Моден Викенд Скопје стана настан којшто желно се исчекува во модните кругови во Македонија. Двете изданија заедно, пролетното и летното, до сега бројат тринаесет, а четиринаесеттото, што ќе се одржи од 30 октомври до 1 ноември е во завршна фаза. За тоа што ќе нè очекува овој пат, поразговаравме со Марија Илиќ, ПР менаџер на Моден викенд Скопје.
Забрзано го подготвувате 14. издание на Моден викенд Скопје… На неколку дена пред почетокот, ќе те вратам неколку години наназад… Кои беа најголемите предизвици на самиот почеток?
„Кај публиката која нè следи изградивме некаков вид очекување секоја сезона да биде нешто ново и поинакво, да се задоволат вкусовите на луѓето кои се заинтересирани за различни стилови. Секоја сезона имаме различно мото, различни бои, нови колекции, нови дизајнерски имиња. Организиравме ревии на места и локации кои не беа очекувани. Беше голем предизвик да ги „убедиме“ јавноста и професионалците од модната индустрија дека и на Македонија и тоа како ѝ треба моден настан од ваков тип и дека имаме голем број млади креативци кои имаат што да покажат.“
Секој Моден викенд носи нови модни имиња – дизајнери, модели, пријатели, соработници… Ако направиш ретроспектива, која сезона беше најуспешна за вас, нешто за што и денес се зборува…?
„Сметам дека секое издание за нас како тим, ама и за публиката, беше различна приказна. По секоја сезона се зборува за провокативните креации на некои од дизајнерите, за некое ново дизајнерско име кое изненадило со своите парчиња. Уште се зборува за првите ревии направени во катна гаража, за визуелниот имиџ на сезоните, кампањите што ги организиравме. Навистина е тешко да се издвои една сезона бидејќи мерката за успешност е релативна категорија.“
Мотото на оваа модна есен, барем кај вас, е „Talent is the new sex“. Кој е креативниот тим кој секој следен пат нè изненадува со одредена тема, инвентивна идеја? Колку е тешко да се најде вистинската идеја, да се одбере вистинската тема?
„Ние сме една мала креативна екипа, иако тимот кој се грижи за техничката реализација на настанот е поприлично голема. Морам да кажам дека најчесто идеите за мотото на сезоната ги дава Светлана Богова – Јовановска, која е и главен организатор. Потоа сите заедно ги дискутираме и одлучуваме. За нас некогаш е потешко да се најде можност идејата да се реализира како што сме ја замислиле поради ограничувањето во смисла на локација во Скопје и други компоненти кои треба да се поклопат.“
Овој пат се одлучивте ваши заштитни лица да се млади актери… За кои актери станува збор? Зошто ги одбравте токму нив?
„Станува збор за актерите Стефан Вујисиќ, Наталија Теодосиева, Владимир Петровиќ и Билјана Јовановска, генерација на паметни, талентирани и храбри млади луѓе. Нашата идеја беше преку поврзување на актерите и модниот свет да ги поврземе талентите, индивидуалноста, естетиката и креативноста од различни светови. Сакавме спој на најдоброто од различните полиња на уметничкиот израз.“
Чии дизајни ќе видиме овој пат?
„Тридневното случување овој пат останува на една локација, односно во хотелот „Мериот Скопје“. Сезоната есен-зима 2016/2017 на 30 октомври, ќе ја отвори Јована Филиповиќ, а во рамките на Моден викенд ќе ги видиме „Papaz“, „Sigma Jewelry“, Филип Тренчовски, студентите кои се под менторство на дизајнерката Лидија Георгиева од „Институтот за дизајн и инженеринг на текстил“ на Технолошко-металуршкиот факултет при УКИМ во Скопје, ревиите на Дејан Тодоровиќ, „Elize Paris“ и Олгица Ѓоргиева. Последната, трета вечер, публиката ќе ги види колекциите на курсистите по моден дизајн од Центарот „Кариера Плус“: Радица Лазова, Оливер Атанасов, Ева Заева, Асмира Абази и Ивана Арсовска, под менторство на Ирина Тошева. Вечерта ќе продолжи со ревијата на Марија Трајанова, модниот перформанс на Ена Зафировска. Четиринаесеттиот Моден викенд Скопје ќе се затвори со ревијата на Ирина Тошева.“
Навикнати сме пролетниот Моден викенд Скопје да се поклопи со првопарилскиот градски маскембал… Што да очекуваме од вас оваа есен, надвор од официјалниот дел?
„На 28 октомври, на модните вечери ќе им претходи забава во „Distrikt Bar&Kitchen“ на која гостите ќе се забавуваат so Models DJ-sets и Андреј Мицајков со неговиот сет „После часови“ кој се емитува на Антена 5 и со официјалната водка „Absolut“.
Подготви: Андријана Јовановска
При објавување материјали од порталот www.hybread.mk во друг медиум, задолжително наведете го изворот од кој е преземен текстот.
Discussion about this post