Снимањето на “Врати се Зоне“ тукушто заврши, екипата е разотидена, а премиерата е најавена за 2017 година. Првиот дел од филмот, кој беше снимен пред 14 години доживеа апсолутен успех. Тој успех сега се очекува да се повтори и да се надмине. По тој повод, разговараме со Милан Васиќ, кој го глуми ликот на Мане. Во ексклузивно интервју за HYBREAD.MK, зборуваме за улогата во филмот “Врати се Зоне“, но и за неговиот приватен и професионален живот.
Милан, како изгледаше самото снимање на филмот? Со какви предизвици се соочивте кога Ви ја понудија улогата, со оглед на тоа дека првиот дел беше мегахит и фантастично помина кај публиката?
Точно, првиот дел од филмот беше голем хит и секаде помина сјајно. Јас лично го гледав повеќе од 10 пати. Но, не обрнав многу внимание на тоа како помина филмот. Јас добив одлична прилика да одиграм главна улога во вториот дел и гледав тоа максимално да го искористам. Немав некои потешкотии, бидејќи овој лик (Мане) е како создаден за мене…
Дали Ви беше тешко снимањето на љубовните сцени со колешката Бранкица Себастијановиќ, односно интимните моменти на Зоне и Мане?
Не ми беше тешко снимањето на љубовни сцени, ниту било кои други сцени…а и во филмот нема класични љубовни сцени…сè е тоа направено убаво и со мерка. Така што филмот можат да го гледаат сите генерации.
Дали сте задоволен со себе, со она што го внесовте во улогата на Мане?
Да. Многу сум задоволен од она што го направив, а гледам дека режисерот и продуцентот се исто така среќни со тоа како го направив и како го изведов. Веќе спомнав дека имам впечаток дека е како напишан за мене. Затоа што таму каде што сите имаа мака околу акцентот и изговорот, јас немав никаков, затоа што сум од Косово и сè тоа ми е многу познато. Буквално уживав додека работев.
Која е предноста да се глуми во театар, а која на филм?
Знаете како…Многу се разликува театар од филм. Предност на театарот е тоа што тоа е жива материја, играш директно пред публиката и немаш право да погрешиш. И тогаш адреналинот е посилен. А од друга страна, филм ми одговара многу бидејќи нема лаги. Ако во сценариото на сцена одиш во река, тогаш одиш во река, ако е во шума, одиш во шума. “Врати се Зоне“ го снимавме во 8 градови. Тоа е таа мотивација за филмот, кој останува засекогаш, а театарските претстави се играат и се гасат. Јас сум човек кој ги сака и едното и другото.
Како изгледаше Вашата кариера пред претставата “Певај брате“?
Мојата кариера беше прилично добра и пред “Певај брате“. Многу работев во Врање и Лесковац, па го снимив филмот “Коњи врани“ со Љубиша Самарџич и серијата “Она наше што некогаш беше“ (по сценарио на Синиша Павиќ). И во двата проекта играв главна улога. А потоа се случи “Певај брате“ и поради честото појавување на телевизијата се случи народот да ме запомни.
Милан, што не можете да поднесете на ТВ, кога го исклучувате телевизорот?
Не можам да ги поднесам оние глупави Реални шоуа по телевизиите, има толкава количина на простотилак, насилство итн…просто не можам ни минута да издржам да гледам, па веднаш менувам канал и гледам диви животни.
Кога би се снимал филм за Вас, кој глумец би сакале да го видите во улога на Милан Васиќ?
Па јас сум уште млад за некој да ме игра. Никогаш за тоа не сум размислувал, но ете ако мора баш да одговорам, тогаш тоа би било вашиот млад глумец Александар Ристоски со кој заедно глумевме во “Врати се Зоне“. Станува збор за многу талентиран глумец, многу убаво воспитан кој ми остави одличен впечаток.
Каков човек сте приватно? Што сакате да правите во недела наутро?
Јас сум обичен човек и така живеам. Се задоволувам со мали работи, сакам друштвото околу мене да биде вистинско и весело. И само со такви луѓе се дружам. Немам јас баш класична НЕДЕЛА како многу луѓе кои работат во државните фирми. Не постои недела како ден за одмор во мојата професија, но генерално ако не работам во недела, тогаш се будам наутро, се туширам, одам на појадок, па после еспресо, Кока Кола, весници и цигара.
Каква треба да биде жената која би ја одвеле пред олтар?
Да го знаев тој одговор, тоа одамна би се случило…хахаххаа…се шегувам. Претпоставувам дека треба да биде слична на мене, да сакаме слични работи, да биде од добро семејство, убаво воспитана, весела, а јас често ќе и пеам 🙂 И секако, за мене да биде убава.
Одлично пеете и кога сте во Македонија често знаете да запеете некоја од песните на Тоше…Дали сте размислувале да снимите нешто свое? Како стојат работите на музичко поле?
Јас сум баш голем фан на Тоше Проески и многу ја сакам Македонија и Македонците. Вие сте најгостопримлив народ на Балканот. Често пеам македонски стари песни и морам да Ви кажам дека знам многу од нив. Имам во план еден свој концерт на етно музика. Но тоа ќе се случи кога треба да се случи. Ништо не работам на сила бидејќи сметам дека вратите се отвараат секогаш кога треба.
Што мислите, како Ве доживуваат луѓето? Како се доживувате самиот себе?
Не знам како да одговорам на тоа прашање. По она што гледам кога луѓето ќе ме сретнат на улица, во театар, пред трафика, во болница итн, ми делува дека народот ме сака, цени, почитува. Јас себе се доживувам како нормално момче од добро семејство кое сака песни, глума, луѓе и да биде се позитивно.
ПОДГОТВИЈА: Билјана Настеска – Каланоска и Андријана Јовановска.
ФОТО: Приватна архива
При објавување на материјали од порталот www.hybread.mk во друг медиум, задолжително наведете го изворот од кој е преземен текстот.