Неодамна „24 Вести“ стана „ТВ 24“, а со тоа се смени и концептот на телевизијата. Поразговаравме со Сања Савеска, која секој ден можете да ја гледате во емисијата „Македонија денес“. Освен за новите ангажмани таа ни раскажа и за средбите со Новак Ѓоковиќ и Ники Лауда.
Кои се најголемите промени во телевизијата по ова ребрендирање ?
Грижата за навремено, прецизно, објективно информирање со сите нишани ќе продолжи и понатаму, за тоа овие изминати шест години ја добивме довербата од граѓаните, кои и понатаму остануваат во нашиот фокус. Документари филмови, играни серии, забавно–едукативни емисии, културни содржини како и најновите информации од спортот се само дел од новитетите кои дојдоа со ребрендирањето на ТВ 24. „Андрија и Анѓелка“ веќе ја освоија пошироката публика.
Како резултат на промената се случи „Македонија денес“. Каков е концептот на емисијата?
На ТВ 24 ѝ недостасуваше ваков утринско – пладневен појас, во кој ќе има место за најразновидни содржини, гледачите тоа го бараа, а и нам ни требаше таков простор каде што ќе можеме да вметнеме гости од најразлични области, познати, успешни, помалку познати но интересни личности со убави и инспиративни приказни, место каде ќе може да се слуша убава македонска музика, каде што ќе остапиме голем простор за култура, минути за правни но и здраствени совети и сето она што ќе го задржи вниманието на гледачите и во една сериозна атмосфера да бидеме не толку сериозни но интересни и привлечни за публиката.
Овој пат сте секој ден пред камерите, и тоа во двојка… Како се снајдовте со оваа промена?
Точно, секој ден по четири часа, и се надевам нема да им станам здодевна на гледачите. Искрена да бидам, не е лесно и исцрпува, но е навистина убав предизвик, бидејќи сами стоиме комплетно во реализацијата на „Македонија денес“, па работниот ден нема крај, а работната недела поминува со брзина на светлината. Прв пат пред камерите во двојка и тоа женско дуо. Со мене во тимот се Мартина Проковиќ Костовска и Јана Серафимова, и иако се вели дека женски можеби и на толку добро комуницираат, сега за сега тимот функционира одлично и имаме добра соработка, енергијата која ја имаме е на исто ниво, сите три сме на иста бранова должина иако сите три сме различни по сензибилитет, возраст и искуство, кога сме во двојка пред камерите гледачите тоа го сакаат и успеваме да бидеме позитивни и насмеани цели 4 часа пред камерите, а 20 зад нив.
Што се случува со „Работна Сабота“? Дали постои емисијата по која Ве препознаваа, ќе добие нов формат или ќе чека некои други времиња да се врати во етерот?
„Работна Сабота“ повеќе не е работа и сега е ден за одмор. Две години оваа емисија беше редовно на програмата и низ неа продефилираа навистина голем број гости од естрадата. Сега за сега истите тие мои драги гости се дел од „Македонија денес“, емсија која во моментов е мој приоритет и предизвик, па поради тоа „Работна сабота“ за сега е „пензионирана“.
Интервју со Новак Ѓоковиќ… со Ники Лауда… колку е тешко да се стигне до луѓе од овој калибар?
Тешко, но остварливо. Во екот на славата да се добие интервју од светски број 1 спортист е веројатно сон на секој новинар, а беше и мој предизвик. За интервјуто со Новак чекав цели две години на одобрување и слободен простор кога тој ќе биде во Србија за да го реализираме. Иако изгубив можеби надеж дека токму мене ќе ми отстапат простор еден ден, ден кој сигурно ќе го паметам целиот живот, ми јавија дека за три дена треба да бидам во Краљево на Дејвис купот каде што ќе добијам прво ексклузивно интервју за Македонија од најдобриот тенисер во светот во тој миг.
Интервјуто пак со Ники Лауда се случи сосема спонтано и во рок од неколку часа кога дознав дека доаѓа во Македонија, поточно во Гевгелија, со екипата се упативме кон југот каде што успеав од трикратниот шампион во Формула 1 да добијам кусо интервју.
Кое интервју Ви беше поголем предизвик ? Кој од двајцата беше подобар соговорник?
Дефинитивно Новак, поради тоа што беше во екот на неговата популарност. Кој беше подобар соговорник… па можам да кажам дека и двајцата се исклучителни личности, сосема непосредни и пријатни за разговор, луѓе со огромен респект, вистински ѕвезди, а сепак сосема обични и нормални. Дефинитивно нивната големина е во нивната приземјеност и почитта која ја имаат кон сите нивни соговорници.
И покрај ова, кој дел од Вашата работа би го издвоиле како посебен, нешто што сметате дека ја одбележало Вашата кариера?
„Топ Форма“, мојата прва емисија на ТВ24 Вести. Тоа беше навистина убав период во мојата кариера, кога креирав една навистина убава емисија, теренска со многу успешни млади спортисти, момци и девојки кои својата љубов кон здравиот живот и своите здрави навики преку оваа емисија ги пренесоа на публиката па и на мене, иако се уште не трчам на кеј.
Кажете ми за почетоците во кариерата … Кој е патот по кој одевте за да стигнеш дотука?
Велат што ќе си играш како дете, ќе те следи целиот живот, а јас си играв новинарка и постојано читав вести, поставував прашања и се замислував дека сум на телевизија. Веројатно тука се почетоците, кога ја читав во дневната соба пред телевизорот програмата, односно што ќе се емитува тој ден на ТВ.
Во основно веќе бев во новинарската секција и со нашата наставничка по македонски јазик издававме наш весник, а во средно почнав да работам во една наша приватна радио станица и водев емиисја за деца, Диско Коцкичка, а подоцна и емисија за млади. Долго паузирав од медиумите, па подоцна водев квиз на А1 ТВ и работев во истата куќа на натсинхронизација на цртани филмови – Покемон, Драгонбол, Фифи, Телетабиси, Дигимон… Потоа започна мојата работа во ТВ 24 и еве ме тука се уште.
А кој Ви е најголемиот предизвик…? Каде би сакале да се видите во иднина?
Големо шоу со многу публика, ексклузивни гости и огромен продукциски тим.
Подготви: Андријана Јовановска
Фотографии: приватна архива
При објавување материјали од порталот www.hybread.mk во друг медиум, задолжително наведете го изворот од кој е преземен текстот