Маја Десподовска е модна дизајнерка која за прв пат се претстави самостојно на Саемот за венчавки минатиот викенд кој се одржа во хотелот „Александар Палас“ во Скопје. Со неа поразговаравме за тоа како се создала љубовта кон модниот дизајн, за првата колекција „Мini Me“, за нејзиното создавање и идни планови.
Маја, колку години дизајнерството е Ваша професија?
Работам со дизајн веќе 9 години, еве полека влегуваме и во 10-тата јубилејна, откако започнав со оваа професија, после завршување на студиите за моден дизајн во Софија.
Како почнавте, како се создаде љубовта кон дизајнирањето?
Љубовта кон уметноста и дизајнот првично се појави на многу мала возраст кај мене. Јас сум личност која љуби да слика, да црта. По природа сум естетик со исклучително чувство за форма и композиција. Токму затоа, се запишав во средно уметничко училиште, насока моден дизајн и текстил. Моето образование го продолжив на Националната Ликовна Академија во Софија, Бугарија каде што бев примена со стипендија. Дизајнот како професија многу ми се допаѓа, првенствено затоа што е социокултурен феномен. Знаете, формите од применета уметност се секогаш продукт кој пред се има функција, своја приказна, концепт и облик. Наменет е за своите конзументи.
Одлично се снаоѓам во комуникативна средина и затоа ми се допаѓа таа суптилна размена на идеи, едноставно ми причинува задоволство да работам со луѓе кои исто така се желни да разменат искуства и идеи. Секоја сугестија е добредојдена и помага во реализација на идејата за совршен фустан или некое модерно шик парче.
Дали досега сте имале можност да се претставите пред поширока публика, или ова беше Ваше прво официјално претставување на Саемот на венчавки?
Саемот за венчавки е од исклучително значење за мене како самостоен дизајнер затоа што за прв пат официјално и самостојно се претставив како моден бренд – „Атеље Маја Деспотовска“. На овој настан всушност направив промоција на мојата детска колекција „Mini Me“ пролет/лето 2017, која беше надополнета со венчаници, коктел фустани и вечерни тоалети.
Зошто „Mini Me“, има ли приказна зад името?
„Мini Me“ е мојата прва приказна, тоа е нов бренд кој допрва ќе почне да се развива и расте. Инспириран е од тековните светски модни тенденции и современи модни текови. Идентитетот на брендот „Mini Me“е структурирана колекција за деца и возрасни, односно има променлив карактер, моделите се всушност мини и има семеен концепт и карактер. Содржината на колекцијата е исполнета со десеттина различни модели од високо квалитетни материјали во светли пастелни бои, органза чипка, сатен со флорален принт и мотив, американски сатен, тул и свила. Целата колекција е изработена со памучна постава и рачни доработки како апликации од чипка. Наменета е за возраст од 1 до 14 години.
Со какви материјали сакате да работите?
Ми се допаѓаат пред се квалитетни материјали кои можат да бидат природни или мешавина по состав, но секогаш правам избор и барам нешто уникатно. Како дизајнер, понекогаш и сама ги оплеменувам материјалите и ги доработувам. Во тоа е всушност убавината и умешноста. Сакам да понудам и квалитет и дизајн, а најважното нешто е да одговора на одбраниот модел за да се постигне максимален и комплетен ефект.
Додека учевте и се дефиниравте себеси како дизајнер, која е лекцијата или советот кој можеби сте го добиле, а никогаш нема да го заборавите?
Сите имаат впечаток дека модниот дизајн е една престижна професија, претпоставувам заради одредена изложеност и популарност, но бара огромен ангажман, многу труд и посветеност. Тоа што ми остана како мисла од времето на студиите, каде што се дефинирав како моден дизајнер е пред се одговорноста која како човек треба да ја прифатиш и соодветно да и одговориш.
Што ве инспирира најмногу, од каде ја добивате креативата?
Инспирација црпам од секојдневни нешта, следам модни тенденции.. Идеите кај еден уметник се неисцрпно нешто, мислам солидно би било ако речам дека и од потребите на пазарот добивам идеа за одредена колекција која понатаму си ја развивам во мој стил.
Што е Ви претставува професионален предизвик, кој е врвот којшто би сакале да го достигнете како самостоен дизајнер?
Професионален предизвик ми е да успеам да се пробијам на светско ниво, секако во план ми е да се обидам и веќе работам на таа тематика заедно со мојот партнер и менаџер Миахил Николовски. Се гледаме далеку како моден бренд и со голема љубов и посветеност работиме на тоа поле да се реализираме комплетно.
При објавување материјали од порталот www.hybread.mk во друг медиум, задолжително наведете го изворот од кој е преземен текстот