Руски раскажувач, писател, човек кој ја одбележа големата руска книжевност во 19 век, Антон Павлович Чехов е писател кој може да се вброи во редот на најголемите руски класици – Пушки, Достоевски, Лермонтов, Толстој… Тој е основач на модерната руска и европска традиција во областа на драмите и расказите.
Во едно писмо кое е познато на јавноста, тој му се обраќа на својот брат со неколку животни совети:
„Животот има свои услови. За да биде човекот прифатен меѓу вистински образованите луѓе, мора да биде културен.
Тие ги почитуваат луѓето и затоа се секогаш љубезни, внимателни и подготвени да направат нешто добро за друга личност.
Чувствителни се кон другите, не само кон питачи на улица, туку и кон мачки.
Се грижат за она што не е видливо и подготвени се да се жртвуваат за можат да помогнат некому.
Ја почитуваат туѓата сопственост и затоа ги враќаат своите долгови.
Искрени се и презираат лага. Не лажат дури и кога станува збор за ситници. Лагата го навредува соговорникот и го понижува во очите на говорникот.
Не позираат и се однесуваат исто на улица и во својот дом, не се прават важни пред скромните пријатели.
Не се склони кон празни разговори, ниту пак се оптоваруваат со нечии провокаторски исповеди. Од почит кон туѓиот слух, повеќе молчат отколку што зборуваат.
Не се понижуваат себеси за да предизвикаат сожалување. Не играат на картата на туѓата чувствителност за да го свртат вниманието на себе. Не велат„Мене никој не ме разбира“, затоа што сметаат дека тоа се евтини и вулгарни трикови.
Тие не страдаат од плитка суета. Тие не се грижат за лажните вредности, да бидат познаници со познати личности или за тоа што самите се познати. Ако сториле нешто значајно, тие не го прават тоа најважно на светот и не се фалат што имаат пристап таму каде другите го немаат.
Ако имаат дарба тие ја почитуваат. Жртвуваат одмор, романса, забава, суета. Тие се горди на својот талент, но и многу посветени на тоа.
Имаат силно чувство за естетика. На спиење не одат во облеката што ја носеле претходно, го одржуваат чист животниот простор. Водат сметка и ги контролираат своите нагони и во спротивниот пол да не гледаат сексуален објект, туку личност.
Тежнеат кон оригиналност, отменост, човечност, се воодушевуваат на мајчинските чувства.
Се држат до начелото – во здраво тело здрав дух.
Така изгледаат културните луѓе. Да биде човек културен не е доволно само да чита романи и да оди во театар. Тој мора постојано, деноноќно да работи на себе, да чита и учи, да се труди… и веднаш да ја отфрли суетата бидејќи секој изгубен час е важен.“
Вака го завршува своето писмо Чехов.
Извор: pozitivanstav.com
При објавување на материјали од порталот www.hybrid.mk во друг медиум, задолжително наведете го изворот од кој е преземен текстот.

