Фронтменот на американската рок група Нирвана, кој е и денес еден од омилените пејачи на сите генерации, почина на 5 април 1994 година. Музиката на Нирвана и Кобејн и 23 години по неговата смрт имаат огромно влијание на младите рок генерации. Да беше жив, овој музичар денеска ќе го прославеше својот 50. роденден.
Курт Доналд Кобејн е роден на 20 февруари 1967 година во Абердин, САД. Тој беше пејач, текстописец и гитарист на групата Нирвана. Успехот на бендот кој дојде неочекувано по само еден албум, му донесе огромна светска слава. Но, младиот музичар како да не можеше да се навикне на успехот и популарноста и тешко ги прифаќаше промените во животот.
И покрај тоа, тој е еден од најголемите лидери на „гранџ“ движењето, музика која ја промовираа тој и неговиот бенд. Според многумина, влијанието на Кобејн е толку големо, што тој и Нирвана засекогаш го сменија звукот на поп музиката во светската музика. Тоа го прави Кобејн еден од највлијателните музичари што некогаш живееле, иако, и ден денес неговите пријатели знаат да кажат дека тоа не била неговата намера. Кобејн, едноставно, сакал да се занимава со музика и да создава работи што ќе го направат среќен.
Неговата најпозната песна „Smells Like Teen Spirit“ од 1991 година, го одбележа почетокот на драматичнотпо повлекување на некои од доминантните музички правци кои постоеја во 1980-те години. Подоцна, оваа песна е прогласена за химна на генерацијата, а благодарение на тоа, Кобејн беше прогласен за предводник на „Генерацијата Икс“.
Денес видеото за оваа песна го гледаат дури и генерациите што не биле родени во времето кога Кобејн се самоуби. Ова е и едно од најгледаните видеа на YouTube со скоро 500 милиони прегледи.
Освен „Smells Like Teen Spirit“, кариерата на Кобејн и Нирвана ја одбележаа песните „Lithium“, „About a Girl“, „Polly“, „In Bloom“, „Come as You Are“, „Heart-Shaped Boх“, „All Apologies“ и контроверзната „Rape Me“. Нивниот албум „Nevermind“ и понатаму се смета за вистинско музичко ремек дело во областа на алтернативниот рок.
Кобејн е првиот музичар од негов калибар кој изврши самоубиство. Тој е и еден од претставиците на таканаречениот „Клуб 27“, ѕвезди кои починале во 27-та година од животот.
Покрај неговото тело е пронајдено и проштално писмо напишано со црвено мастило и последниот албум на Нирвана „In Utero“.
Курт Кобејн беше во брак со рок пејачката Кортни Лав, со која ја има ќерката Френсис Бин Кобејн, родена 1992 година. Таа, пак, тргнува по стапките на своите родители и влегува во светот на музиката. Дали еден ден ќе биде успешна како татко ѝ, останува да покаже времето.
При објавување материјали од порталот www.hybread.mk во друг медиум, задолжително наведете го изворот од кој е преземен текстот