Дизајнерките на накит Јана Ацевска и Мима Пејоска, организираат дводневна бесплатна работилница за ДИЗАЈН РАЗМИСЛУВАЊЕ /DESIGN THINKING/ во рамките на проектот ДИЗАЈН ПРЕДИЗВИК /DESIGN CHALLENGE/. Ние денеска разговаравме со Јана, која ни објасни детално за што станува збор.
Јана пред Вас е уште еден предизвик, работилница за DESIGN THINKING која е дел од проектот ДИЗАЈН ПРЕДИЗВИК кој уште еднаш е во служба на креативноста. За што станува збор?
Се работи за работилница за Design Thinking или дизајн начин на размислување, пристап кој го освојува светот во последниве неколку години.
Design thinking е всушност процес насочен кон човекот. Ги охрабрува дизајнерите/креаторите да го набљудуваат или истражуваат автентичниот контекст од животот на потенцијалните клиенти и да се „соживеат“, или да ги искусат истите проблеми што тие ги имаат во сите сфери на животот, со цел создавање нови и оригинални идеи и решавање на проблемите.
За кого е наменета дводневната работилница, што ќе се изучува таму?
Работилницата е отворена за секого, без ограничување на образование, професија или возраст. Дури е пожелно и позабавно групата да биде што поразновидна. Во двата дена од работилницата учесниците ќе се запознаат со основите на Design thinking методологијата, ќе изучуваат конкретни Design thinking методи, техники и вежби и ќе имаат можност да го искусат целиот Design thinking процес.
Која е целта на работилницата?
Ова е работилница за отворање на умот. Секој кој е подготвен да излезе од стандардните начини на размислување, заинтересиран за малку поинаков пристап на решавање на проблемите, како и изнаоѓање посакувани решенија за клиентите се со цел создавање подобра иднина.
Како ќе изгледаат тие дава дена, дали ќе има предавачи кои ќе се обидат да го пренесат своето знаење и искуство на пријавените?
Предавач на ова дводневна работилница ќе биде Сузан Бергер од школата Hasso Platner D-School, која има богато искуство во многу полиња. По вокација е филозоф, но работно искуство и интересите се шират многу повеќе од тоа, се до иновација на стратегии за start-up компании, создавање музика, литература итн… сето тоа инкорпорирано со Design thinking методологијата која ја употребува за поврзување на се ова во еден креативен ум. Многу позитивна и инспиративна и одличен избор за ваков тип на умствено размрдување. Имавме голема среќа што успеавме да ја добиеме токму неа како предавач на овој workshop.
Колку учесници се планирани за DESIGN THINKING и како можат да се пријават заинтересираните?
Во овој циклус предвидени се 7 до 10 учесници и секој кој е заинтересиран може да ја испрати својата апликација до 1ви јуни. Да напоменам дека работилницата ќе се одржи на 11 и 12 јуни и ќе биде на англиски јазик.
Апликацијата може да се преземе од веб страната www.designtatamata.com.
При објавување на материјали од порталот www.hybread.mk во друг медиум, задолжително наведете го изворот од кој е преземен текстот