Елена Стефановска е автор и водител на емисијата “Живот со стил” која се емитува веќе 6-та година по ред во македонскиот етер. Посветена, упорна и жена со стил која знае што сака и не се плаши тоа да го добие. Повеќе за нејзините почетоци, за кариерата и животот од интервјуто во продолжение.
Елена, долги години сте присутна во медиумскиот простор преку емисијата “Живот со стил” која со текот на време стана и препознатлив бренд. Како се роди идејата на почетокот?
Ја сакам модата од малечка, ги следев сите трендови на ТВ и во магазините, наши и странски. Ја истражував таа модна сцена, ме пленеа убавите стилови од парчето облека, накит, до уредените домови. Па, постојано си велев, аха, сигурна сум дека еден ден ќе успеам да создадам ТВ магазин со што ќе им го пласирам на гледачите мојот свет на убавина и стил и начин на живот. Сакав сите да ја видат убавината и во содржината и во формата што ја носат познатите ѕвезди, јавни личности и обични луѓе, како на нашата, така и на странската сцена.
Раскажете ни за почетоците, беше ли тешко?
Во 2011та беше стартот на првата емисија, а денес веќе ја правам 150тата емисија. Се гордеам што толку време успевам да ја одржам емисијата, да опстојува во етерот, да биде атрактивна и со гости и со содржини. И се трудам секогаш да биде нова, примамлива, интересна и различна. Тешко беше и на почетокот, но и сега е исто, секогаш треба да најдеш интересен сегмент и да ги убедиш потенцијалните спонзори за да го најдат својот бенефит за својот производ во мојата приказна наречена „Живот со стил“. Но, најважно е да се работи работата што ја сакаш. И да ја работиш со професионален тим во продукцискиот дел. А кога твориме со љубов, резултатите се неминовни..
.. А инспирација и љубов за оваа работа имам постојано…. Гледам низ розови очила, хахаха…всушност, се што го гледам околу себе, се што ме опкружува, ме инспирира и ме полни со љубов, а задоволните гледачи ме охрабруваат да продолжам и понатаму.
Сметате ли дека како жена е потешко да се изгради име, мислите дека ќе беше полесно ако бевте маж?
Мислам дека нема врска дали е маж или жена. Сè зависи од личноста. Колку вие ќе вложите од себе во некоја работа, колку ќе бидете упорни, колку и какво влијание ќе створите и остварите во контактите и сл.. Ако се сака сè се може, без разлика на пол, вера, нација… А името, брендот се гради и се надградува. Денес сум понесена од една идеја, утре можеби надополнувам со нова. И не се плашам да внесам и нови предизвици за кои ќе сметам дека ќе се вклопат во мојот наслов „Живот со стил“.
Како изгледа да бидете успешна бизнис жена во Македонија?
Сметам дека пред се треба да се биде практичен во остварување и достигнување на зацртаните цели. Не сум научена да седам и да чекам, сè да ми биде сервирано на маса. Иако има многу суета во светот на бизнисот, секогаш се трудам да се приземјам и суетата да ја оставам на страна, додека работам и создавам. Амбициите ме водат за поголеми успеси, камерата ми е најголемиот заводник, а приказните на познатите ми отвораат нови хоризонти. Сето тоа од другата страна на камерата, од страната на гледачите изгледа убаво, лесно и едноставно, но од оваа, нашава страна е поинаку, треба постојано да бидеш „ин“, да ги следиш сите збиднувања и актуелности, треба да се тркаш со конкуренцијата и да најдеш свои фанови и љубители на она што со голема љубов и желба го создаваш. „Аплаузот“ на тв публиката е нашата најголема сатисфакција.
Тешко ли е да се држат работите под контрола, со оглед на тоа дека целата организација е во Ваши раце?
Многу ми е интересно кога ќе ме прашаат луѓето: Само тоа го работите? А притоа не се свесни дека една неделна емисија од 35 минути бара време, организација, комплетна посветеност во текот на цела недела. Само можам да ви кажам, од моето искуство како проект менаџер на Живот со стил, сега за сега, одлично пливам. Мора да се држат конците во раце за да не се испушти кормилото, па бродот да ти замине во друг правец. Тешко е, но упорна сум и наоѓам начин за да го остварам зацртаното. Искуството го прави своето, па реагирам на позитивните реакции на публиката, а тоа е најважната награда за мене.
Елена, која е Вашата дефиниција за стил на живот?
Стилот на животот е одраз на ситуации, животно искуство, вредности, очекувања, чувства. Стилот на живот е самоизразување, ни укажува кои сме и што сакаме да бидеме, односно тоа е збир на нови норми и правила на однесување во однос на конвенционалните, следење на новите трендови и пронаоѓање на свој, единствен и препознатлив стил.
Со кого Ви претставувало најголемо задоволство да соработувате?
Со професионалци. Поголемиот број од моите гости се и мои лични пријатели и досега, најпрофесионално одговориле на мојата покана. Нема да издвојувам никого посебно, затоа што секој од нив има своја посебна приказна во мојот „Живот со стил“
Како реагирате на непрофесионализам и што е поважно, како се справувате со истиот?
Не реагирам, хахаха, едноставно елиминирам се што попречува професионалност. Не оставам простор за работа со непрофесионалци!
Што ве научи досегашното искуство, што би сакале да им кажете на оние кои сега почнуваат да работат и имаат амбиција да успеат?
Првите две основни работи, без разлика дали си спортски новинар или новинар што следи здравство: Бидете љубопитни, но во исто време нека живее и сомнежот во вас! Никогаш не се задоволувај со малку информации, истражувај, затоа што секоја наредна проверка на информации, ќе ти отвори еден нов пат! Едноставно, да имаш шанса, да ја сакаш работата, и да работиш професионално. Никогаш да не се откажуваш ако вистински сакаш да го работиш тоа. Ако човекот не си зададе висока цел во животот, никогаш нема да го достигне врвот. И нема врска, иако можеби 100 пати ќе паднеш и ќе попуштиш, 101от сè ќе се исплати, кога ќе дојдеш до врвот!.
Треба навистина да се сака работата, бара големо вложување и посветеност. Јас, на мои 12 години го заработив првиот хонорар и се сеќавам дека моето семејство го почестив со кафе и колачиња. Доаѓам од Куманово и мојот пат не е лесен. Но, многу сум горда што станав жена индивидуалец, независна уште од тинејџерски години. Се во животот успеав сама да си го купам, а притоа останав да чекорам многу приземно, со двете нозе на земја.
Всушност немав време за плачење и немав кому да му плачам, па научив дека сè што треба е да се потпреш единствено на себе и на своите дела.
Пренесуваш ли искуство од својата работа и на приватниот живот?
Апсолутно. За жал или за среќа, потполно е изгубена границата помеѓу тоа што го работам и мојот секојдневен живот. А можеби тој меѓупростор е единствено разбирлив за креативците, а можеби и не?!!!
Елена каква личност сте приватно, како го исполнувате слободното време?
Типична риба во хороскоп, за нив се вели дека се сонувачи и романтичари, занесени во нивен свет и оптимисти, зависна од љубов и гушкање, а светот те тера да бидеш ладнокрвен робот кој треба да гази преку сè, за да успее. И како риба успевам да испливам во тв етерот. Од друга страна трагам за внатрешен мир, апсолутна љубов, а љубовта е секогаш инспирација.
Друштвена, комуникативна, позитивна. Се радувам на секој нов ден и верувам дека утрото, денот го менуваме ние.
Секој момент од животот го уживам, го сакам мотивот дека утредента почнува од нула!.
ПС. Да почнеме од нула повторно? 😉
Гардероба: Fashion Group
Шминка: Ивана Атанасовска
Фризура: Силуете
Локација: Скопје Мериот Хотел
Фотографија: Емилија Маневска
При објавување на материјали од порталот www.hybread.mk во друг медиум, задолжително наведете го изворот од кој е преземен текстот