаргинализираните лица веројатно ќе бидат најпогодени. Сакам да ги охрабрам клучните засегнати страни во вашата земја да дадат приоритет на овие проблеми како дел од националните планови за одговор на Ковид-19 кризата. Како жена дипломат, имам среќа да имам глас за овие прашања и да можам отворено да зборувам за нив.
Се проценува дека на глобално ниво ќе има уште 15 милиони случаи на семејно насилство за секои три месеци на карантин. Најмаргинализираните лица веројатно ќе бидат најпогодени.
AJ: Да, јасно е дека родовата асиметрија во разни полиња во општеството резултитра со дискриминација. Од тие причини и годинава ја поддржавте кампањата „16 Дена активизам против родово базираното насилство“. Кое е мотото на годинешниот глобален активизам?
РГ: Fund, Respond, Prevent, Collect! е тамата на годинешната кампања која се одвива под слоганот: „Кажи НЕ на насилството врз жени и девојчињa“. И бидејќи во услови на Ковид-19, воведување на карантин и мерки за ограничување на движењето, насилството врз жените значително се зголеми, пристапот до услугите за поддршка стана многу потежок, па сè поочигледна е потребата од финансирање, од основни сервиси и превенција, за да се остварат подобри резултати.
АЈ: Убави за око, лесни за употреба! – тоа е најчестата медиумска репрезентација на жената. Сексизам во свилени ракавици би рекла. Каде гледате сексизам во општеството?
РГ: Сексизмот во општеството може да биде многу гол и очигледен, како на пример рекламите за долна облека пред „Сити Мол“ или лични коментари за жените парламентарки. Но, сексизмот може да биде и подмолен, особено тогаш кога не можете да видите дека светот е дизајниран за мажи. Кога, на пример, не се прави медицинско тестирање врз жени, бидејќи нивните хормони се мешаат во резултатите, што значи дека евентуалниот третман е помалку ефикасен за жените. Друг пример е безбедноста на автомобилот дизајниран за потешкото машко тело, што всушност го влошува ризикот кај жените во сообраќајна несреќа. Додека работев во Авганистан, морав да носам панцир направен да одговара на машко тело, наместо на женско, што ми предизвика повреда. Значи, и покрај тоа што жените со векови се бореле за своите права и еднаквост, сè уште постојат ситуации кога мора да се прилагодуваме и да правиме компромиси за да си ја завршиме работата, дури и ако тоа значи да се облече панцир наментен за маж!
Овој свет е дизајниран за мажи.
АЈ: Кои жени го променија светот?
РГ: Ова е толку тешко прашање, Ана. Колку време имам (се смее)? Би рекла жените од тимот во Оксфорд што ја создаваат вакцината на AstraZeneca за Ковид-19, тие сега го менуваат светот. Суфражетките кои водеа кампања за правата на жените да гласаат. Жените кои воспитуваат деца во конфликти и сиромаштија. Жените во Белорусија кои водат кампања за посветла иднина. Жените кои го читаат ова прекрасно интервју. Жената што го пишува.
АЈ: Ви благодарам за овој голем комплимент! Се сетив сега на една убава сентенца на Фрида Кало: „Личноста што најдобро ја познавам сум самата јас“. Најтешко е човек да зборува во прво лице за себе. Сепак, како би се опишале себе си за оние што не Ве познаваат надвор од рамките на дипломатијата, без „свилени ракавици“?
РГ: Кога ги посетувам владините канцеларии и општините, гледам фотографии на sидовите на мажи кои работеле таму. На FCDO има ѕид од „Првите“. Ова ги содржи фотографиите на „првата различна личност“ што ја завршила работата – првата жена што била амбасадорка во Москва, првата црна жена амбасадорка… За оние каде што никогаш не сме имале некој различен во улогата – има огледало. Вработените може да го видат сопствениот одраз во огледалото. Ова значи дека секој, без никакви предрасуди за нивниот пол, боја или етничка припадност може да стане иден министер/ка, амбасадор/ка или владин службеник/службеничка. Испраќа силна порака дека луѓето треба да веруваат во себе и да работат на нештата што им се најважни. Јас, лично, сум силна борка за правата на жените и родовата еднаквост!
АЈ: Покрај родово сензитивните политики што ги поддржувате, на кои други убави проекти од 2020 година сте горди?
РГ: Најгорда сум на тоа како се прилагодивме на пандемијата, дури и кога нашите животи и работни средини се променија. Со УНИЦЕФ ја започнавме платформата за учење преку интернет „Едуино“, за да им помогнеме и да ги поддржиме децата од основно и средно училиште да можат да го продолжат своето образование. Со Хелсиншкиот комитет за човекови права обезбедивме правна помош на работниците погодени од Ковид 19-кризата. Поддржавме ранливи групи да направат и дистрибуираат над 18 илјади маски во последните четири месеци. Печатиме книги за деца кои се во криза. Ја поддржавме работата на засолништата и СОС-линиите за помош и обезбедивме психолошка, медицинска, финансиска и правна поддршка на жртвите од семејно и родово базирано насилство на повеќе од 400 жени во последниве четири месеци. Нашата програма исто така обезбеди пристап до услуги за репродуктивно здравје преку мобилна клиника за гинекологија за над 400 жени.Велика Британија е силен поддржувач на реформите во Северна Македонија. Сакаме нашата работа да направи разлика и да ги подобри животите на сите граѓани. Работиме со институциите, ги поддржуваме граѓанското општество и медиумите за да обезбедиме граѓаните да имаат глас и да ја повикаат својата влада на одговорност. Поддржуваме чиста животна средина преку Стратегијата за енергетика која сега треба да ја спроведе најзелената опција за да обезбеди чистата, одржлива енергија да биде достапна за сите.
АЈ: Кои места Ви се омилени во земјава?
РГ: Ги сакам планините. Се чувствувам привилегирано да се искачам на Скопска Црна Гора, да одам на пикник на Попова Шапка или да јавам коњи на Бистра. Ова е „мојот воздух”, мојот вентил за време на пандемијата и е нешто со што оваа земја треба да се гордее.
Планините се „мојот воздух“. Се чувствувам привилегирано да се искачам на Скопска Црна Гора, да одам на пикник на Попова Шапка или да јавам коњи на Бистра.
АЈ: Што најмногу Ви недостасува од дома, од Велика Британија?
РГ: Ми недостасува зачин. Велика Британија има многу храна од Јужна Азија што ја обожувам. Ми недостасува моето семејство кое годинава не беше во можност да ме посети, за жал.
АЈ: „Лузните се места низ кои едно суштество влегува во самотијата на друго.“ Што правите кога се чувствувате осамено?
РГ: Кога не е можно гушкањето и галењето со моето семејство, тогаш одговорот е модерната технологија. Комуницирам со мајка ми преку „Facetime“, со пријателите се гледам на „Whatsapp“ или гледам забавна програма на телевизија.
АЈ: Медиумите често се креатори на нашиот светоглед. Но, за жал, живееме во карневалска медиумска екологија. Што сакате да читате и гледате?
РГ: Ќе признаам дека во моментов уживам во ескапистичката култура. Животот е доволно стресен, ми треба нешто „полесно“. Гледам комедии – “Schitt’s Creek” – и научна фантастика – каде уживам во “The Expanse”. Сега гледам една документарна серија за необични спортови, од јадење чили до тркалање на сирење. Читам книга за нордиската митологија. Слушам многу музика на пат дo работа и до домал, а моментално ја слушам Janelle Monae „на рипит“ (се смее).
АЈ: Зборувајќи за музика неизбежно е да ја спомнам Мадона со нејзините стихови – Express yourself, don’t repress yourself. Ова ме носи кон темата за идентитетот. Писателката Дубравка Угрешиќ вели: „Во последните неколку години штом го слушнам зборот идентитет добивам силна алегриска реакција. Мислам дека се предозирав со овој термин. Овој збор одѕвонува како мантра“. За некои луѓе идентитетите се заменливи, како пасошите. Но интегритетот е клучен! Што значи да се има интегритет денес?
РГ: Имаме различни начини на изразување на нашиот идентитет – на работа, дома, со пријатели, со странци. Се идентификуваме на различни начини – со националноста, културата, омилениот бенд… Но, проблемот се случува кога идентитетот се користи за да ги идентификува оние со кои не се согласуваме, наместо да гради нешто позитивно. Се согласувам со вас, Ана, интегритетот ни дава основа од идентитетот да направиме нешто позитивно. Затоа, се обидувам да бидам автентична. Личноста што во моментов додека разговараме ја запознавате, можеби е формално различна од таа што сум кога сум со моите деца, но сепак е автентично јас (се смее). Ова е еден од начините на кој можам да се осигурам дека имам интегритет.
АЈ: Кои работи Ви го будат љубопитството?
РГ: Ме возбудуваат нови идеи. Се чувствувам многу среќно што имам работа што ми овозможува постојано да истражувам. Ако некој член на мојот тим предложи да се направи нешто поинакво, ново – од печатење книги за деца до тренирање со женскиот фудбалски тим од Струмица, на пример, можам овие работи да ги направам и да дознаам повеќе. Ова ме прави слободна и среќна!
Насловна фотофрафија: Томислав Георгиев