Жената која сите ја познаваат по нејзините моќни гласовни способности, музичар со полно образование, на чија кариера сите се сеќаваме низ годините. Таа реши дека треба своето животно искуство и спомени да ги пренесе во книга. Процес која го започна во 2007 година со издавање на “Куфер со соништа”, а денеска го промовира својот трет роман насловен како “5 мин”. Смирена , сталожена, со насмевка на лицето – во продолжение Сузана Турунџиева ни ја раскажува животната приказна и процесот на создавање на книгите.
За тебе оваа 2016 година е јубилејна заради неколку важни датуми во твојот живот. За што станува збор?
Важно е да се знае, покрај промоцијата на “5 минути”, јас оваа 2016 година заокружувам три јубилеи, 30 години од мојот прв солистички концерт, 25 од дипломирањето и 20 години телевизиска кариера. Малкумина знаат дека моите почетоци беа во МТВ на Третиот канал чија програма почнуваше од 20 часот, а мој ден беше петок. Од 20 часот до полноќ го осмислував со содржини и беше многу интересно. Јас паралелно секогаш работев повеќе од три работи, под таа бројка не се чувствував цела. Ако работам само една работа за мене тоа е монотонија. И не е важно колку заработувам, можеби ништо да не заработам, а пак ќе бидам исполнета. Јас ако не цртам тогаш пишувам, ако не пишувам пеам, ако не пеам се занимавам со нешто друго.
Спомена пеење, што правиш на тоа поле, дали можеби ти недостига активното пеење?
Не ми недостига пеењето бидејќи јас пеам секој ден. Секое лето имам неколку настапи на културните лета низ Македонија. Нудам програма која ја дополнувам и менувам според потребите. Француска шансона, негро спиритуали, италијанска канцона или Бродвеј можеби, тоа е дел од програмата и од мојата душа, станува збор за некаква магија коа ме прави да се чувствувам како да не сум од ова небо. Има публика која ја сака таа музика и за нив секогаш одново настапувам.
Да ја почнеме темата заради која се сретнавме, твоето пишување. Како настана првата книга, “Куфер со соништа”
Првата книга “Куфер со соништа” ми е издадена во 2007 година . Оваа книга беше поттикната од еден мој сон кој го сонував во годините додека ми се редеа прашалниците ‘зошто на брат ми мораше тоа да му се случи, зошто некои работи морале така да завршат…’ Никогаш не најдовме одговори кои ќе ни дадат објаснување зошто, кога му се случи сето тоа. И во еден сон се видов себеси како пишувам книга и како давам одговори на некои прашања. Всушност, сонот го протолкував лично, а тоа беше дека јас морам да извадам нешто на хартија, да не трпам и да не потиснувам повеќе ништо во себе, затоа што сум човек кој длабоко во себе собира многу, се до еден момент додека не се почувствувам толку преполнета, што нема да знам каде да ја извадам целата моја тага. Така почнав да пишувам.
“Куфер со соништа” ми дојде сосема ненадејно како наслов, некаде на средина на книгата. Инаку работниот наслов на овој роман беше “Моите 20 години во Скопје”. Се сетив дека ‘87ма ја напуштив Битола и тоа беше почетокот на 2007 година кога јас ги заокружував 20-те години живот во Скопје, односно 20 години живот без Битола. Никогаш не ја прежалив и никогаш не ја чувствував само како место во кое сум се родила и живеела до моја 18-та година. Кога сфатив како ја напуштив Битола и како ме пречека Скопје, тоа беше моментот кој реши.
Како те пречека Скопје?
Скопје ме пречека во полициска станица. Така и почнува книгата. Јас ја напуштам Битола, со срце полно грутки и солзи, глетката кога возот се оддалечува од станицата, а мене мислам дека целиот свет ми се преврти наопаку во еден миг. Паметам дека патот беше тежок и напорен, а така го опишува и на самите почетоци. Заради недоразбирање со кондуктерот, кому исто така не му беше денот(се смее),мојата цимерка и јас од воз завршувамe во полициската станица кај железничката станица. Моите први три часа во Скопје јас ги поминав во полициска станица. Тоа беше доволна причина за мене да почнам да го запишувам моето патешествие, како ме пречека големиот град, за кој јас имав толку големи соништа, толку големи планови и мечти. Дел од тие соништа оставарив, а дел останаа во куферот. Така настана насловот. Сите мои неодживеани и неисполнети соништа за кои јас мечтаев како дете, се гледав на голема сцена, живеев за тој аплауз. Никогаш не ми беше срам да пеам, мене ми беше срам да зборувам. Токму и на тие нешта се задржав, пишувајќи за првпат во мојот живот и не знаев колку треба да пишувам, кога е многу, а кога малку напишано. Решив да го оставам тоа така, а многу ми помогна Винка Саздова, бидејќи ми го врати два пати за да го дополнам и веруваше во мене.
Постави емотивни граници кога пишуваше?
Имаше моменти за кои чувствував дека сакам да ги прескокнам ама се е наша историја, макар и не било нешто убаво во нашиот живот, макар имало и некои личности кои сакаш да ги избришеш. Но, гума за бришење нема. Донесов одлука, со никого не ја споделив и си реков дека тоа моментот што го чекам, сум достигнала некаква ментална зрелост, тогаш имав 36 години и јас ова ќе го ставам на хартија. Дали тоа некому ќе му се допадне или не, воопшто не ми беше важно и ден денес не ми е, иако многумина се уште многу несериозно го сфаќаат моето пишување. Но и тоа е показател дека нешто се прави, замислете никој да не изреагира, тоа е уште пострашно.
Кој ти беше најтешкиот момент кога пишуваше?
Најболниот и најтешкиот период кој го пишував е моментот кога исчезна брат ми. Тоа беа пеколни 40 дена во кои не знаев дали живеам, дали постојам, меѓутоа цело време во тие 40 дена носев на себе една бела бунда, со надеж дека ќе се разреши сето тоа убаво. Но, не се разреши убаво, стигна најстрашната вест. Таа ситуација сакав да ја опишам поедноставно односно да не ги забележам сите тешки моменти кои ги преживував, мислам дека донекаде успеав, можеби не се соголив комплетно, но сакав да ја поштедам мојата мајка затоа што таа ја преживеа сепак најголемата болка. Кога пишуваш првпат за такви ситуации никогаш не знаеш што е исправно, дали со пет збора да удриш многу силно или со 1000 зборови да удираш полека.
По “Куфер со соништа”, авторски се оствари во уште еден роман, повторно автобиографски. За што раскажува “Животот не е бајка”?
Вториот мој автобиографски роман “Животот не е бајка”, гледано периодично му претходи на првиот. Тука го опишувам моето најрано детство и животот на мајка ми. Таква ми беше и идејата. Мојата мајка е една многу специфична жена која верува во точност, доверба и пристојност, никогаш да не задоцниш, никогаш да не се позајмиш и да останеш должен. Таквите личности кои толку прецизно го сфаќаат животот, многу тешко се вклопуваат во денешниве услови на живеење, дух во која таа не воспитуваше. Но, тоа не значи дека јас сум расипнички настроена, туку сум многу пофлексибилна. Мајка ми е жена која ни поставила многу високи стандарди и токму поради тоа јас не поднесувам површност, делумност, никогаш не сакам шаблонизација, но затоа пак не дозволувам ниту луѓето околу мене да се однесуваат така. Таа е многу силна и посебна жена, затоа ми дојде инспирација да нурнам во нејзиниот живот, во нејзиното детство, во страдањата, но и убавите моменти како девојка и млада мајка. Оваа книга го раскажува и мојот живот преку нејзиниот во периодот пред да ја напуштам Битола односно сцената кога се качувам на воз. Преку книгата се сетив на работи кои мислев дека се избришани од мојата меморија.
Живееме во многу различно време од порано, време каде има многу лицемерие, лаги и суровост. Што се обидуваш да ги научиш твоите деца?
Се обидувам моите деца да ги научам да бидат силни токму поради животните шлаканици кои јас ги добив. Не сакам да бидат неподготвени и ги учам да се соочуваат и да не мислат со солзите во очи да се соочуваат со проблемите. Не ги учам да плачат, ги учам да бидат силни и да сфатат дека ако јас реагирам на нивните солзи, светот нема да реагира, туку ќе ги обвинува и тогаш кога нема да бидат криви. Затоа јас ги сфаќам и тогаш кога прават грешки и тогаш кога не се како што јас сакам да бидат. Сепак, се обидувам да ги заштитам како и секој родител, секако.
Дали насетувам посвета за твоите девојчиња во новата книга, во “5 минути”?
Да, апсолутно. Ако немам ништо запишано “Вашите 5 минути” е посветена токму на нашите ќерки, тука ја вклучувам и нашата трета ќерка, ќерката на сопругот Марјан, која исто така е една емотивна и голема личност по природа. Овој роман е прв кој го пишувам без да има некаква врска со мојот личен живот. И дадов виза на фантазијата да си пишува што си сака. Но морам да нагласам дека инспирацијата за него ми беше она писмо кое мојата ќерка на крајот на јануари го сподели со јавноста. Од тука тргна се. Го земав лаптопот, отворив празен документ и почнав да пишувам. Не знаев дали ќе пишувам за машки или женски ликови, ни дали ќе биде тоа приказна со драматичен почеток или ќе ја чекам да се развива. Ја ослободив фантазијата и како да постоеше некоја сила од Универзумот која ми ги редеше зборовите и имињата. Сите ме прашуваа кои се Клара и Љубица. Ниту едното ниту другото име играат некаква улога во мојот живот, но ете ги има во мојата фантазија. Таму се случува толку силен заплет и разврска за тие нивни пет минути.
Имаш ангажмани и на НашаТВ, конкретно на емисијата “Трета смена” од која се роди уште една емисија како идеја.Што ја прави различна од другите емисии?
Во емисијата имам обработувано најразлични теми, многу гости имаат поминато, а се подготвувам темелно, буквално како да подготвувам испит со секоја емсија. На почеток траеше долго, 2.5 часа и од тие причини, мој предлог беше да ја разделиме односно да ја намалиме минутажата и така од трета смена се изроди втора смена. Во истите денови кога јас имам”Трети смени”, понеделник и четврток, имам и “Втори смени” кои одат попладне.
За крај, кој периоод од телевизиската кариера ти недостига најмногу?
Периодот кога работев во А1. Тоа беше се што другите сакаат да бидат. Ние со колегите секоја година на роденденот на А1 се собираме и се дружиме. Еден од поубавите периоди од мојот живот.
Подготви: Билјана Настеска – Каланоска
Фото: Приватна архива
При објавување на материјали од порталот www.hybread.mk во друг медиум, задолжително наведете го изворот од кој е преземен текстот