Кафе дружбите со Владимир Четкар се секогаш забавни. Освен што уживам во друштво на најдобриот џезер од Македонија, ќе слушнам некоја интересна приказна од неговите патувања, ќе дознаам нешто за неговите нови големи планови… На крајот секогаш се присетуваме на првите заеднички средби, на интерните шеги и сфаќаме дека она што некогаш беше работно дружење, денеска е пријателство.
Како изгледа животот кога ви се склопени сите коцки? Имам впечаток дека во моментов сè ви е тамам…
„Од аспект на тоа да знам каков ќе ми биде секој следен чекор, тоа не може да го знам и не верувам дека знае кој било. Ама, знам дека моментално сум среќен затоа што го работам тоа што ми беше сон уште кога бев тинејџер. Фантазирав да имам ваков живот, да настапувам на овие фестивали каде што настапувам сега, во клубовите каде што настапувам, да соработувам и да се дружам со музичари што ми биле идоли тогаш, па од тој аспект сум многу исполнет. Сепак, од искуство знам дека како да не си направил и да не си постигнал ништо во животот доколку застанеш барем малку, па и во музиката мора да се трудиш како во секој бизнис, во секој занает, или во секоја уметност да наоѓаш нови предизвици за таа успешна приказна да продолжи.“
Неодамна се вративте од големата азиска турнеја… Имавте ли време да ги средите впечатоците?
„Се вратив од првиот дел од азиската турнеја, од гостувањето во Кина, Хонг Конг и Кореја, и веќе се подготвувам за другите два дела, па во текот на декември ќе бидам во Југоисточна Азија – во Малезија и во Камбоџа, а во Камбоџа ќе настапам пред кралското семејство. Од таму ќе заминам во Мумбаи, Индија, за да настапам на најголемиот колеџ фестивал во Азија. Тоа се огромни сцени и доаѓа публика од по 70.000 до 80.000 луѓе.
Бев пресреќен од стратегијата што ја имав за Азија од самиот почеток, бидејќи азискиот пазар е огромен, а музичкиот бизнис им е сменет и поделен е на милион мали музички куќи и на неколку огромни гиганти. Азија беше како сон каде што сите се трудат да доминираат со своите артисти, да се наметнат со своите уметници. Таа територија ми беше многу мистична. Се сеќавам дека уште одамна пријателите ми велеа дека прво треба да успеам во Јапонија, да имам промоција и дистрибуција на мојата музика во Токио, да остварам некаков резултат, да добијам поддршка, па дека дури потоа ќе ме прифати другиот дел на Азија. И така и се случи. Имав многу добра дистрибуција и успешна продажба на албумот преку P Vine и BBQ Records, а таа е најпрестижната музичка куќа во Јапонија. Тоа привлече внимание во Малезија, во Тајланд, во Индонезија каде што се продава мојата музика, а потоа стигна и до Кореја, каде што мојата музика ја дистрибуира Warner Music, третата по големина музичка компанија во светот. Сето тоа резултираше со интерес за настапи во живо, каде што ќе те слушне странска публика, над 10.000 Корејци или Кинези, кои потоа го купуваат албумот. Затоа сум задоволен од мојата интуиција, бидејќи верувам во мојата музика.“
Публиката ве дочека како ѕвезда. Сте имале ли и претходно ваков прием некаде?
„Никаде не ме дочекале вака. Сум настапувал на убави фестивали, во Ниш на Нишвил два пати, на Сигет во Будимпешта, во Лондон сум имал концерти два пати, во Италија, а и во Америка сум настапувал буквално насекаде, и на фестивали и во култни клубови што биле прогласени за најдобри според Rolling Stone магазинот… Но хемија каква што имав со азиската публика, која далеку ги надминува границите на џез музичар и почнуваш да се чувствуваш како поп ѕвезда, во таков амбиент, досега не сум го доживеал тоа.“
Какво е чувството кога некоја ваша песна ќе се најде на светските компилации, заедно со песните на најдобрите џез, блуз и соул артисти?
„Тоа е огромно признание за мене, затоа што сакав како што јас слушам тука музика од бразилски, англиски, француски музичари, и мојата музика да се слушне таму. Секогаш одев со таа идеја, не да направам балканска кариера, туку да заминам на големата светска сцена и да пливам со ајкули, каде што е најтешко да се забележи твоето име. Па кога ќе објават моја песна, како на пример на последната компилација „In the Open Space“, каде што имаше музичари како Shalamar, Cool and the Gang, Omar, ѕвезди кои сум ги слушал и сум учел од нив, кои ми биле идоли, и сега конечно луѓето од Expansion Records од Англија да побараат и моја песна да се најде меѓу нив, знам дека сум на вистинскиот пат. А тоа само ме мотивира дополнително.“
Летово настапивте на концертите на Артуро Сандовал во Охрид. Како се случи оваа соработка?
„Бевме на вечера само еден ден пред концертот. Јас се знаев со неговиот саксофонист, со еден трубач и со уште неколку музичари со коишто работел во минатото, па имавме многу заеднички теми на разговор. Пресуден беше моментот кога му кажав дека бев букиран да настапам во неговиот џез клуб во Мајами, но дека клубот се затвори кратко пред тоа затоа што Артурно не можел да го води и клубот и да ѝ се посвети на кариерата. Тогаш тој доби идеја да свириме заедно на неговиот концерт, рече: ‘Ако не свиреше тогаш за мене, зошто да не свириш сега со мене?’. Сето се случи спонтано, по негова лична желба, посебно што немаше гитарист во бендот за настапот во Охрид. На двата концерта отсвирев по две песни и тој момент, свирејќи со таква голема ѕвезда што има 13 Греми и Еми награди, доведе до тоа да се најдам на седмо небо. Потоа имавме уште една дружба, вечера во еден од охридските ресторани, каде што Сандовал свиреше заедно со тајфите што свиреа староградска музика.“
Пред кого ви била најголема чест да настапите?
„Сум настапил пред повеќе мои музички идоли, како членовите на култниот американски џез соул фанк бенд Крусејдерс, пред италијанскиот асид џез состав Џестофанк, Димитри фром Париз, Мацео Паркер, Том Мултон, Боб Ести… честа е навистина огромна, ама најголема сатисфакција е сепак онаа кога настапувам пред публика со своја авторска музика и кога сум успеал да ум ги освојам срцата на најискрен можен начин.“
Колку ви е важно да се вратите дома по сите патувања, да се одморите, да сте свој на своето? Дали им се враќате на корените?
„Многу ми беше важно порано, кога доаѓав поретко, на некои 8-9 месеци. А сега доаѓам толку често, што ми стана начин на живот. Времето во Македонија го користам и за ангажмани и за настапи и за снимања надвор. Сонував да дојдам до еден ваков баланс и се надевам дека ќе го одржам, да можам често да дојдам дома, да се видам со семејството и со пријателите и се чувствувам дека веќе ништо не ми е толку далеку и страшно како порано.“
Кој момент од досегашната кариера би го издвоиле како најзначаен?
„Тоа е оној момент во 1996 година кога дефинитивно решив да заминам на студии и да се преселам во Бостон. Ако студирав во Европа, можеби кариерата ќе ми тргнеше во друг правец. Денеска е многу поинаку, постојат стипендии, владини грантови, а јас во тоа време бев единствениот студент од Македонија на Беркли и тоа беше многу тешко и за мене и за моето семејство. Ама можеби токму таа тешкотија и жртва ме натераа да станам жилав, упорен и да го изучам занаетот што ми донесе зрелост којашто не може да се купи со пари, а тие интуитивни работи што ги правам ги правам многу правилно. И сфатив дека овој занает морам да го работам со сите нишани, не само како гитарист и пејач, туку да сум комплетен автор на сè што работам.“
Што е следно важно за вас? Изненадувања има секогаш, и тоа големи…
„Следниот чекор е да го завршам третиот студиски албум и се надевам дека ќе е готов до март-април следната година. Имам голем притисок од многу музички куќи од светот што ја дистрибиураат мојата музика, а каде што продажбата оди одлично. Бараат да издадам нешто ново. Ама притисокот е и од фановите што се љубители на џез и соул звукот. Сакам албумот да е подобар од првите два, бидејќи песните од првиот албум и понатаму се ставаат на компилации, како на оваа последната што ја споменав, вториот ми донесе многу повеќе контакти и настапи, па затоа третиот мора да е врв. Тука не ги ни спомнувам соработките со Димитри од Париз или Боб Синклер, туку за мојата авторска музика. Сакам да настапам на уште многу фестивали, со мои песни, со авторски дела. Тоа е она што ми е најголем предизвик во моментов, да се изградам како самостоен уметник.“
Подготви: Андријана Јовановска
Фотографии: приватна архива
При објавување материјали од порталот www.hybread.mk во друг медиум, задолжително наведете го изворот од кој е преземен текстот.