Уште од неговото појавување на музичката сцена Владо Георгиев стана еден од милениците на публиката на овие простори. Неговите песни се вистински евергрини кои ги слуша секоја нова генерација. До неодамна го сметаа за еден од најпосакуваните ергени, а од пред неколку месеци тој е татко и сопруг. Вели, животот му е сменет, но не и во однос на музиката – постојано создава нови песни и одржува концерти. На 18 февруари повторно ќе го видиме во Скопје, овој пат заедно со Тони Цетински.
Ја искористивме неговата посета да поразговараме за тоа што ќе се случува на концертот, но и за неговиот живот…
Владо, ја познавате ли македонската музичка сцена? Слушате ли наша музика?
Изворна музика слушам да, а новата македонска музика не е многу застапена кај нас. Всушност јас не ја следам многу ни нашата сцена, немам време да следам што прават другите бидејќи сум фокусиран на своите нови песни, па ако во меѓувреме се појавил некој навистина добар бенд во Македонија или пејач, жал ми е што не сум во тек. Но, овие денови додека сум тука сигурно нешто и ќе слушнам.
Како реагиравте на идејата да одржите голем концерт во Скопје, а тоа да биде заедно со Тони Цетински? Дали требаше да Ве убедуваат или ја прифативте понудата со раширени раце?
Прифатив веднаш. Иако прво го прашав Кристијан од Прагма продукција зошто не направи два концерта, неговата идеја беше да смени нешто. Колку што знам и Тони веднаш се согласил.
Ова е Ваш голем концерт во Скопје по скоро две години. Зошто секогаш ѝ се враќате на македонската публика?
Затоа што е одлична! И не ѝ се враќам само на публиката, туку и на Македонија. Го сакам македонскиот народ, ја сакам македонската кујна, го сакам овој дух кој го имате вие Македонците.
Што ќе видиме на концертот? Подготвувате ли нешто посебно? Ќе има ли некој дует со Тони?
И понатаму останува да се договориме со што точно ќе настапиме и да го подготвиме целиот концерт. На тоа веќе се работи, но првенствено ќе се базира на односот со публиката и на музиката, а не на некои акробатски активности кои се многу модерни во последно време на концертите кај нас. А во однос на тоа што ќе пееме со Тони, па, во моментов само можам да кажам дека се допишуваме и се договараме.
Зошто прифативте да бидете дел од жирито на музичкото шоу „Прв глас на Србија“?
Тоа беше едно добро шоу и не беше вулгарно, туку се базираше на вистински музички вредности, а сите кандидати беа навистина исклучителни. Тоа е причината.
Мислите ли дека успеавте на некои од нив да им пренесете малку од своето искуство?
Тоа е сега релативна работа, но ако успеав да им кажам нешто, да ги посоветувам и тоа да им значело во тој момент или да го применуваат понатаму, тогаш ќе бидам задоволен.
Скандалите, невистините и лажните приказни се составен дел од популарноста. Како се „носите“ со она што е неизбежен дел на скоро секоја јавна професија?
Генерално не реагирам на тоа. Ама, се случува да претераат. И тогаш е наједноставно да си најмам адвокат и да ги тужам.
Никогаш не сте добиле желба да удрите некој новинар заради напишаните невистини?
Не, не, тогаш и тоа што го правам јас би изгубило секаква смисла.
Сепак, жолтиот печат често пати пишувал за Вашиот приватен живот, за љубовните афери, Ве женеа, Ве разведуваа… Конечно, сето она што го пишуваа стана вистина, а Вие сте денес татко на мала ќеркичка. Гледајќи од овој аспект, не посакувате ли можеби и порано да го направевте овој чекор?
Сега веќе и не можам ништо да сменам, бидејќи не можам да се вратам назад во времето. Би сакал да станев татко порано, посебно по чувството што го имам кога сум дома со Софија. Едвај чекам да почне да зборува за да ми биде уште поинтересно. Ете, не сум го направил тоа, па, што е – тука е. Затоа, пак, водев поинаков живот, и не жалам за тоа.
Некои луѓе велат дека сте „тежок“ човек, не секогаш достапен, дури и арогантен. Од друга страна Вие направивте хуманитарен концерт за Исидора Бјелица која и не ја познавате. Колку луѓе го познаваат вистинскиот Владо Георгиев?
Луѓето со коишто се дружам приватно и со години, секако дека знаат кој сум и каков сум јас. Но, не можете јавно да се откривате себеси, потполно да се отворате, или да ја ставате својата приватност „на тацна“ пред кого било. Тоа не е во ред. Ни јас не сакам да знам сè за секого ако некој не реши да се отвори пред мене. За среќа, доволно е голем бројот на луѓето што ме знаат во вистинско светло.
Политиката е огромен дел од нашето секојдневие. Сте помислиле ли некогаш да сезанимавате со политика. На пример Владо во влада… Како ви звучи тоа?
Не, никогаш не би можел да се занимавам со тоа. Всушност, сметам дека со политика се занимаваат само луѓе коишто немаат и не знаат да прават ништо друго во животот. Повеќето политичари немаат ниту еден ден работен стаж, а сепак стануваат премиери, претседатели… Политиката е приказна за себе, а јас ја избегнувам максимално.
Дали сте и понатаму „гласен“ на Твитер? Што Ве забавува најмногу на оваа социјална мрежа?
Читам добри твитови, гледам што мислат луѓето во одреден момент. Исто така сакам да споделувам свои гледишта и ставови на дневно ниво. Навистина го сакам Твитер. Тој е одлична алатка, ако знаете како да го користите.
На која тема можете да зборувате со часови? Всушност, која Ви е омилена тема за да ви се подобри расположението?
Зависи кој ми е соговорник. Ако покрај себе имам некој што се разбира во поморство и бродови на таа тема би можел да зборувам и два дена. За музика можам да зборувам без престан со колегите. А можам да зборувам и за некои обични работи. На пример, од Вас би можел да побарам да ми дадете некој македонски рецепт, а јас да Ви кажам нешто што јас знам добро да го зготвам и да си размениме искуства и рецепти.
Од што се плашите најмногу?
Од височина!
А кому му се восхитувате најмногу?
Ова е прашање за иднината… ако жена ми издржи долго време со мене, ќе ѝ се восхитувам на неа.
Колекционер сте на грамофонски плочи. Сега кога тие полека заминуваат во историјата, колку Ви е тешко да најдете нешто ново? Кога сте купиле плоча последен пат?
Постојат берзи за грамофонски плочи и тие се порачуваат преку интернет. Всушност, минатата недела на таа берза купив пет фантастични плочи.
Харли Дејвидсон или Дукати?
Харли Дејвидсон како начин на живот, а Дукати како адреналински мотор кој треба да се вози еден до два часа, а потоа да се остави да стои мирно во гаража.
Кога последен пат седнавте на својот брод за да отпловите во некоја авантура?
Минатото лето.
На крајот мора да Ве прашам, ќе го издадете ли годинава конечно новиот албум?
Цел албум сепак не, бидејќи во моментов пазарот е пренатрупан, па тоа само би било залудно фрлање песни. И на YouTube дневно излегуваат милион песни. А тоа не дозволува цел албум да излезе на површина. Затоа сметам дека е подобро да издадам две до три песни годинава, па за понатаму ќе видиме.
Подготви: Андријана Јовановска
Фотографии: интернет
При објавување материјали од порталот www.hybread.mk во друг медиум, задолжително наведете го изворот од кој е преземен текстот