Често се вели дека на убавите луѓе, сите врати им се отворени. Но никогаш никој не кажал што се крие зад тие врати. Дали навистина убавината е предуслов за поголем успех и полесно искачување до целта?
Кога гледаме убава жена која успеала во својата кариера, некако нормално ни доаѓа успехот да го врземе со нејзиниот изглед, па велиме “лесно и е неа, убава е“. Но кога гледаме убав маж на повисока позиција за него не помислуваме дека успехот во неговата работа се должи на неговиот изглед.
И денес, актерката Мишел Фајфер не изгледа ни малку поразлично од времето кога имаше 35 години. Таа е и понатаму убава, привлечна и заводлива. И почесто е далеку од Холивуд, отколку што снима филмови.
Мишел со повеќе од три децении успешна кариера му докажува на светот дека не е само убава, туку и талентирана.
Родена е на 29 април 1958 година во Калифорнија. Работела како продавачка во супермаркет и истовремено учествувала на избори за убавина. На еден од нив победува, по што започнува нејзиниот пробив во Холивуд.
Првиот филм во којшто се појави доживеа потполн неуспех, но тоа не ја спречи да продолжи и нејзините следни филмови полека и ја донесоа славата. Првиот од низата филмови по кои стана препознатливо лице беше „Скарфејс“, во кој глумеше покрај Ал Пачино. Брзо потоа се појави и во „Вештерките од Иствик“ заедно со Шер, Џек Николсон и Сузан Сарандон.
Публиката не може да се засити од блондинката која во многу нешта ги потсетува на Мерилин Монро. Познати филмови во кои може да ја видиме се: „Омажена за мафијата“, „Опасни врски“, „Руска куќа“, „Враќањето на Бетмен“, „Опасни умови“, „Јас сум Сем“, „Текила Санрајз“, „Френки и Џони“, „Одблизу и лично“…
Во својата кариера се има обидено и како продуцент, но не била многу успешна во тоа.
Досега имала два брака. Првиот брак со актерот Питер Хорнтон пропаднал, а од него има една ќерка. Набрзо по разводот се омажила за еден од најдобрите холивудски продуценти, Дејвид Кели кој се потпишува зад сериите „Али МекБил“, „Пракса“, „Чикаго хоуп“ и други. Тие се и понатаму во брак, а плод на нивната љубов е синот Џон Хенри.
Иако неколку години не е во центарот на вниманието, Мишел Фајфер неодамна изјави дека е во преговори за улогата во филмот „Мајка“ во кој би глумела покрај Џенифер Лоренс и Хавиер Бардем, а во Холивуд се шушка дека ќе глуми и во адаптацијата на филмот „Убиство во Ориент Експрес“ според книгата на Агата Кристи, кој ќе го режира Кенет Брана, а во кој треба да глумат и Џони Деп и Џуди Денч.
Ние со нетрпение чекаме да ја гледаме во нејзините најнови остварувања, и покрај тоа што нема да се промовираат пред крајот на оваа година.
При објавување материјали од порталот www.hybread.mk во друг медиум, задолжително наведете го изворот од кој е преземен текстот
Discussion about this post