Марина Крстевска е личност која сака својата креативност да ја пренесе на дело. Од пасија до професија, таа денес изработува декорации за големи настани како приеми, лични прослави, свадби и слично. Веќе неколку години наназад ја работи оваа работа со љубов, а ние поразговаравме со неа токму за тоа.
Mарина, Вие сте човек кој сака да креира и да твори. Вашата пасија ја претворивте во професија. Како се случи љубовта?
Долг период живеев и работев во Лондон како Маке – Up Artist. Сосема спонтано таму и се случи мојата прва организација/декорација на свадба. Беше вистински предизвик и голем чекор, земајќи во предвид дека истата беше на 250km од Лондон и тоа во спортска сала која требаше да изгледа како приемна …. А јас немав никакво претходно искуство. Имав само 1 месец за комплетна организација која вклучуваше сè – протокол, организација на гости, покани, мени, кетеринг, набавка на сè што беше потребно, а потоа само 3 дена истата да се подготви. Ја оправдав довербата. Тогаш се роди љубовта. Се пронајдов во истиот момент.
Дали се сеќавате на првите декорации кои ги направивте, дали чувате нешто од нив?
Се сеќавам на секој детал од првата декорација. Меѓутоа беше невозможно да донесам било што. Но, го чувам првиот бидермаер од ткаенини, истиот ми е посебно драг и никогаш не би го ставила на продажба.
Факт е дека благодарение на западната култура и кај нас почна да се развива нов тренд, декорации и организации на свадби. Вашата стручност се декорациите. Беше ли тешко на почетокот, дали луѓето знаеа што се нуди?
Веднаш по првата декорација зедов Wedding Planning Course. Талентот во било која креативна работа е многу важен, но јас сакав точно да знам што треба да понудам доколку се соочам со различна култура. Секогаш претстои состанок со секој клиент каде разговараме за неговата замисла, боите, изборот на цвеќе итн.
Во текот на работата сигурно се соочувате со позитивни и со негативни критики. Како реагирате на овие вторите?
За моја среќа скоро и да ги нема негативните критики. Кога изработувам било каков сет сум во постојана кумуникација со клиентот. До сега сè одело во најдобар ред, па немало причина за било каква реакција. Единствено нешто како непријатност се случило кога освен нарачката да побараат и нешто друго, а да очекуваале цената да биде иста.
Во контекст на претходното прашање, која е најубавата позитивна критика или коментар досега?
Во месец мај работев на една посебно драга свадба. За истата девојка подготвував и моминска забава. Реакцијата на девојката за која се приготвуваше ми остана врежана во срце. Коментарот од персоналот на ресторанот, реакцијата на девојките во истиот момент кога пристигнаа. Не би можела да го опишам … тоа само се доживува.

Со какви материјали работите?
Материјалите главно зависат од нарачката, дрво, ткаенини, природно цвеќе, хартија. Доколку изработувам сет како готов производ … е тогаш уживам да користам природни материјал. Во моментов спремам сет со наслов Peacock каде комбинирам дрво со пердуви од паун. Лудо звучи, но навистина одлично изгледа.
Дали публиката ќе има можност да ја види Вашата колекција на изложба наскоро?
Веќе учевствував на неколку саеми. Во моментов се подготвуваат изработки кој ќе можат да ги видат во маркети и работам на уште нешто за кое е рано да ги откривам деталите.
Како изгледа иднината на Mina Bella Accessorize, што си посакувате?
Иднината … добро прашање. Непредвидлива е…Во моментов поминувам низ најтешкиот период во мојот живот. Но, тоа нема да ме спречи да се исправам повторно.
Посакувам да стасам до Велика Британија со продажба. Веќе работам на случајот.
Подготви: Билјана Настеска – Каланоска
Фото: Приватна архива
При објавување на материјали од порталот www.hybread.mk во друг медиум, задолжително наведете го изворот од кој е преземен текстот.