Можеби досега не сте слушнале за Никола Марковиќ, моделот кој гради и тоа како успешна кариера надвор од нашите граници. Но гледајќи го неговото портфолио и кампањите на коишто работел во изминативе седум години, сфаќате дека неговата работа е импресивна.
Љубовта кон брзините си ја наследил од својот татко, како и желбата да „владееш“ во тој свет. Со твојот постар брат, Лазар, имавте и свој картинг тим… Ти текнува ли понекогаш на тоа време?
„Со Лазар имавме свој тим, механичари, луѓе кои стоеја зад нас и ни помогнаа да бидеме шампиони на Македонија и Србија од 2001 до 2006 година. Потоа возевме професионално картинг во Италија, за фабричкиот тим на Тоникарт. Ама, во тоа време се сменија некои работи, и финансиски и семејно, и иако бевме во Германија на тестирање на Формула Коеник, во Формула 3, решив да стиснам „пауза“ на работите поврзани со тркањето. Во тој период бев многу слаб, зашто за картингот треба да си полесен и флексибилен. Почнав да вежбам, а со тоа се менуваше изгледот на моето тело. Случајно преку пријател на татко ми запознав луѓе кои ме поврзаа со мојот прв агент кој ми ја најде првата работа во Истанбул. Преку неговата агенција заминав во Милано, ги посетив сите најголеми агенции, и по добриот фидбек, добив мотив да поработам на себе и да се обидам сериозно во моделингот.“
Какви беа почетоците? Дали е навистина толку тешко како што велат?
„Кај мене буквално сè се случуваше преку ноќ. По едно кафе и краток разговор, отпатував во Турција и иако немав професионални фотографии, book, ни портфолио, добив ангажман за сликање во две списанија. Кога почнував мојот прв букинг агент не веруваше многу во мене и не мислеше дека можам да го работам ова, ама ми даде шанса, а јас ја зграпчив и не ја испуштив додека не го добив тоа што го сакав. По Истанбул првото патување ми беше во Сингапур. Продолжив во Индонезија, во Малезија, бев и во Индија, во Кина, Шангај, Пекинг… Оттаму се вратив во Европа и работев во Париз, малку во Милано, во Хамбург, Берлин, во Барселона, Мадрид, Атина… имам агенции и во Лондон, Цирих, Виена, Дубаи… Јас сум седум години дел од овој свет, но потребни беа многу работа, фотосесии и искуство за да почнам да добивам поголеми работи и да ме бараат во Европа. Моделот треба убаво да се подготви за да може да го „нападне“ европскиот моден пазар и да се покаже.“
Кои се имињата и брендовите што се запишани во твоето портфолио?
„Најпрво би сакал да расчистам една работа… Постојат кампањи кои имаат едно заштитно лице, како на пример Давид Ганди или Жизел Бундшен, кои се носители на кампањата на светско ниво и кои се задолжени за светска промоција на брендот. Но, сите светски брендови имаат look book-ови, каталози, кампањи на локално ниво, без разлика дали е тоа во Европа, Америка, Азија… и нив ги работат други модели. Па кога се во прашање модните брендови, јас сум работел за Polo на Ralph Lauren, Armani, Gucci, Calvin Klein, Cartier, Zara, Tommy Hilfiger, Jack and Jones, Verty, Lee Cooper, Reymond (кампања за британски костуми), Hackett London, Uniqlo, Lidl,.. А кога станува збор за магазините, сум имал сликања за Vogue, Bazar, Men’s Health, FHM, GQ, Men’s Uno, Men’s Style…“
Зимата ја помина во Кејп Таун, градот за кој велиш дека е најубавиот град што си го посетил, ама и одлично место за работа… Зошто реши овој пат да тргнеш кон Африка?
„Во Кејп Таун решив да одам затоа што многу мои пријатели модели беа презадоволни престојот таму, па сакав да ја видам Јужноафриканската Република како земја, ама и да проверам каков е модниот пазар, бидејќи тоа е местото каде што се одлучува за големите светски реклами. Најдобрите светски агенции имаат свои седишта таму, а јас имав среќа да букирам нова агенција, во Лондон. Сите кастинзи се случуваат таму и се бираат модели на светски ниво за реклами на Нивеа, за Пежо, за огромен број брендови, па сакав да се пробам на тој комерцијален пазар. Останав три месеци и работев реклама за катарска банка што се емитува во цел свет, и уште една голема кампања за очила со компанијата Designer Kollectiv од Холандија. Тука сликав и за Men’s Health со еден од најдобрите светски фотографи, со човекот што ги работи сите нивни насловни страници, Герет Барклеј и тоа беше одлично искуство. Бидејќи во Кејп Таун е добро платено и сè се работи на светско ниво, тоа е голем личен успех. Повеќето модели и одат на тоа да склучат договор на три месеци со цел да добијат барем една добра реклама во тој период. Како модели имаме многу слободно време бидејќи има само неколку кастинзи во текот на неделата, а бидејќи живеев веднаш на плажа и под планината Трпезна планина, која е познат национален парк, има многу можности да се шета, да се пешачи, да се спортува, и сето тоа придонесува за убав и здрав живот.“
Лани работеше во Хамбург и беше презадоволен, но по годинешниов престој, велиш, веќе не би одел таму на подолг период. Зошто?
„Во однос на работата, Германија е одличен пазар. Ама времето овој пат беше депресивно и не би можел да се замислм да живеам таму, бидејќи ми е многу важна климата за местото каде што би решил да останам подолг период. Секако, никогаш не би одбил да заминам таму на неколку дена, доколку добијам директна работа, а тоа е она на што сум фокусиран во моментов – директните букинзи преку моите агенции. Многу се трудев да го достигнам ова ниво за да немам потреба да патувам, туку да ме викаат директно за снимања.“
Колкави ти се модните апетити?
„Она што сè уште не сум го реализирал како желба е да работам во Италија во комерцијалната сезона, со ова искуство што е многу поголемо од времето кога почнував и прв пат заминав таму. Би сакал да се пробам и на американскиот пазар, во Мајами, и можно е тоа да биде уште следната година. Уште една желба ми е да го видам модниот пазар до Дубаи.“
Што научи во сите години поминати во модниот свет?
„Научив дека во мојата работа е најважно да останеш свој, да собереш колку што можеш искуство… Јас имав среќа со работата да ја запознаам и мојата идна сопруга, стекнав многу пријатели, мислам и дека созреав многу и научив да ценам одредени работи во животот. Секогаш велам дека оваа работа не е толку гламурозна колку што замислуваат луѓето од страна. Реалноста е поинаква, а важно е во животот човек да е реален. Моделингот не е лесна работа. Напротив, напорно е, треба многу труд, не е ценето колку порано и човек треба да е многу силен психички за да издржи – да патува, да оди на кастинзи, да е упорен, некогаш нема да ја добиеш работата што ја посакуваш, ама тоа не значи дека треба да се откажеш. И тоа е уште една работа што ја научив – дека упорноста се исплатува. И секогаш треба да се има план Б, бидејќи нашата работа е од месец за месец.“
А кои се најголемите недостатоци на твојата работа?
„По извесно време работата почнува да заморува, повеќе психички отколку физички. Стресови со агенцијата, чекање работа, тоа ме исцрпува најмногу. Јас земам сè при срце и неправдата ме боли. А и се случуваат многу нефер работи во нашата индустрија. Во последно време се најбарани „инстаграм моделите“, луѓе кои целиот свој живот го сервираат на тацна пред светот, кои имаат огромен број следбеници, кои создале име со самосликање со својот мобилен телефон и кои ја „убиваат“ нашата работа и квалитетот што го нудиме. Не треба човек да се откажува, ама не смее ни да ја занемари реалноста, а како минува времето сè е потешко и побавно во оваа индустрија, ниту, пак, е ценето како порано. Со моите пријатели модели често коментираме дека да сме го работеле ова во ’90-те години, би го освоиле светот.“
Фотосесии или модни ревии?
„Мене никогаш не ми одговарало да бидам модел на писта. Убаво искуство е, сум работел многу ревии, ама тоа не е мој тип на работа. Дури ни модните недели во светски рамки не се толку гламурозни и платени како порано. Мој тип на работа е сликањето за каталози, работа на кампањи и реклами. Тоа ми одговара и одличен сум во тоа. Навистина мислам дека сум перфектен во мојата работа, секогаш сум бил насмеан и сум го дал својот максимум кога работам, а клиентите што работеле со мене биле презадоволни и ме бараат и по втор пат заради мојата позитивност. Се трудам да работам квалитетно, а не само да отидам на работа и да ме платат.“
Со кого би сакал да работиш пак?
„Има еден многу добар фотограф во Италија, Маурицио Монтани, одамна го следам, пријател ми е и би сакал во блиска иднина да сликам со него. Не е еден од најдобрите на светот, ама лично многу ми се допаѓа неговата работа.“
Во однос на модата, и понатаму не работиш ништо кај нас…
„Би сакал да се промовирам тука малку повеќе, но тоа ќе биде во друга сфера, не во модната индустрија. Во фаза на изработка е еден нов проект, и мислам дека штом ќе го завршам ќе биде интересно сите да дознаат за тоа. Па со проектот и со целото искуство стекнато во светот, мислам дека и ќе станам поактивен во Македонија, а луѓето ќе почнат да слушаат за мене. Тоа не значи дека ќе одбијам сликање или снимање на реклама кај нас, ако некој ми понуди нешто интересно.“
Каде се гледаш за десетина години од денес?
„Секогаш велам дека никогаш нема да се откажам од мојата работа затоа што ми донесе многу во животот. Јас ова можам да го работам и по четириесеттата година, па сметам дека би бил успех да го работам ова од задоволство, да добивам директна работа наместо преку кастинзи, да патувам, да снимам и да се враќам дома, но да се насочам пред сè кон спортот и фитнесот, и кон трките, мојата прва љубов, затоа што тоа ме прави исполнет и среќен. Мислам дека тоа е најголемото достигнување на еден модел што не е топ модел.“
Подготви: Андријана Јовановска
При објавување на материјали од порталот www.hybread.mk во друг медиум, задолжително наведете го изворот од кој е преземен текстот.