Австралија со денови се справува со големите пожари и последиците од истите, а покрај големиот број на животни кои изгореа во пожарите, најмалку 24 лица исто така го изгубија животот. Огнот остави и многу семејства без домови.
Ситуацијата е критична, а сателитската снимка од планетата Земја која виртуелно се прошири само го потврдува тоа. Светот гори.
Што е причинител на катастрофалните пожари во Австралија?
Тешката и долготрајна суша, како и рекордните топлотни бранови се главните виновници за настанатите пожари. Југоисточна Австралија, која го доживува најлошото од пожарите е во рекорд на најтешката суша. Во 2019 година, многу од погодените подрачја од југоисточна Австралија го имаа својот најсушен период од јануари до август. Сето тоа со зголемените температури резултирало со пожари. Во саботата, предградието на Сиднеј било најжешкото место во земјата со 48.9 степени.
Каква штета предизвикаа пожарите?
Бројот на загинати расте (последно е 24), а десетици сè уште се водат како исчезнати. Само во Нов Јужен Велс, повеќе од 1,500 куќи се изгубени.
Според извештаите на вестите, досега изгореле 6,3 милиони хектари земја, површина скоро половина од големината на Англија. Во споредба со тоа, огромните пожари кои се случија минатата година во „Амазон“ опфатија 900.000 хектари, а пожарите во Калифорнија речиси 800.000 хектари.
Еколозите од универзитетот во Сиднеј проценуваат дека загинале речиси половина милијарда животни, вклучувајќи илјадници коали, кои за жал ја немаат потребната брзина на движење за да може да избегаат од огнените пламени. Се стравува и дека одредени животински видови комплетно се избришани од лицето на земјата.
Загадувањето на воздухот во Сиднеј и Бризбејн како последица од чадот ја достигна највисоката точка на загаденост во светот, влошувајќи ја респираторната состојба на младите, повозрасните и оние со постоечки состојби како астма.
Некои делови од Нов Зеланд, кој е околу илјада милји подалеку од пожарите, исто така ја почуствуваа последицата преку загадениот воздух. Глечерите покриени со снег во земјата забележително ја променија бојата во жолта од прашина и бројните честички разнесени од пожарите во Австралија.
Австралија e позната по својата годишна сезона на пожари, но овој пат состојбата се разликува бидејќи пожарот започна порано од вообичаено, трае подолго и е потежок за справување со вообичаените методи поради непредвидливите временски услови како последица на климатските промени.
При објавување на материјали од порталот www.hybrid.mk во друг медиум, задолжително наведете го изворот од кој е преземен текстот.