Кога најголемиот буцко во одделението ќе стане еден од најпосакуваните мажи на музичката сцена во поранешна Југославија, знаете дека станува збор за Ѓуле Ван Гог. Расположен за разговор пред големиот јубилеј, 30 години од постоењето на бендот, што ќе се одбележи на 26 ноември, го вративме на почетоците, ама и на детството. Бидејќи, едното без другото не претставуваат целина.
Кажете ми како Звонимир стана Ѓуле?
„Уште во основно училиште мојот темперамент постојано ги будеше адреналинот и енергијата во мене, па без престан чукав по клупата, а тоа константно ја нервираше мојата учителка. Тоа што се презивам Ѓукиќ и фактот дека габаритно бев поблизок до топовско ѓуле отколку до некој мал средношколец, предизвикуваше таа секојпат да ми се обрати со зборовите „топовско ѓуле смири се; ѓуле, смири се; топу, смири се.“ Потоа тоа некако ме следеше низ животот и совршено се вклопи во мојот темперамент.“
Се сеќавате ли на детството? Кои Ви се некои најубави спомени од тоа време?
„Тоа мое детство и не беше толку одамна. Јас сум дете и ден денеска, во ова зрело доба. Тој Петар Пан што мафта со капата и има инфантилен однос кон реалноста, ама одговорен инфантилен однос, е нешто што во многу ме издвојува од сите останати креатори од овие простори. Така што не можам да издвојам нешто, иако како и во детството, така и денес правам разни шеги, нестрплив сум, не ме држи место и некако научив да ги почитувам повозрасните, околностите. Ме воспитуваа да станам вистински, квалитетен човек, што не значи дека сум безгрешен и без мани, ама се трудам квалитетите што ги имам, да ги претворам во уште подобри квалитети.“
А сте добиле ли некогаш ќотек како дете? Тоа е некаков неизбежен дел од процесот на растење…
„Моите родители не беа агресивни, напротив, на тој пат на растење беа многу толерантни кон мене. Ми препуштија да се грижам за самиот себе, а тоа што живеев во интернати кога растев, направи да научам навистина да се грижам за себе од мали нозе. Ни на улица не бев конфликтен во смисла дека некој ме натепал, никогаш. Секогаш кога имало некаков конфликт повеќе бев за опција да седнеме и да испиеме нешто наместо да се тепаме.“
Ви беше ли вашето карактеристично „Р“ комплекс како дете?
„Не беше комплекс, исто како што не ми беа комплекс ни вишокот килограми, ни малиот број килограми. Како дете имав потреба да сум среќен, насмеан, задоволен, а „Р“ им беше симпатично на луѓето околу мене, колку на мене и да ми пречеше, па на крајот го прифатив.“
Ве интересирал ли некогаш спортот или тоа отсекогаш била музиката?
„Само музиката. Не сум спортски тип. Иако, како расте син ми, научив да го засакам фудбалот и гледањето фудбал ми стана пасија, подеднакво голема колку и концертите.“
Кој Ве внесе во светот на музиката?
„Од својата петта година свирам виолина. А и моите родители отсекогаш слушале добра музика – Хендрикс, Џоплин – па дома постојано имаше пуштено музика. Влегов во светот на класичната музика како дете, ама излегов брзо оттаму за да влезам во светот на рокенролот.“
Бегавте ли од часови заради музиката?
„Не бегав. Во тоа време ми беше убаво да одам на училиште, бидејќи луѓето со коишто се дружев веруваа дека е поинтересно да се дружиш со пријателите на училиште отколку да седиш дома. Ама не бев бубалица, просек ми беше тројка.“
Дали како на музичар Ви беше полесно да заведувате девојки?
„Јас бев буцко, а сите мои другари беа згодни. Можеби за разлика од другите имав повеќе шарм, ама во нашето друштво секогаш имаше многу девојки, со тоа што сите мои пријатели имаа девојки, а јас имав другарки. И во тоа време ми беше сосема океј. Барем до оној момент додека не ја најдов мојата девојка и еве, со неа сум и денес на моја среќа и задоволство.“
На која финта ја фативте сопругата? Или таа Ве фати вас?
„Не сакам да зборувам многу за приватниот живот. Ама, ќе кажам дека ние имаме некој свој малечок свет и секој ден ни е исполнет со љубов, почитување, разбирање. Прво ни се разбраа срцата, потоа рацете.“
Се сеќавам на Вашата улога во серијата „Лисици“. Дали Ве влече глумата?
„Играв епизодни улоги и во неколку други серии, а имам и мала улога во филмот „Стадо“ на Никола Којо што на 23 ноември ќе се промовира во Белград. Па да, нешто да снимам пријателски, некоја епизодна улога зошто да не, ама нешто повеќе од тоа не би сакал.“
Што може да Ве извади од кожа?
„Расипани луѓе и политичари кои сметаат дека се поважни од народот.“
Која песна би ја одбрале како личен фаворит – „Списак разлога“ или „Неко те има ночас“?
„Лесно е, „Списак разлога“.“
Бележите 30 години од основањето на групата Ван Гог. Како ќе го прославите јубилејот?
„Се сеќавам на сè од самиот почеток, ништо не сум заборавил. Сè ми е подеднакво драго, а таа биографија што ја издадовме скоро за нашите 30 години на сцената е доказ за нашите патешествија. Па на 26 ноември во Експо центарот во Белград ќе го прославиме „роденденот“ со голем концерт кој ќе трае осум часа. Мора да кажам – секој ден во Ван Гог беше инспиративен и интересен, и сите работи што се случија беа слатки и неопходни да се случат, токму тогаш кога се случија.“
Подготви: Андријана Јовановска
Фотографии: интернет
При објавување материјали од порталот www.hybread.mk во друг медиум, задолжително наведете го изворот од кој е преземен текстот.