Огнена Ристевска е млада и амбициозна дама во светот на бизнисот и маркетингот. Ја сака динамичната работа и личната страст кон организација на настани и брзото темпо на живот споени со образованието во економијата, направија да се пронајде токму во оваа работа.
Денеска Огнена Ристовска е сопственик на маркетинг агенцијата „Momentum“, а во пресрет на првиот Fashion & Lifestyle Expo зборуваме токму со неа…
„Momentum“ е името кое станува се поактуелно кај нас. Коментарите се позитивни од вашите соработници, но ајде да ја запознаеме и пошироката јавност со вашите активности.
Ако велите дека стануваме актуелни значи дека сме си ја постигнале целта. Како име, „Моментум“ е релативно нова маркетинг агенција со фокус на организација на настани. Прв наш поголем настан со кој се претставивме пред јавноста се одржа минатиот септември „Health, Fitness & Wellness Expo“ – прв и најголем до сега интерактивен настан за здрав животен стил.
Опфативме многу теми – здрава храна, фитнес и спорт, спортски и медицински помагала, суплементи, велнес, козметика, масажа, спа и сауна… На настанот се вклучија точно 65 учесници и поддржувачи, сите со своја квалитетна понуда и приод кон посетителите, па навистина имаше што да се види, проба и прави. Две сцени со над 30 интерактивни активности, настанот го нарекоа и „Дизниленд“ за сите приврзаници кон здравиот животен стил.
Особено сме среќни што привлековме една навистина убава публика, убави луѓе, и што во текот на сите три дена „не држеше“ една позитивна атмосфера. Дефинитивно направивме и солидна база за овој септември да понудиме уште поголемо и уште поквалитетно случување.
Пред нас е вториот поголем проект, настан, кој ќе се случи следниот викенд, а е насловен како Fashion & Lifestyle Expo.
Темата е прилично поинаква, а е конзистентна со нашата цел постојано да нудиме нови, свежи, релевантни настани и случувања, кои ќе бидат уникатни искуства за секој посетител. Секако, веројатно нешто што најмногу значи за секој кој е релативно нов на пазарот, се и позитивните коментари од соработниците и клиентите, како еден показател дека сме на прав пат во поглед на квалитетот на нашите настани и професионалноста во пристапот и грижата за клиентите.
Вашиот проект Fashion & Lifestyle Expo носи нова димензија на креативност. Предавањата се интерактивни и посетителите имат шанса да размислат за насоката и случувањата во сопствениот живот. Што поконкретно значи тоа?
Убаво формулирано – точно тоа и сакавме да го понудиме, нова димензија на креативноста. Концептот на „Fashion & Lifestyle Expo“ е нов, а областите кои ги опфаќа ги претставува во целосно ново светло и од поинаква перспектива. Идејата е дека денес, во современиот консумеризам, нашите одлуки и избори како потрошувач претставуваат начин на себе-изразување преку кој секојдневно го градиме нашиот идентитет базиран на сопствените избори, искуства, позадина и аспирации. Со настанот сакаме да им приредиме задоволство и уживање на онаа група на луѓе која не се задоволува со обичното, туку секогаш бара нешто повеќе во секојдневните (за некого рутински) искуства; која се инспирира и наоѓа задоволство во размислување „надвор од кутијата“, која сака да ги надмине вообичаените и да постави нови стандарди, која низ ситните секојдневни, навидум неважни одлуки гради свој личен стил, имиџ, идентитет – животен стил – по кој се двои од останатите, од рутината.
Настанот се стреми да биде целосна спротивност на сѐ она што е монотоно, стерилно, здодевно. Пораката која сакаме да ја упатиме кон јавноста е ништо да не прават зашто „таков е редот“ и во секое искуство, одлука, избор, да бараат повеќе од функционалност, но и искуство кое ќе ги инспирира, и ќе им претставува посебно задоволство (ќе го направат за „мерак“).
Со околу 25 врвни изложувачи ќе направиме атмосфера каде посетителите ќе можат да поминат низ различни катчиња со посебна енергија и да го почувствуваат оној wow-ефект кога ќе дојдат во допир со нешта кои се сѐ само не вообичаени, а преку интерактивната програма ќе можат да се вклучат во работилници и презентации кои се надеваме ќе им отворат нови перспективи. Настанот ќе опфати мода, модни додатоци, автомобили, ексклузивни парчиња од внатрешно уредување, технологија, книги, други луксузни добра, храна и пијалаци… Но во таа смисла, учесниците на настанот се top of the top, внимателно одбрани и интересни за секој посетител.
Дел од програмата се и предавањата и работилниците за најмладите. Како изгледа програмата и процесот?
За најмладите секогаш најдоброто. За нив подготвивме работилница со „Бреинобреин“, во недела (20ти Март) 12:00 часот, каде ќе се одвиваат активности за деца во три возрасни групи, како запознавање со абакус, мозочни вежби, тест на брзина, игра на асоцијации, креативни активности како изработка на оригами и тн. Ќе биде вклучена и презентација за родителите, а пријавите за учество се сѐ уште отворени и сите заинтересирани може да се пријават овде.
Работилницата Македонски рубин ќе се одржи на 19 Март. Што може да очекуваат заинтересираните?
И ова е една многу интересна работилница, практично ќе се даде приказ на чудесниот свет на природните минерали, кристали, фосили и скапоцени камења, нивната употреба, историја и значење, секако низ призмата на кристалотерапија. Експонатите за презентацијата ќе бидат изложени и секој од учесниците ќе може да ги види од блиску и да ги допре. Презентацијата ќе биде интерактивна, прашањата од посетители се повеќе од добредојдени, а најактивните ќе си добијат и симболични награди за спомен од убавото искуство. Пријавите се сè уште отворени, заинтересираните може да се пријават овде.
Огнена, дали оваа работа од секогаш беше твојата желба, зошто се одлучи за маркетинг?
Mојата желба, можеби не одсекогаш, но од почетокот на студентските денови, беше работата со настани. Прилично бев насочена кон тоа и се трудев да изградам искуство во организација на различен тип на настани уште за време на студиите. По природа сум динамична и ми одговара ова… во најмала рака стресно темпо на работа. Од мала ме привлекувала сцената, различни настани во живо – театар, концерти, танцови натпревари и настапи, шоу бизнисот… Релативно брзо сфатив дека повеќе се пронаоѓам и обожавам да сум позади сцената, во тимот кој ја создава оваа „магија“. Сакам да работам со креативци, а според мене најголемата креативност е позади сцената и тоа во сите креативно решени проблеми за кои посетителот никогаш нема ни да знае. И во тоа е убавината. Оваа лична страст, споена со образованието во економија и спонтаното пронаоѓање во маркетингот, така некако се најдов себе си таму каде што сум сега.
Кој е најпривлечниот момент во оваа работа?
Реализацијата на еден настан. Не би се обидувала да опишувам повеќе.
Како се справуваш со непрофесионализам?
Во себе, ужасно се нервирам. Пред другите, се трудам да поставам пример.
При објавување на материјали од порталот www.hybread.mk во друг медиум, задолжително наведете го изворот од кој е преземен текстот