Моќта на комуникацијата
Еден ден навистина би сакала да напишам магичен рецепт кој ќе ги реши сите проблеми кај децата, но за жал знаеме и сами дека такво волшебство не постои. Сепак, осознав нешто, што е исто толку магично и може да помогне во решавањето на многу проблеми, а тоа е дека наместо да се трудиме детето да живее во нашиот свет, ние би требало да се вклучиме во неговиот.
Првата информација која сакам да ја споделам со Вас е дека мозокот е орган кој е непотполно развиен кога детето ќе се роди, а неговиот развој завршува од прилика помеѓу 25 – 30 година, што значи дека ние не треба да очекуваме од едно тригодишно дете да разбере се’ кога нешто ќе му кажеме (дури и по 10 х повторувања). Ова секако не значи дека ние ќе го гледаме како недораснато дете и ќе престанеме да комуницираме со него, туку значи дека всушност таа комуникација преставува клучот кој го дава “магичното решение” кое што треба постојано да се практикува од почеток и од почеток.
Кога разговараме со децата правиме нивниот мозок да расте
Комуникацијата со детето започнува уште во 6. недела од интраутериниот развој, а тоа е времето кога започнува да се развива детскиот мозок. Во првите три години од животот на детето најголем акцент би требало да се стави на емоционалната интеграција а не на развојот на когнитивните вештини. Емоционалната интеграција создава конекција помеѓу детето и возрасните, а допирот – кожа на кожа е тоа што во првите години е многу важно. Токму поради тоа и неслучајно кога ќе му кажеме на детето “Смири се” да не не разбере, а кога ќе го гушнеме да ја разбере прегратката и да исчезне вознемиреноста, бидејќи тогаш се смируваат центрите во мозокот кои се одговорни за таквото бучно однесување.
Дали знаете дека децата чии родители ги опишуваат своите секојдневни активности слушаат околу 1000 зборови секој час?
ДЕТСКИОТ МОЗОК РАСТЕ СЕКОЈ ПАТ КОГА РАЗГОВАРАМЕ СО НИВ
Поентата на комуникацијата е детето да почуствува дека ние го слушаме, разбираме и почитуваме. Потребно е барем еден од возрасните да му верува на детето бидејќи со тоа им даваме поддршка во развојот, биди баш Ти таа личност. Што повеќе се трудиме да го разбереме нивниот свет, толку повеќе ќе ги разбираме и нивните потреби.
”Се’ што сака да расте треба да дозволиме да расте “
Постојат повеќе видови на комуникација, но јас би се задржала на првото кое по мене е можеби и најважно кога зборуваме за децата, а тоа е моделот на ПОВРЗУВАЊЕ.
Моделот поврзување или конекција подразбира всушност разговор и тоа веднаш може да се престави со следниов пример :
Кога детето е вознемирено од некоја причина и вика. Од наведениот пример може да видиме дека овој модел на комуникација подразбира именување на емоциите, кое опфаќа:
- Согледување на емоциите на детето ( не мора секогаш тоа да биде лутина, истото го применуваме и за среќа, тага, бес..)
- Препознавање на емоциите
- Именување на емоциите
- Почитување на детските чувства
Последните две ставки многу често знаеме да ги занемариме, предвидувајќи го фактот дека детето нема доволно развиени структури на мозокот за да може во секој момент да размисли за своето однесување и да се смири само, па поради тоа таа реченица “ Смири се! ” нема висок процент на успех. И токму поради тоа суптилно се наметнува разговорот – именување на емоциите кои детето ги чувствува и почитување на истите, да му дозволиме да се чувствува тажно, среќно, луто или среќно, како што и ние смееме да го чувствуваме сето тоа. Кога ги именуваме детските емоции тоа добива информација дека ние го разбираме и тогаш е на нас да влеземе во улога на дете и да ја перцепираме ситуацијата од негова перспектива – да му пружиме искуство и да му објасниме што всушност се случило. Нормално дека не се решава се’ само со именување, туку треба и да се разговара за тоа, па можеме и да наведеме некој пример кога ние сме биле мали и сме се чувствувале исто така, што се случило за да ни биде подобро. На детето му е потребно позитивно искуство за да може да ги предвиди новите ситуации кои ќе му се случуваат, бидејќи за дете на возраст од 3 години не можеме да кажеме дека имало доволно искуства кои би му помогнале во справувањето со фрустрации, ( кога не може да добие нешто во момент). Тука клучни компоненти се трпението и повторувањето, кои во секоја наредна нова ситуација за детето овој модел на комуникација треба да го примениме од почеток.
Овој текст би сакала да го завршам со следниве неколку реченици:
Ние сме тие кои сме задолжени да низ разговор му помогнеме на детето да ги прифати и разбере своите емоции. Некои деца не можат да се изразат, но тоа не значи дека не слушаат, мислат, чувствуваат и го разбираат тоа што им го зборуваме. Суштината не е тоа што правиме за нашето дете, туку што ние го учиме да направи за себе.
Дефектолог – Татјана Багеска