Уметноста има многу форми на изразување и уште толку повеќе начини на нејзиното доживување.
Лазе Димовски е човек кој за себе вели дека ја носи уметноста во душата, а ја изразува на повеќе начини. Еден од нив е изработка на декоративни мали уметнички дела, станува збор за цркви и останати изработки од камен.
H: Лазе, Вие имате работилница во која ги создавате овие мали уметнички дела. Од каде идејата, зошто цркви?
Да, црквичките и останатите дела ги изработувам во мојата работилница која се наоѓа во населбата во која и живеам, поточно – Радишани.
H: Со каков материјал работите?
За изработка на црквичките користам различни материјали како што се: цигли, камен, мермер, гранит, оникс, додека за оние кои се со фасади користам материјали за изработка на фасади.
H: Што друго изработувате, освен цркви?
Освен црквичките т.е. параклисите се занимавам и со изработка на тревници, фонтани, фурни, скари, украсни бунарчиња, летниковци, лулашки, со оформување и обликување на зимзелените садници во различни форми и сетоа она што го опфаќа уредувањето на дворот.
H: Дали има посебни барања од клиенти или пак Вие им давате предлог?
Има клиенти кои веќе имаат замислени идеи и само сакаат да се изреализира, но има и такви кои што оставаат се комплетно на мене или се консултираат, бидејќи сепак делото останува за нив.
H: Како изгледа процесот на изработка, колку време Ви е потребно?
Процесот на изработка зависи од тоа што се бара од мене, но за било што ништо не трае повеќе од 10 дена, а како изгледа процесот зависи од тежината на нештата кои се бараат да бидат изработени. Некаде е сложено, некогаш пак се завршува многу лесно и брзо.
H: Најчесто работите сами или пак имате потреба од дополнителна помош?
Претежно делата ги изработувам сам, затоа што црквичките, бунарчињата и оние помали работи нема место за работа за повеќе од еден.
H: Што е специфично кај ваквиот начин на изработка на делата?
Специфично е тоа што бара многу трпение, смиреност, јаки нерви бидејќи понекогаш не оди се како што треба или пак како што јас сакам и сум замислил.
H: Дали е потребна претходна подготовка или познавање на материјалот?
За се треба претходна подготовка, како за материјалите така и за алатите кои треба да ги користам.
H: Се сеќавате ли на првата изработка, дали ја чувате?
Да, се сеќавам на се и секојдневно ги гледам бидејќи првите изработки се наоѓаат во мојот двор и ми се најдраги бидејќи се тргнало од нив.
H: Каде можат луѓето да ги погледнат Вашите дела, да се запознаат повеќе со нив?
Па насекаде низ Македонија може да се погледнат, а и надвор од границите на нашата држава каде што имам работено за овие 13 години.
Како што споменав претходно, се што имам прво изработено е кај мене во двор во населбата Радишани, па слободно кој сака може да погледне или пак на Facebook профилите: Фонтани- Тревници Црквички и Fontani-Trevnici Crkvicki кои ги користам за таа намена.
На крај би сакал да Ви се заблагодарам за Вашата заинтересираност за мојата работа и за одвоениот простор на Вашиот портал.
Подготви: Билјана Настеска – Каланоска
Фото: Приватна архива
При објавување на материјали од порталот www.hybread.mk во друг медиум, задолжително наведете го изворот од кој е преземен текстот