Во една пријателска и неофицијална атмосфера, во просториите на неговата маркетинг агенција, се сретнав со момчето кое повеќе или помалку израсна пред очите на македонската јавност. Иако беше дел од многу серии како Светот има осум страни, Погрешно време, Умни Глави, Дали Како Што, Здраво генијалци, сепак најмногу се сеќаваме на малото и симпатично детенце со име Диме Такси од ТВ серијата “Големи и мали”. Следеше период на пауза, а потоа повторно се појави на телевизиските екрани, но овојпат како спортски новинар, презентер и коментатор на спортски настани во телевизијата Спорт 4.
Ангажманите кои следеа беа во телевизијата А1 каде работеше на емисијата “Ексклузив”, а нешто подоцна се роди и идејата за шоуто “Еден на еден” кое трае до денес. Зборувавме за неговите почетоци, за луѓето кои професионално го инспирирале, за емисијата, како го поминува слободното време и уште неколку други работи за кои ќе прочитате во продолжение од интервјуто со Жарко Димитриоски…
Жаре со што си ангажиран во моментов, покрај снимањето на твоето шоу “Еден на еден”…Имаш сопствена продукција и маркетинг агенција и работите со полна пареа…
Да ти кажам во моментов не можеме да си се посветиме на емисијата колку што би сакале оти имаме премногу работа на страна. Почнавме случајно. Кога се затвори А1 почнавме да работиме сами, на почетокот копродукциски, проектите ни беа само телевизиски, но полека почнавме да ја шириме работата, тргна и сега агенцијата работи со полна пареа. Продукцијата пак, постои некаде 4 години. До пред извесен период бевме актуелни не само со видео продукција, туку и со организирање на стенд-ап настапи, но тоа е на стенд-бај. Што се однесува до емисијата, “Еден на еден”, таа постои речиси 8 години. Ова е седмата сезона, направивме една година пауза по затворањето на А1. На шоуто вкупно работат околу 30ина луѓе односно тоа е бројката на ангажиран персонал за една епизода. Се трудиме многу и даваме максимум за шоуто. Гостите уживаат во амбиентот, си поминуваат супер на снимањата, публиката исто така, има навистина убава енергија.
Како Диме такси порасна да биде во моментов најмладиот и најгледан шоумен во Македонија?
Со многу работа.
Се надеваше, сакаше да бидеш тоа што си денеска или сличајно настана се?
Секогаш сум се надевал. Има една приказна која што ми ја раскажуваше мајка ми, а е врзана за тоа што сум денес. Како многу мал, некаде на шест годишна возраст, ме однеле на настап на Игор Џамбазов, тогаш го промовираше албумот “Ова не е блуз”. Моите родители ме однеле на свирката, јас гледајќи го Игор сум рекол – Е ова сакам да бидам кога ќе пораснам!
Уште една ситуација на која се сеќавам е од времето на А1 кога работеше Џамбазов, конкретно на емисијата “Тркало на среќата” веројатно. Пред да го почне проектот имаше интервју во весник. Се сеќавам дека беше облечен во бело одело(се смее) и имаше прашање Кого сметаш за наследник? Тој одговорил ‘Јас гледам само еден’ и ме спомнува мене. Можеш да замислиш каков момент ми беше тоа. Еден од најпозитивните во кариерата. Тогаш знаев дека се е ОК и дека одам на прав пат.
Го споменавме Игор Џамбазов како пример за шоумен кој од секогаш си го почитувал, но тоа е за Македонија. Кажи ми, кој од странските познати имиња ти е омилен, од кого најмногу си учел?
Додека растев тоа беше Летерман, Лери Кинг, а од поновите, Крег Фергусон манијакално го следев. Стивен Колберт и Сет Маерс ги обожавам. На публиката треба да и го дадеш тоа што го сака, а ние редовно правиме истражување на јавното мислење според кое креативно ја осмислуваме емисијата. Мојот личен впечаток е позитивен бидејќи благодарение на влијанието на ток-шоуата од надвор, се менува и вкусот на публиката кон подобро.
Кој ти е човекот уво?
Ги слушам Мики и Бране иако кога ќе почнат да коментираат цела режија се слуша! (се смее)
Како се подготвуваш за емисија?
Закажуваме снимaње и што правиме, паралелно се работат неколку работи: едната е сценариото, има тим кој е максимaлно посветен на тоа. Друг тим работи на подготовка на студиото. Секогаш сме во консултација – им кажувам што сакам, какви кадри треба да има, дали ќе има пеење или не, дали ќе има изненадување и слично. Што се однесува до прашањата и самиот дел со гостите, ги работиме Мики и јас. Секогаш практикувам да се видам со гостите пред снимањето, се договараме до ситници. Подготвени се целосно, ги знаат прашањата и знаат што ќе одговорат. Не им е буквално цел план познат бидејќи секогаш сакам да оставам и моменти на изненадување за нив.
Со оглед на тоа дека ги знаат од напред, дали ги бираат прашањата?
Нема некои посебни побарувања. Да, имало и гости на кои не им се допаднало некое прашање меѓутоа многу ретко. Јас секогаш им излегувам во пресрет и ги менувам ако не им одговара. Не гледам причина зошто да не го направам тоа.
Имаш омилени гости кои сакаш да си ги викаш постојано во емисија?
Иако речиси да нема некој што ми рекол дека Каролина е тешка з интервју, мене многу ми се допаѓа како гостинка. Сашко Коцев е уште еден од омилените гости. Со него ми е супер бидејќи со секое негово гостување ние подготвуваме претстава. Глумците генерално ми се омилени гости бидејќи тие се подготвуваат за емисијата исто како за на претстава и тоа може да ти даде многу слобода да креираш врвно шоу. Од друга страна има и тешки интервјуа навистина. Постојат мега популарни музички имиња и кај нас и во странство кои се уште имаат огромна трема пред камера и им се тресат рацете на пример.
Дали има гости кои никогаш не би ги викнал во емисија?
Нема. Досега не сум викнал некој што не го сакам. Не ми е пракса тоа. Мене гостин ми беше и Шабан Шаулич, и него го викнавме од што сме сакале, од љубопитност, не дека сме морале или нешто. Да видиме како ќе реагира публика, каква ќе е гледаноста, кои ќе се реакциите… Инаку во моментов не би викал политичари.
Шоуто, како што кажавме и погоре, во моментов се емитува пред публика во студиото. На кој принцип ги бирате присутните?
По случаен избор. Има дел од тимот кој е задолжен за тоа и тие ги бираат. Луѓето си се пријавуваат на е-маил publika@edennaeden.mk. Владо одлучува кој влегува во крајниот избор. Кај него бунете се 🙂
Кој од досегашните емисии ти била според тебе најзабавна?
Не можам да издвојам. Преку 100 различни епизоди се и имам навистина многу омилени. Можам да ти кажам кои биле најгледани. Емисиите со Џамбазов се секогаш едни од најгледаните, со Коцев исто така. Каролина и Нина Бадриќ, Марјана Станојковска… Ако веќе треба баш една да издвојам, би ја кажал една новогодишна епизода со Трендо и Џамбазов. Интересно е тоа што тие двајца тогаш првпат во животот седнаа заедно на маса. Никогаш претходно не се погодиле. И се сеќавам дека Игор рече – Како досега не сме се сретнале ти и јас на иста маса, а Трендо му одговори: Овој град е премал за нас двајца(се смее).
Какво ти беше чувството кога првпат седна на интервју со Игор Џамбазов, со оглед на тоа дека ти бил пример за работата што ја сакаш?
Искрено, немав никаква трема бидејќи веќе се дружевме во А1. Игор е супер ментор и советник и пријател во исто време. Од друга страна, без разлика колку некој човек ми е близок пријател надвор од работа, кога ми гостува во емисија внимавам да се движиме по некоја зацртана линија и да гледаме да не ни се провлекуваат интерни шеги, за да може цела публика да го следи тоа квалитетно.
Која личност од светски ранг би сакал да ти гостува?
Интересно е што кога еднаш ми беше поставено ова прашање одговорив дека сакам да ми дојде во емисија Драган Бејлогрлиќ и после две недели навистина добивме повик дека ќе доаѓа во Скопје и дали сакаме да ни гостува во шоуто. Се поклопија коцките и го повикав во емисија. Инаку, ако веќе посакувам некое светско име, нека биде Расел Бренд.
Каков си надвор од работата, дали си поразличен отколку на емисија, како те доживуваат другите?
Јас сум генерално истиот човек, но како ме доживуваат не знам бидејќи не се ни движам многу низ градот. Работам 24/7 и немам време за вечерни или какви било излегувања. Не ни ми се излегува баш, дружењето ми се сведува на релаксирана вечер со пријатели во домашна атмосфера после работа.
Во контекст на ова, што сакаш најмногу да правиш кога не работиш?
Обожавам да патувам. Гледам тоа да биде барем 3 до 4 пати годишно. Уште од сега знам дека на крај на оваа сезона ќе одам во Дубровник, потоа во Стокхолм, што работно/што не и на крај некаде на летување. Гледам да се организирам на време со оглед на тоа дека работата е многу стресна и бара период за релаксација. Обожавам и да готвам. Знам да направам одлична паста и тоа не само да ја сварам туку комплет со сѐ. Сѐ знам да направам освен тавче гравче ама и тоа ќе го научам. Дури знам и бурек со готови кори да направам. Ти кажи само кога!
Како ти изгледа еден ден?
Станувам наутро, медитирам, во канцеларија сум малку пред 10 часот, се работи до вечер, завршува денот и вечерта гледам нешто. Еден период гледам документарци на одредена тема, друг период гледам некоја серија… Во моментов гледам филмови од 90-тите што сум ги подзаборавил. “12 monekys” “Donnie Darko”,” Seven” и слично.
Беше дел од неколку телевизиски серии, со оглед на тоа дека беше член на Детското драмско студио, дали би се вратил на глума?
Би се вратил. Нека ме викаат за филм, едвај чекам. Би бил уште подобар од Кристијан Бејл во “Американски психо”. Ќе ми “легне” убаво улогата.
Моето последно прашање е – зошто имаш таписерија со ликот на Гоце Делечев во канцеларија?
Е тоа е интересна приказна (се смее). Сликата беше во викендичката. Одиме еден ден таму, зборувам за период пред 15 години, не знаевме што да и правиме и реков да ја чуваме дека некогаш за некаде ќе се најде. Таму беше до пред некое време. Минатата година кога ја селевме канцеларијата овде, си реков дека сега е времето да се донесе таписеријата со Гоце. Јас сакав да ја закачам, но девојка ми инсистираше да бидам модерен и да ја оставам на земја, легната за ѕид. И така Гоце стана дел од екипата.
Подготови: Билјана Настеска-Каланоска
Фото: Приватна архива
При објавување на материјали од порталот www.hybread.mk во друг медиум, задолжително наведете го изворот од кој е преземен текстот