„Меланија е многу паметна. Доналд би требал да ја слуша повеќе“, велат луѓето во Севница, градот во Словенија во кој е родена (од денеска) првата дама на Америка.
Оние што ја познавале Меланија Кнавс како дете, денеска се многу горди на нежната девојка од соседството со која пораснале, оделе заедно на училиште, се дружеле со неа. Родена е 1970 година во просечно југословенско семејство. Мајка ѝ Амалија работела во фабрика за текстил, татко ѝ Виктор продавал автомобили. Според нејзините пријатели, тој и Донал Трамп се многу слични, и според нив тоа е една од причините зошто Меланија се омажи за него.

„Отсекогаш била многу софистицирана, убаво, традиционално воспитана. Во тој поглед беше поразлична од нас“, вели Мирјана Јеланчиќ, нејзина поранешна соученичка и сосетка.
Ако Доналд бил бунтовник како дете, Меланија била сосема спротивна од него, секогаш тивка, повлечена, скоро и да не се забележувала во масата деца со кои си играла во паркот пред нивната куќа.

„Зборуваше убаво, никогаш не пцуеше ниту викаше ако постоеше некое несогласување помеѓу нас. Постојано беше во средина, нè учеше на компромис и нè спојуваше како друштво кога ќе се искаравме,“ додава Јеланчиќ. „Кога одевме на училиште, таа никогаш не велеше дека сака да биде модел. Желба ѝ беше да стане моден дизајнер. Ама, отсекогаш имав чувство дека Севница и Љубљана се премали за неа.“
Фотографот Стане Јерко ја забележал далечната 1987 година, кога била средношколка во Љубљана.

„Беше малку срамежлива, ама учеше брзо“, се сеќава тој на првата фотосесија на Меланија. „Веќе вториот пат се однесуваше како модел.“
Иако не разговарале со децении, Јерко ја следел нејзината кариера оддалеку. Тој тврди дека Меланија ќе биде исклучителна прва дама, иако многу често е резервирана и во позадина.

По скандалот со говорот за кој се откри дека е плагијат, летово, Меланија се држеше подалеку од јавноста. Иако многумина го опишаа самиот чин како срамен и низок, и велеа дека со тоа ѝ наштетила на кампањата на Доналд, тоа не беше ништо полошо од неговите дрски и навредливи изјави. Денеска се покажа дека тој говор не влијаел воопшто на одлуката на Американците да гласаат за Трамп наместо за Хилари.
Словенците, колку и да се горди на Меланија (која е втората по ред прва дама што не е родена во САД), сметаат дека Доналд водел ужасна кампања и не им се допаѓаат неговите ставови, пред сè, во однос на жените. Општиот став е дека и покрај своите пари и моќ не смее да се однесува така кон луѓето.

Поранешните школски другари на Меланија се, сепак, подипломатски расположени.
„Ова не се зборови што која било жена сака да ги слушне за својот маж, ама знам дека ќе се справи со ситуацијата“, вели Петра Седеј. Таа се сеќава на деновите кон крајот на 1980те, кога се дружеле во станот на Меланија по часовите.
„Таа не пиеше, не пушеше, секогаш беше силно насочена кон иднината и работите што ги сака во животот. И мислам дека веруваше дека може да направи сè што ќе посака.“

Меланија ја напуштила Словенија засекогаш на почетокот на 1990те години, отфрлајќи го факултетот за модните Писти во Милано и Париз. во 1998 година, две години откако емигрирала во САД, Меланија се запознала со Доналд Трамп на забава во Њујорк. Се венчале 2005 година на Флорида, со што Меланија стана негова трета сопруга.
Иако последниве месеци е постојано во фокусот на медиумите, словенечките новинари не можат да се сетат кога последен пат дала интервју за некој од тамошните медиуми. И нејзините пријатели во Севница не знаат кога последен пат ја виделе Меланија во градот. Нејзините родители и понатаму ја поседуваат истата куќа, ама по раѓањето на Барон – единственото дете на Меланија и Доналд – во 2006 година, тие се најчесто во Њујорк.

Неколку дена пред изборите, политичарот Среќно Оцвирк изјави: „Ако победи Трамп, тоа Меланија ќе биде доказ дека секој во животот може да го постигне невозможното, дури и кога доаѓа од земја мала како нашата.“
Очигледно ова е голема победа, и за Меланија и за Словенците.
Извор: CNN
При објавување материјали од порталот www.hybread.mk во друг медиум, задолжително наведете го изворот од кој е преземен текстот.