Филмот „Три дена во септември“ беше вистинско освежување за македонската кинематографија. Видовме современ филм, без историски прашања. Уживавме во филм кој сите нé освои поради одличната актерска игра и приказната која нé држеше будни се до последниот кадар.
Филмот „Три дена во септември“ е прв дологометражен филм на режисерот Даријан Пејовски, кој заедно со Игор Иванов го потпишува и сценариото.
Кој е Даријан Пејовски, кога тој се вљуби во филмската магија и како се чувствува неколку месеци после премиерата на овој одличен филм, читајте во ова интервју.
Кога започна вашата приказна околу филмското платно?
Ух, не знам точно, но одамна во секој случај. Моите родители редовно ме носеа во кино и отсекогаш ми била фасцинантна целата таа магија. Татко ми правеше музика за еден филм, и ме однесе во Вардар Филм и тогаш за прв пат видов монтажен стол, како се сецка филмската лента, како се проектира… Ништо не ми беше јасно, нормално, ама ми беше многу интересно. Некаде во средно школо мислам дека веќе знаев дека сакам да се занимавам со филм.
Кој беше спотлајтот кога започнавте да работите на „Три дена во септември“ ?
Отсекогаш ме привлекувале филмови кои се, условно кажано, „авторски“, но во исто време се сместени во некоја жанровска рамка. Се почна од една моја груба идеја за камерна приказна со два силни, но тотално различни женски ликови. Во една прилика, Игор Иванов и јас решивме таа идеја да ја развиеме во сценарио. Процесот на пишување траеше долго, но се исплатеше. Ја добив приказната што ја сакам, и гледајќи од денес, не скршнавме многу од иницијалната идеја.
Колку публиката успеа да ја сфати вашата порака?
Не би рекол дека станува збор за “сфаќање порака“ – публиката е интелигентна. Повеќе се работи за некакво емоционално патување кое мислам дека поголемиот дел од публиката го прифати позитивно.
Месеци после премиерата, позитивните реакции не стивнуваат… Како се чувствувате вие? Кои беа разликите помеѓу македонски и странските реакции на публиката?
Полека ми стивнува задоволството од тоа што го заршивме и прикажавме филмот. Стивнува и уморот, за среќа, но, чувствувам притисок за тоа што би го работел следно. Што се однесува до реакциите на публиката, несомнено дека притисокот беше многу поголем на македонската премиера. Сепак станува збор за домашен филм и нормално е гледачите да бидат малку скептични, да имаат можеби предрасуди кон јазикот, кон актерите, авторската екипа итн. Приемот и кај домашната и кај странската, фестивалска публика беше многу сличен, што ми е многу драго, бидејќи сакав приказната да биде универзална.
Прикажавте женски филм во доминатна машка средина… Зошто?
Па, токму затоа што сме „доминанта машка средина”. И затоа што (со чест на ретки исклучоци), женските ликови често се сведуваат на потпора на главните машки ликови. Добро е некогаш да ја видиме жената и како хероина, иницијатор на промените, мотор на приказната.
Би се појавиле ли како актер во ваш филм?
Никогаш.
Има ли дело од македонската книжевност кое силно посакувате да го екранизирате?
Во домашната литература навистина може да се најдат бисери. Без разлика дали станува збор за современи автори или нешто што е дел од нашето културно наследство. Додека бев на факултет снимив краток филм според расказ од Влада Урошевиќ. Доколку налетам на нешто што силно ќе ме привлече, сигурно дека ќе го искористам. За почеток, добро би било повторно да ги прочитаме лектирите од средно, без притисок од наставничката.
Кој е Даријан Пејовски, кога не е на сет? За што сонувате?
Кога не работам – спијам до пладне. Немам хоби, не се бавам со спорт. Гледам стари филмови. Доволно патував изминатиов период, па ми годи малку да безделничам. Што се однесува до моите соништа – си ги чувам за себе.
При објавување на материјали од порталот www.hybread.mk во друг медиум, задолжително наведете го изворот од кој е преземен текстот