Безгранична е убавината на Македонија. Таа во себе крие многу места, градови, села и населби за кои ние можеби сме слушнале, а сепак не знаеме ништо повеќе од името. Денеска решивме да ви го прикажеме одблиску бисерот на Бистра, Лазарополе. Сместено во висините на планината, таму каде што му е местото, оти се чини дека недопрената убавина која плени е таква, само заради неговата местоположба. Ова е место каде секој може да го најде својот душевен мир и благосостојба. Место со кое се гордеат сите лазарополци, без разлика каде и да ги однел патот низ светот.
Лазарополе, населба која настанала од раселените жители на две претходни позначајни и познати селски населби. Едната е Главино село за кое се претпоставува дека било главно село во Мијачијата, па оттаму и неговото име. Втората населба е Лопушник и се наоѓа на планината Бистра, во непосредна близина на Лазарополе. Постојат делумни информации дека овие две поранешни населби чии жители го основале Лазарополе, се раселени присилно, во времето на Османлиското владеење на овие простори. Доаѓањето на првите жители на Лазарополе кое се случило под опишаните услови е раскажано во една легенда каде се опишани страдањата на жителите на Главино село, масовното пребегнување од родните места, како и тоа дека се засолнувале во местото неречено Калина Дупка. Откако поминала опасноста, од пештерата каде биле засолнети, излегла една девојка по име Калина и почнала да ја пее песната:
...Сите Турци поминае
Калина мома не ја видео…
Кога забиите го слушнале гласот на Калина, се вратиле назад, ја откриле пештерата, ставиле слама на влезот и ја запалиле. Сите луѓе кои биле засолнати внатре, се задушиле од чадот, освен еден – Лазар, кој успеал да се довлечка до отворот на другата страна на пештерата која излегувала во месноста наречена Дупчиња. Спасувајќи се заедно со семејството се населил на оваа мала планинска висорамнина и ги поставил темелите на населбата што го добила неговото име.
Лазарополе се наоѓа на планината Бистра, прочуена по својата убавина. Населбата се наоѓа на надморска височина од 1350 метри, на простор опкружен со бујни шуми, ретко питоми планински пасишта. Заради поволните услови се развило и сточарството, поточно овчарството, познато по своите висококвалитетни производи, особено сирењето и кашкавалот. Сигурно досега сте имале прилика да го испробате вкусот на Лазарополе. Замислете дека дегустацијата ја правите токму таму, со убаво вино, пријатно друштво и насмевка на крајот од денот. Е, тоа е вистинско уживање.
Инаку. Лазарополе во своја непосредна близина ги има селата: Росоки, Сушица, Галичник, Селце, Тресонче, Гари, Осој, Могорче, Ехловец и Душегубица. Климата тука е континентална, со повремени медитерански влијанија, а карактеристични се пријатните и свежи лета, како и благите зими.
Богато со флора, во лазарополската околија доминира буката, дабот ја следи на одредени простори, а во некои делови се сретнуваат чамот и евлата.
Што се однесува до фауната, тука се сретнуваат зајакот, лисицата, мечката, а поретко волкот и рисот. Птиците се исто така присутни. Најбројни се врапците, славејот, враните, клукајдрвецот и соколот, а понекогаш се сретнува јастребот и црниот орел. Лежиштето на орелот се наоѓа на една извишена карпа непосредно до селото, наречена Соколица. Нема човек кој не го знае ова место и нема своја лична приказна врзано за него.
Најзначајните месности во околината на селото се: Миревичина, Краста, Портица, Градишча, Цуцул, Ушкукувче, Света Недела, Долна Река, Долни Ограѓе, Задел, Ѓурепи, Музаќица, Речиште, Долни Гробишча, Поричерева, Горно Поле, Бошков Мост, Прпушковица, Митроски Дол, Два Клаенца, Свети Танас,Оштрилец, Старо Село, Папраѓе, Лески, Судено, Дренишча, Дупчиња, Подпевчи, Повчедол, Добрава, Горни Ограѓе,Ќупоска Краста, Еѓупска Ледина, Мачкино, Накрст,Горни Рид, Гробишча, Марково Седло, Крастиче, Радево, Сливче, Мала Ледина, Голема Ледина, Црн Врв, Желичка Краста, Палоски Ливаѓе, Јаорска Вода, Ѓешково Градено, Цоцово и Великин Извор.
Лазарополе уште од своето постоење немало тешкотии со водоснабдувањето бидејќи вода се обезбедувала од повеќе чешми и чешмичиња. Познатата Горна Чешма е поврзана со свадбениот обичај, младата како девојка, а потоа и како невеста се носи да налее вода во придружба на свадбари со зурли и тапани.
Уште еден интересен обичај е кога ќе се роди бебе, во неговите пелени се ставало моливче со желба тоа да биде умно и учено, што пак ја отсликува големата посветеност која лазарополци ја гаеле кон образованието и науката.
Тие низ годините биле познати по љубовта и дарбата за песната и орото. Биле ценети како ненадминливи во ороводството. Во таа насока, мора се спомене и познатото оро Тешкото, кое по својата убавина и тежина во играњето е нанадминливо. Со ова оро, фолклорните групи кои постоеле во Лазарополе, добивале значајни награди и признанија во речиси сите манифестации што се одржувале од овој вид. Особено е значајно учеството на фолклорната група Ланголен, што се смета за највисок дострел. Велат, ако видите некој млад човек како лесно и ритмично потскокнува на македонско оро, да знаете дека е од Мијачкиот крај.
Жителите на Лазарополе, како и тие од соседните села на Мијачијата, секогаш биле нераскинливо поврзани со својата христијанско православна вера. За тоа сведочи и убавината на селската црква Свети Ѓорѓија, изградена и осветена во 1841 година за која посебна заслуга имал и Ѓурчин Кокале.
Лазарополци, како и сите Македонци во тој период, заминувале на печалба, а интересно е тоа што кога и да се врателе од туѓина, тоа било празник во домот на домаќинот кој го славеле сите членови на семејството со голема радост и веселба. Младите жители ја ценеле уметоста, биле посветени на играњето ора, се собирале и си ја полнеле душата со песна и радост.
Споменавме дел од обичаите погоре во текстот, но да се навратиме на свадбениот кој е навистина интересен и значаен за Мијачката околија.
Свадба – Во минатотот, за разлика од денес, важеле поинакви правила кога се правела свадбената церемониа. Тогаш, подготовките почнувале уште во четврток кога се меселе лебовите за свадбата. Нив ги меси девојката која е таткова-мајкина, односно таа која има живи родители. Кога се меси лебот, присустуваат роднини претежно од женскиот род и на месаријата и пеат
Месарија таткова мајкина
Месарија бела црвена
Месарија од голема рода…
Во петок се оди на папрат и тоа во месноста Папраѓе. Таму се собираат другарите на младоженецот заедно со стариот побратим и со два коња тргаат по папрат. Останатите кај месноста Мосте под глогот играат, пејат и чекаат да дојдат коњите товарени со јавор и папрат. Штом дојдат сите заедно се упатуваат кон куќата на младоженецот.
Во сабота рано наутро пред изгрејсонце се поставува свадбениот бајрак, чин на кој се канат најблиските роднини. Потоа се оди по тапаните. Свекрвата во ново руво, само што ќе стигнат тапаните, со два леба во сито на главата и карта вино го игра свкрвиното оро. Во недела сабајле се оди на гробишта да се поканат покојните на свадба. Се оди со зурли и тапани.
Убави се лазарополските обичаи за свадба каде се почитува традицијата македонска. Меѓу останатите празници кои се одбележуваат традиционално се и Бадник, Василица, Водици, Прошчени поклади – Прочка, Тодоровица, Летник, Еремија, На Билје(Потки), а посебни обичаи има и одењето на гурбет.
Денес во Лазарополе живеат неколку фамилии во текот на целата година, но затоа пак неговата живост и енергија се чувствува во летните денови кога неговите синови и ќерки се враќаат со проширените фамилии да уживаат во природната убавина која го краси ликот на ова место.
Можеме уште многу страници да испишеме за Лазарополе, но за да можете вистински да ја почувствувате неговата историја и убавина треба да појдете и ја искусите сами. Да уживате во глетката, во чистиот воздух, во домашно подготвената храна, во пријатниот амбиент во кој комплетно ќе уживате. Овде природата ве повикува да бидете дел од неа, да доживеете совршенство кои го чувствувате со првотот доаѓање таму, затоа што верувајте, ќе сакате да се враќате постојано. Само на тој начин ќе создадете нови спомени кои засекогаш ќе останат врежани во сеќавањата.
Автор: Бранкица Анѓелевска
Извор: Книгата “Лазарополе – во подалечното и поблиското минато” на Сотир Шошковски и Васко Попоски.