Влатко Неделковски е млад тренер во редовите на КК Работнички. Тој е човек кој ја работи професијата со љубов, учи секојдневно и е максимално посветен на истата. Почнал како играч во КК “МЗТ Скопје”, а сега е тренер на младинската група во КК “Работнички”. За неговите почетоци и моменталната позиција, повеќе од интервјуто во продолжение.
Влатко како почна сè, кога се роди твојата љубов кон кошарката?
Уште како дете ја засакав кошарката, затоа почнав да тренирам во МЗТ Скопје, за да останам таму до средношколските денови. По некаков склоп на околности, заминав во клубот “Водно Санс”, впрочем тоа беше и мојата последна година како млaдински играч каде што освоиме прво место во Македонија до 18 години.
Дали се чувствуваш дека си ја остварил целта?
Сите луѓе кога се деца имаат свои соништа, идоли и цели. Јас бев дете кое ја сакаше кошарката од секогаш и така некако останав поврзан со играта. Не можам да кажам дека се е остварено, бидејќи сум на самиот почеток, но чекор по чекор ќе стигнам таму каде што сакам и каде што ми е крајната цел. Мислам дека сум на вистинскиот пат.
Во кој момент се случи пресвртот во кариерата?
Од “Водно Санс” почна се, ми се отвори патот и можноста да почувствувам како е да бидеш тренер, благодарение на Горан Андреевски кој за мене е најдобар во неговата област, тренер во младинските категории. Тој всушност е и основач на клубот од кој излегле многу продуктивни играчи во Македонија, но и надвор од неа.
На почеток му помагав на тренинзите со дечиња, генерација 2002-2003 година, каде што и условно кажано дебитирав како тренер водејќи една селекција на мини баскет лигата на “Водно Санс”.
Следен чекор беше поврзување со кондициониот тренер Кристијан Кајчевски кој ми беше професор во средното фискултурно училиште, тогашен кондиционен тренер во КК “Работнички”, се со цел да се усовршувам во работата со децата. Знаете, тоа е специфично бидејќи се работи за нивни правилен раст и развој и потребно е големо внимание.
По негова препорака стапив во контакт со челниците на КК “Работнички” и со Тоше Гечевски, кој е координатор на младинската школа на клубот, па така мој следен чекор беше Градски Парк во улога на помошен и кондиционен тренер со три младински категории, м -14, м-16 и м-18 години, каде главни тренери се Горан Ѓорѓиевски и Ристе Стефанов.
Дали заради твоите 20 години се случува да наидеш на негативни коментари од повозрасните колеги?
Прилично сум млад, па често наидувам на коментари од повозрасната гарда на тренери во контекст на тоа како е возможно на мои години да ми биде дадена таква одговорност.
За да допреш до дечињата од помладите категории, пред се да ги натераш да ја засакаат кошарката, а притоа преку свој пристап да им ја пренесеш основата на кошарката, треба да бидеш во можност да им пристапиш најдобро што знаеш, да се поставиш на ниво на нивните сфаќања и на многу “другарски” начин да комуницираш со нив. Тоа бара трпение и нема никаков простор за нервоза. Впрочем, за да бидеш добар тренер, мора да бидеш одличен психолог.
Како изгледа секојдневната работа со децата?
Со дечиња од 14 години работата е многу чувствителна и комплексна затоа што се во фаза на созревање како ментално, така и физички. Заради тоа бара поголемо внимание и посветеност.
Покрај класичниот кошаркарски тренинг, се работи и на агилност, координација, брзина, експлозивност, скочност, сила, а најважно од се е дозирањето кај секое дете посебно во период од цела натпреварувачка сезона.
Веќе кај момците од 16 и 18 годишна возраст се работи во полна пареа, па така принципот на работа е “што се мора, а не што се може”. Таму ретко се прогледува низ прсти. Се прават отстапки ако има поголем замор од напорнатата работна недела и натпревари или не дај Боже повреда. Но, тоа е реткост, што е предност за играчите оти им се зголемуваат шансите за напредок бидејќи се пред портите за влез во првиот тим.
Што се случува моментално во клубот, како помина минатата сезона и што ве очекува во следната?
Минатата сезона помина повеќе од добро како на тренажен, така и на натпреварувачки план.
Со заедничка макотрпна работа направивме добар резултат, кај секое дете индивидуално, но и клубски каде што со сите три генерации игравме во плеј офф фазата. Следната сезона продолжуваме во засилен ритам и следно ниво со цел за поголеми резултати, односно да направиме играч кој ќе премине во првиот тим на Работнички, што е и филозофијата на клубот.
Каде се гледаш себеси во иднина, која е твојата цел?
Ова секако ми ги отвора вратите за понатамошен напредок како тренер, бидејќи покрај мене како ментори се вистински професионалци, најдобри во својата област, почнувајќи од Марин Докузовски, Тоше Гечевски, Кристијан Кајчевски и сите останати кои ми даваат безрезервна поддршка. Чест и огромно задоволство е да бидеш покрај луѓе кои биле твои идоли, а сега се твои колеги. Јас се надевам дека ќе ја оправдам укажаната шанса како што беше случај и до сега, а успесите ќе дојдат сами по себе.
Подготви: Билјана Настеска – Каланоска
Фото: Приватна архива
При објавување на материјали од порталот www.hybread.mk во друг медиум, задолжително наведете го изворот од кој е преземен текстот.
Discussion about this post