Со повеќе од 20 години педијатриска кариера, лекар кој обожава деца и ужива во работата, Д-р Лилјана Којиќ го споделува своето искуство со децата и совети до родителите за полесно пребродување на проблематични дијагнози.
H: Доктор Којиќ, Вашите пациенти се дечињата, како е да се работи со нив?
Убаво и тешко во исто време. Убаво е особено за мене, која 20 години работев со тешко болни деца, да работам со здрави, евентуално настинати или лесно болни деца. Децата, особено бебињата имаат посебна енергија. Тешко е, од друга страна, зашто помалите деца обично не умеат добро или воопшто, да објаснат какви проблеми имаат, па докторот мора да се потпира на податоците кои ги дава родителот и да гледа и набљудува многу внимателно.
H: Дали љубовта кон нив беше одлучен фактор да станете педијатар по професија?
Искрено, не. Децата ги сакав многу и во време на студиите, но ни на крај памет не ми било да бидам педијатар. На врвот на мојата листа на желби беше акушерството, потоа инфектологијата и на крај дерматологијата. Околностите, кога се вработував беа такви, што имаше слободно место на педијатрија и се вработив таму. Полека ја засакав работата со деца, но навистина се пронајдов себе си кога по специјалистичкиот испит бев распоредена на Одделог за интензивна нега и терапија, на кој поминав 20 години. Таа работа е исклучително тешка и стресна, но е истовремено навистина убава и динамична.
H: Колку новите родители се информирани околу здравствената состојба на децата, кој е Вашиот впечаток кога доаѓаат?
Живееме во 21 век каде што луѓето се електронски писмени и добар дел од нив се обидуваат да се информираат за состојбата на децата на интернет. И тоа e одлично и е за поздрав.
За жал, добар дел од нив се информира на нерелевантни сајтови или по социјалните мрежи, па се неретко изложени на дезинформации, погрешни, па дури и штетни совети. Или пак, доколку и најдат релевантен извор, им недостига предзнаење за интерпретација на наодите, па тоа ги преплашува.
Забележувам голема анксиозност кај родителите на децата и тенденција кон чести посети кај педијатарот и за банални работи. Немам статистички податоци, но мислам дека во однос на мојата генерација, модерните родители повеќекратно почесто одат на лекар и за безначајни проблеми. Мислам дека тука улогата на лекарот е и да ги смири, но и да ги обучи како да се справат со некои банални работи од типот: растечено носе, кивање, кашлица, стомачна инфекција или покачена температура, како и за тоа кога треба да побрзаат на лекар, а кога треба да почекаат малку.
За жал, од времето кога јас запишав факултет, па до сега, а тоа е 35 години, наспроти масата информации со кои сме обземени секојдневно, се бележи пад во здравствената култура на населението. И тоа е системска грешка. Системот мора да организира структурирана и повеќе-секторска здравствена едукација на населението, зашто здравствената просветеност е важна не само за лекување, туку и за превенција на болестите. И уште нешто: здравствената просветеност носи и лично спокојство и поголема опуштеност и сигурност кај родителите.
H: Кои грешки се заеднички на сите родители, конкретно во овој зимски период? Што треба а што не треба да прават?
Има многу, но неколку најбитни работи ми паѓаат на памет од мојата секојдневна пракса:
- Најпрвин, стравот од студот. Зимно време децата се многу време во затворени простории, а малку во игра надвор, зашто родителите се плашат да не настинат. Треба обратно: повеќе време активно време надвор, помалку во простории каде има голема концентрација на луѓе. Престојот надвор е добар за имунолошкит систем, а престојот во групни и затворени просотории, каде што има многу луѓе, носи зголемен ризик од инфекција.
- Втората е преголемиот паничен страв од температура и желбата таа да се спушти по секоја цена. Овој страв не е карактеристичен само за Македонија, туку е глобален проблем. Температурата ги плаши родителите на децата, и е причина број еден за јавување на лекар. Би сакала да кажам дека температурата е знак дека телото, кое е нападнато од микроорганизам (бактерија или вирус), ја покачува температурата за да го убие вирусот (бактеријата). Вирусните инфекции поминуваат сами од себе за 3-4 дена, а за бактериските е потребен антибиотик. Како и да е, температурата не треба да се трудиме да ја вратиме „во нормала“ и до 38,5 С не треба да даваме ништо и треба да го пуштиме телото да си создава антитела против напаѓачот. Над 38.5 треба да се даде средство за температура, но не за да ја спуштиме на нормално ниво, туку да ја намалиме малку, за да му биде на детето малку поудобно додека се бори со инфекцијата, да може да пие, да јаде или да одмори малку.
- Третата е инсистирање на антибиотска терапија. Антибиотикот е корисен само кај бактериски инфекции, не и кај вирусните. Давањето антибиотик кај вирусна инфекција нема никаква смисла. Напротив, само помага во развојот на т.н. „супер-бактерии“ кои се многу отпорни на антибиотици.
- Вадењето анализи, посебно брисеви од нос, на своја рака. Доколку нема знаци на бактериска инфекција, вадењето брис нема никаква смисла, а бактеријата која ќе се изолира од носот, најверојатно е таму одамна и е сосема случаен наод, кој не бара или никаков или бара само локален третман.
H: Дали може да наброите неколку правила до кои мора да се придржуваат родителите со новороденче?
Најпрвин морам да кажам дека новороденото е исклучително нежен организам кој уште се прилагодува на надворешната средина. Новороденечкиот период и периодот до 3 месеци, американскиот селебрити-педијатар Џефри Карп го нарекува „четврти триместар“, мислејќи на бременоста, и јас не можам, да не се согласам со него. Бебето во овој период е многу ранливо. Затоа сите кои се во неговата околина мора да се здрави и мора да водат сметка за хигиената и на просторот во кој се наоѓа бебето, како и за личната хигиена. Бројна е и долга листата на препораки за оваа возраст, но јас би нагласила една-најбитната: најтопло препорачувам да се одбегнуваат одења на гости и примања гости, одења по кафани и молови, особено сега во ек на сезоната на респираторните вируси, зашто она што за нас возрасните е обична настинка, за едно вакво мало бебе може да биде тешка болест-бронхиолитис, кој ќе го одведе во болница. Од особен ризик за новороденото се децата кои посетуваат детски колективи (училишта и градинки). Исто така би сакала да кажам дека за овој период е карактеристично недоволно спиење и замор кај родителите, но тоа е минливо. Кога ќе помине овој период на взаемно прилагодување на бебето и родителите едни на други, секој нов ден ќе биде се полесен и поубав, и ќе почнат навистина да уживаат во родителството.
H: Меѓу помладата популација на родители, конкретно мајки владее недоумица околу доењето, дали новороденчето треба да биде доено или веднаш да премине на „шише“?
Јас мислам дека не постои педијатар, кој доколку мајката е здрава и има млеко, ќе советува детето да се храни со млечна формула. Доењето е супериорен начин на исхрана , кој природата го дизајнирала специјално за исхрана на бебињата. Долга е листата на бенефити од доењето почнувајќи од нутритивните, преку имунолошките и на крај и психолошките. Апсолутно го подржувам доењето. Сепак, кај еден извесен број мајки лактацијата нема да се воспостави од редица причини, од сериозни (мајката е болна и мора да зема лекови) до прозаични и технички (бебето нема добар фат, или е премало и нема сила да цица, и слично). Во тие случаи бебето мора да се дохранува со млечна формула. И додека од една страна стојат мајки, кои лесно ќе се предадат и ќе посегнат по млечна формула, има и друга крајност, мајки кои инсистираат да дојат и одбиваат да вклучат дохрана со формула, па го изгладнуваат бебето. Ниедна крајност не е добра. И на крај, иако во секоја прилика сакам да ги истакнам бенефитите на доењето, не би сакала мајките, кои не можат да дојат да се чувствуваат лошо поради тоа. И бебињата хранети со млечна формула ќе растат и ќе се развиваат добро.
H: Во текот на бременоста, на што треба да внимаваат идните мајки?
На исхраната, која треба да биде квалитетна и избалансирана, редовниот одмор, одбегнувањето на стресни ситуации и да не се изложуваат на екстремни физички напори. Исто така би напоменала дека и инфекциите се нешто од кое една бремена жена треба да се пази. Голем е бројот на тератогените микроорганизми, кои освен што ќе го нарушат здравјето на мајката, можат да го оштетат плодот, или да предизвикаат предвремено раѓање. Предвремените раѓања бележат растечки тренд во светот, па и кај нас.
H: Што е со поголемите дечиња, се почеста е појавата на анксиозоност кај нив. Што мислите, зошто е тоа така?
Тоа е домен на детската психологија и сигурна сум дека луѓето кои се занимаваат со детска психологија би дале попрецизни одговори на ова прашање. Јас само би спомнала дека веројатно модерниот стресен живот се рефлектира и врз најмладите – децата. Средината ни е станата многу компетитивна и од мали нозе. Исто така мислам дека денешните деца поминуваат премалку време надвор, во игра, а премногу време над компјутер или таблет.
H: За крај, препорака до сите родители на бебиња и поголеми дечиња?
Бебињата и дечињата се мили, малечки беспомошни суштества на кои ние, родителите сме им потребни за да преживеат. Нашата безгранична и безусловна љубов им е потребна за да се развијат правилно. Мојата порака би била гушкајте ги и галете ги своите деца што е можно повеќе. Тоа е инвестиција во нивниот правилен развој. Грабајте го времето поминато со нив, зашто растат побргу отколку што мислите. Додека се свртите, ќе бидат големи.
Подготви: Билјана Настеска – Каланоска
Фото: Приватна архива
При објавување на материјали од порталот www.hybrid.mk во друг медиум, задолжително наведете го изворот од кој е преземен текстот.