Секоја генерација има по еден музички идол, а Бајага е идол на неколку генерации. Со неговите „Инструктори“ свиреле на сите делови од земјината топка, а на 3 декември повторно ќе ѝ се вратат на македонската публика, со целовечерен концерт во рамките на фестивалот „All you need is love“ во организација на Авалон продукција, а заедно со Ареа и Прљаво Казалиште.
Скоро 40 години професионално се занимавате со музика. Од тоа, повеќе од 32 години сте со своите „Инструктори“. Гледајќи од денешен аспект, колку се сменија работите во музиката?
„Сè е сменето. Кога почнав да свирам професионално, а тука го сметам времето кога започнав да свирам во „Рибља чорба“ далечната 1978 година, постоеја плочи и штотуку се појавуваа касетите. Потоа ги снема плочите, се појавија ЦД-ња, а сега и тие исчезнуваат. Сменети се форматите, концертите, разгласите, начините на коишто се создава и се пренесува музиката. Ама, тоа е и нормално за толку долг период.“
А колку се поинакви работите за „Бајага и инструктори“. Сметате ли дека ја доживеавте својата музичка зрелост или и понатаму целите кон тоа?
„Да, ја доживеавме таа зрелост и мислам дека заслуживме да ја имаме оваа, ајде да ја наречам популарност, бидејќи луѓето го почитуваат тоа што го работиме. А на нашите простори не е лесно да се опстои и да се живее исклучиво од рок музика. Јас можам навистина да бидам горд затоа што во мојата група никој никогаш не работел ништо друго освен музика. И јас, исто така, никогаш не сум се занимавал со некој друг бизнис. Ама, затоа во музиката сум направил буквално сè што може да се направи – музика за себе, за други изведувачи, музика за театар, за филм, за телевизија, за деца, за реклами. И тоа го сметам за голем личен успех, што не отстапив од музиката.“
Убавите работи ги гледаме сите. Но, сакате да кажете дека во овие години не помислувавте да почнете нешто друго, да се откажете во музиката? Имаше ли тешки времиња?
„Да, имало тешки моменти, ама никогаш до толку тешки за да си речам дека ќе кренам раце од сè, бидејќи, јас и да не сум дел од „Инструктори“, сигурно би нашол некој друг начин да се занимавам со музика. Тоа е составен дел од мојот живот. Па кога не свирам никаде еден месец-два почнува да ме фаќа нервоза. Многу често песните ги правам затоа што имам потреба да ги правам, а не затоа што морам да направам нов албум или да издадам нов сингл. Ја работам работата што ја сакам и тоа е најголемата среќа во животот.“
Најавивте дека на концертот во Скопје ќе ги свирите најголемите хитови на „Бајага и инструктори“. Без која песна не минува Ваш концерт?
„Мислиш како што Стоунси секогаш ја свират „Satisfaction“? Песните се менуваат, ама ние немаме една туку 3-4 без кои не можеме да поминеме, како на пример „Плави сафир“, „Тишина“, „Моји другови“…“
Каква музика слушате приватно? Што се наоѓа во цд плеерот во Вашиот автомобил во моментов?
„Во моментов го слушам двојниот акустичен албум на Џек Вајт од групата White Stripes, го слушам и новиот албум на Кит Ричардс, ми се допаѓа музиката на Coldplay кои ги слушам со задоволство, ама сакам да го слушам и Џони Кеш. Неговата верзија на песната „Hurt“ ми е една од најдобрите што сум ги слушал некогаш.“
Кога би требале да го опишете својот живот преку стихови од некоја своја песна, кои стихови би ги избрале?
„Мозак ради на кисеоник, љубав окрече точкове. Ете, тоа се тие стихови.“
Подготви: Андријана Јовановска
Фотографии: интернет
При објавување материјали од порталот www.hybread.mk во друг медиум, задолжително наведете го изворот од кој е преземен текстот.