Бора Ѓорѓевиќ, или Бора Чорба, ако сакате повеќе, е вистинска легенда на југословенската рок музичка сцена. А со легендата се сретнавме во 9 часот наутро. Пристигна точно на време, насмеан, расположен за разговор со првото утринско кафе.
„Рибља чорба“ пред неколку месеци го „прослави“ својот 38 роденден. И претходно се занимававте со музика. Па, кажете ми, какво е чувството да се живее за и со музиката повеќе од 40 години?
„Ние како жените малку се трудиме да ги скриеме годините на групата, ха, ха… Ама, се чувствувам многу добро. Многу добро. И да можев да одбирам нешто друго, повторно би ја избрал музиката.“
Дали во некој момент во овие 40 и нешто години ви дојде преку глава, па посакавте сепак да се откажете од музиката?
„Во еден момент да. Се сеќавам точно на тој момент, се случи на Гитаријадата во Зајачар, кога реков „Не постои веќе „Рибља чорба“, се растураме“. Тоа беа некои воени години и една голема депресија заради сето тоа што се случуваше во тоа време во Југославија. И јас бев навистина депресивен и мислев дека е крај. Дури и албумот го нареков „Песна на лебедот“, ама се покажа дека тоа не се нашите последни песни, а ни јас не бев задоволен од тоа како звучеа тие „последни“ песни и тогаш решив да продолжам да се занимавам со ова додека дишам.“
Што ве извлече од депресијата? Што ве врати назад?
„Луѓето… публиката… реакцијата во Зајачар беше страшна и сфатив дека е неопходно да продолжам и да сум врзан со музиката додека имам што да кажам. А во оној момент кога нема да имам да кажам нешто ново, интересно, тогаш веќе нема да има смисла да сум на сцената.“
Во подготовка е 20 албум на „Рибља Чорба“. Каде ја црпите инспирацијата за целата оваа количина на музика?
„На прво место е љубовта, а дури потоа сè останато. Ете, би можел да напишам песна за Трамп кој утрово победи на претседателските избори во Америка.“
А би напишале песна за Трамп?
„А зошто да не? Тоа се теми, инспирација, приказни…“
Не мислите дека тоа е повеќе стил на „Прљави инспектор Блажа“, отколку на “Рибља Чорба“?
„Ха, ха, Блажа е прекрасен човек, навистина прекрасен. И многу позитивен лик. Да, во право си, нему би му „легнала“ ваква песна. Јас би можел да напишам песна „Хомер Симпсон за претседател“. Тоа е најпаметниот Американец што го знам.“
Кои се песните што секогаш ги свирите на своите настапи?
„Да, секогаш е неопходно да се свират некои песни, кои се хитови и кои публиката обожава да ги слуша. Ви нив влегуваат „Лутка са насловне стране“, „Остани џубре до краја“, „Амстердам“, ама пред сите нив – „Погледај дом свој анџеле“. Тоа се песни што останаа, што нè одбележаа нас како бенд.“
Сепак, постојат ли песни што многу ги сакате, а сметате дека се потценети од публиката?
„Па, да, тоа се оние „аутсајдер“ песни, коишто се депресивни и тажни, на пример песната „Презир“. За мене таа е голема песна, ама толку ги фрла луѓето во депресија, што нема смисла да ја свириме. Таква е и „Збогом Србијо“… Тоа се некои песни што можам слободно да ги наречам – очајнички.“
Во својата кариера работевте со некои од најголемите имиња на поранешната ЈУ сцена… Од кого научивте најмногу вие? Ама имаше ли и такви што доаѓаа за совет кај вас?
„Многумина доаѓаа… од музичари до политичари. Ама и јас барав совет од многумина. Можам да ги наречам гуруа, барем за мене. Тоа се четири важни личности, а единствениот жив од нив е Матија Бечковиќ, најголемиот ум, најдобриот и најпаметен српски поет. Ако некој заслужил Нобелова награда за поезија, тогаш е тоа тој, не Боб Дилан. Тука е покојниот чичко Душко Радовиќ кој ме научи да ги штедам зборовите; покојниот Зоран Радмиловиќ, еден од најголемите актери на овие простори, вистински гениј на сцената и драмскиот писател Ацо Поповиќ, кој ни беше вистински ментор кога бевме млади, кој нè поддржуваше. Од секој од нив научив по нешто.“
Кога ќе се свртите назад, постои ли нешто во животот за што жалите?
„Единствено што не направив повеќе деца. За ништо друго не жалам.“
Летово се оженивте по трет пат. Како си поминувате на меден месец?
„Многу убаво. Јас обично го правам утринското кафе, а сопругата готви, иако сме на диета двајцата. Нè „има“, ха, ха, ха.“
Македонската публика ќе ве види на концерт во Скопје за една недела. Какви ви се очекувањата?
„Очекувам да дојдат луѓето. Навистина се добри бендовите што ќе настапат – „Црвена јабука“, „Ван Гог“ и ние. Ова е добитна комбинација. Ние ќе дадеме сè од себе.“
А дали по 20-тиот албум може да очекуваме промоција на новиот материјал на концерт во Скопје?
„Верувам дека ќе има. Но, за следната година во јуни подготвуваме концерт на „Маракана“ и прв пат се осмелуваме како „Рибља Чорба“ да се обидеме да ја наполниме „Маракана“. До тогаш нема да има други големи концерти или настапи, но од есен се гледаме во Скопје.“
Подготви: Андријана Јовановска
Фото: интернет
При објавување материјали од порталот www.hybread.mk во друг медиум, задолжително наведете го изворот од кој е преземен текстот.
Discussion about this post