Ведра, насмеана, непосредна, паметна и убава жена, тоа е впечатокот кој ќе го добиете за неа штом ја сретнете. Реализирана личност, мајка, посветена на кариерата која грижливо ја гради 23 години. Разговараме со Лила Стојановска, интервју во кое таа ни раскажува за себе, за почетоците на кариерата, за тоа што ја прави посебно горда, за идните планови и нејзиниот пристап кон животот и работата.
Лила, Вие важите за жена која е професионална и успешна. Тешко ли е да се одржи таа позиција?
Сите луѓе треба да ја работат својата работа одговорно и морално, за да ја задржат професионалноста. Ова што го работам мене ми е многу природно. Јас воопшто немам ритуал или начин на кој јас сега ќе бидам професионална и успешна. Едноставно така функционирам и тоа е мојот начин на работа. Тоа е во мојата природа и карактер што е навистина голема предност. Не сум човек кој има работа што го фрустрира. Мене работата ми е задоволство.
Како што банкарите работат во банка, касиерката во супермаркет, така и јас ја работам мојата работа професионално. Како што тие мораат да ја завршат работата и да пријават промет на крајот од денот, така правам и јас со мојата работа. Одговорам за сработеното пред очите на јавноста. Тоа значи дека помеѓу моето водителство и телевизиската работа и која било друга професија, апсолутно не постои разлика, ако пристапот е професионален. Мојот најголем комплимент сите овие години не е врзан за изгледот, дали сум добра водителка, дали сум пријатна со публиката, туку впечатокот на останатиот свет дека сум професионална и дека сум човек од збор, стигнувам на време, мразам доцнење, го почитувам туѓото, но и своето време.
Тоа значи дека мене сите овие години што поминаа, точно 23 како сум пред тв екраните, интензивно работам и повеќе или помалку секоја година имам проект.
Со какви предизвици се соочувавте изминативе 23 години?
Кога почнуваш некој проект, со оглед на тоа дека зад мене се 10-тина, секој од нив беше различен. Проектот секогаш зависи од гледаноста, што претставува навистина голем товар да почнеш и да одработиш нешто и да знаеш дека мора да биде гледано. Сосема е нормално во оваа работа, ако емисијата не е гледана да биде укината. Кога ќе направиш име во работата како што направив јас, стоиш зад некој проект, навистина е голем предизвик, да излезеш, да го износиш, да го направиш, тој да биде гледан или пак да биде погледан од претходниот. Тоа е природата на нештата, тоа што следува да биде поуспешно.
На некој начин е предизвик со себе. Да бидам искрена, години наназад се натпреварувам со себе. Но, не беше отсекогаш така. На почетокот на кариерата, првите 10-тина години беше интересно и турбулентно, имаше ентузијазам и луѓе кои ја работеа оваа работа, ја сакаа и ми беа конкуренција. Во тоа време имаше награди за нашата професија, се гласаше и тоа претставуваше на некој начин мотивација за понатаму.
Дали Ви претставува комплимент натпреварот со себе?
Од една страна да, комплимент е, но од друга страна станува малку здодевно. Велат дека е лесно да стигнеш до врвот, но тешко е да се одржиш таму. Тоа е правило кое јас го почитувам, спомнувам и се придржувам до него постојано.
Сте посакале некогаш да ја смените професијата?
Не дека не сум помислила и не е дека тоа нема да се случи. Јас реков дека ако почнам да го работам ова онака, ќе престанам веднаш да го правам, бидејќи не можам да работам нешто што не ме исполнува и не ми е предизвик. Сакам да бидам мотивирана и да се надградувам себеси.
Често знам да ги гледам квизовите од серијалот на “Deal or no Deal”, бидеќи и “Се или ништо” е дел од нив, односно е правен по нивна лиценца. Квизот го има во многу земји, ги гледам сите бидејќи на многу места е различен концептот, со оглед на тоа дека секоја земја го адаптира на сопствениот менталитет. Учам од сите нив бидејќи сум застапник на ставот дека секогаш можеш да научиш нешто друго и многу повеќе.
Заради тоа, јас се уште работам со љубов и ќе продолжам да го правам тоа се додека имам предизвик. Имав среќа мене да ми биде доделен овој проект од мојата телевизија, Сител. Веројатно во првиот момент кога нема да го чувствувам тоа, не е исклучена можноста да застанам зад камерите, во друга улога.
Рековте дека ја работите оваа работа со љубов. Во тој случај морам да Ве прашам, кој Ви е омилениот дел од работата?
Омилениот дел од работата ми е комуникацијата со банкарот, кој сакам да го ‘закачакам’, да се надмудрувам со него. Уште еден дел кој го сакам е комуникацијата со гостите.
Интересно ми е кога луѓе кои имаат голема трема пред камера, се плашат дека ќе се изгубат и дека нема да знаат што да направат, кога ќе застанат до мене, бараат начин јас да им олеснам, да не се почувствуваат сами, бидејќи имаат страв. Јас со радост им излегувам во пресрет и драго ми е што успевам во тоа.
Важна е и непосредноста, која или ја имаш или не. Не се учи, туку само се надградува со текот на годините.
Работата со луѓе е тешка и бара дополнително вложување во односот со нив. Дали имало ситуации каде тие се однесувале непрофеисонално?
Не е дека не се случувале такви работи, но за среќа биле малку. Искрено, можам да ги избројам на прстите од едната рака. Паметам само неколку кои биле непрофесионални. Станува збор за луѓе кои сакајќи да бидат интересни, ја преминале таа граница на убаво однесување и социјално поставени правила. Но, тоа се ретки случаи. Јас со сите имам убава комуникација и можам да најдам начин да ја доведам состојбата во ред.
Тоа на кое јас не можам да влијаам се енергиите на луѓето, што веројатно ја отежнува комуникацијата. После некои снимања се чувствувам истоштено, а после други како да можам да снимам уште 4 нови емисии. Тоа е до енергијата која секој човек ја емитува и на која не може да се влијае. Сè на сè јас имам една комплексна задача, иако на луѓето тоа не им изгледа така. Искуството не е пресудно, но е од голема важност и ми помага во секоја ситуација.
Лила, дали би се вратиле на претходниот телевизиски формат на кој работевте во минатото, на ток шоуа?
Во овој момент не, бидејќи сметам дека нема материјал за работа. Јас бев меѓу првите кои почнаа со тој формат, поточно прв беше Игор Џамбазов со ”Дневна соба”, а потоа јас и Мишко Барзов со “Таму кај што си” . Имавме спонзор и се беше многу професионално одработено. Голем дел од успехот на емисијата се должеше и на Мишко, кој како градски човек имаше многу познанства, нас ни беа гости сите политичари и останати јавни лица. Поминавме еден убав период, работевме во време кога имаше експанзија на познати личности од сите сфери. Така што, тоа е еден проект на кој сме навистина горди.
Би се вратила на ток шоута, доколку изгледаат како оние на запад. Ми се допаѓа стилот на Елен Деџенерис, динамиката на емисијата, гостите доаѓаат по 10 минути и се изгледа неверојатно забавно. Се доделуваат големи, милионски награди на дневно ниво на луѓе кои имаат вистинска потреба од нив… Можеби звучи амбициозно, но тоа е еден проект од кој би сакала да бидам дел бидејќи сметам дека можам да го одработам како што треба.
Посветеноста на работата има своја цена во однос на приватниот живот. Како тоа се одрази на Вашиот?
Морам да признаам дека не сакам да седнам и да се соочам со себе дали кариерата влијаела на поинаков начин на мојот живот. Можеби, до некаде и имала влијание. Јас постојано велам, оваа женска еманципација и самостојност колку е добра, сепак има лоши страни.
Успеав да останам приземна, мене популарноста воопшто не ме смени, но можеби влијаела на тоа да бидам сигурна во себе, да не дозволувам многу компромиси кои би се одразиле на приватниот живот. Многу ми е драго што се тоа што го работам се одрази на најдобар можен начин на мојот син Филип, а тој ми е најважен од сè.
Телевизиската кариерата ја почнавте пред 23 години…Како се работеше тогаш, а како сега, дали можеби би им дале совет на Вашите помлади колешки?
Да бидам искрена, совет не давам никому ако истиот не е побаран од мене. Сите мои млади колешки генерално работат на утрински и контактни емисии, каде улогата на водител реално не може многу да дојде до израз. Така што јас немам направено некој профил во мојата глава на тоа како треба да изгледа еден водител денес.
Сметам дека образованието е важно во нашата работа. Често пати луѓето знаат да кажат дека факултетот не го определува човекот, но јас тврдам дека го описменува. Јас имам завршено филологија на Универзитетот Св.Кирил и Методиј и имам добра подготовка за тоа што го работам.
За жал, денешните водители немаат можност да се искажат и докажат во тоа што го работат. Порано, беше многу беше важна факултетската диплома, имавме кастинзи, имавме подготовка од страна на стручни лица, како Бранка Станковска која доаѓаше во Сител пред 20 години и не учеше на сите важни работи од нашата работа.
Да не заборавиме дека јас сум дете на МТВ, моите почетоци беа таму. Тоа беше време кога немаше шанси да се влезе во телевизија ако не постои талент и потенцијал за работа.
Тоа беше период на големи и сериозни редакции со сериозен пристап кон работата. Мислам дека има голема разлика. Иако јас со години немам допирни точки со сè што се случува денес во редакциите, сепак сметам дека секој сегашен и иден водител и презентер треба да си ја сфати сериозно работата ако сака да биде успешен бидејќи телевизиската работа бара многу повеќе сериозен пристап и посветеност.
За крај, на што Сте посебно горда во животот?
Колку депласирано и клише да звучи одговорот тоа е вистина: посебно горда сум на син ми Филип. Ниту еден проект, ниту еден аплауз, ниту еден хонорар не се споредува со човекот што ти си го родил, си го воспитал и си го направил да биде тоа што е денес, бидејќи знаеш дека тоа е твое дело.
Јас имам дете кое нема комплекси, тоа е дете кое си го најде својот тек на животот. Син ми е сега апсолвент, а по дипломирањето има желба и да магистрира што за мене е посебна гордост и задоволство бидејќи образованието секогаш треба да биде на прво место.
Горда сум и на личноста кој сум, тоа што останав човечна и доследна на работата, искрена сум пред другите, но и пред сама себе што е уште поважно. Драго ми е што го работам тоа за кое сметам дека имам талент и уживам во работата.
За да бидеш горд со детето, треба да бидеш прво горд сам со себе, бидејќи ти си тој што му ја дава основата во животот. Јас сум реализирана, среќна, успешна и исполнета жена и мајка, со свој живот и тоа ме прави среќна.
Подготви: Билјана Настеска – Каланоска
Фото: Приватна архива
При објавување на материјали од порталот www.hybread.mk во друг медиум, задолжително наведете го изворот од кој е преземен текстот.