Ако не вие, барем некој од вашите пријатели на Инстаграм ја следи Диња, ликот што во своите кратки видеа критикува, провоцира, се потсмева, засмева, но поважно од сè, пренесува силна порака против семејното насилство и се бори за правата на децата и жените. А тоа го прави толку едноставно, толку ненаметливо, што не можете, а да не се заљубите во Диња. И во Сандра Силаѓев, жената што стои пред мобилниот телефон и ни го пренесува секојдневието на Диња, без цензура, без вртење одоколу, директно в лице.
Најмалку 100.000 луѓе (само на Инстаграм) ја познаваат Диња… Која е, всушност, Диња? Како се „роди“?
„Диња е збир од различни ликови кои главно го кажуваат она што не се зборува отворено и не се кажува в лице. Како идеја се појави некаде во 2012 година, а се роди во декември 2015 година, бидејќи апликацијата Vine бараше некакво име, па сосема случајно го ставив името Диња, бидејќи на масата пред мене стоеше диња, а мене, пак, ми беше интересно како назив.“
Од друга страна, Сандра е родена во Македонија, бидејќи мајка ви потекнува од овде. Колку ве влечат вашите македонски корени?
„Родена сум во Штип, и често доаѓам во Македонија. Ја сакам земјата, посебно македонската кујна која е комбинација од медитеранска и турска храна. А ја сакам и македонската музика.“
Дали ви пречи тоа што ве нарекуваат „интернет сензација“? Или тоа е причина да вложувате повеќе во ликот на Диња?
„Не ми пречи сè додека пораката што ја испраќа Диња оди на вистинското место и допира до луѓето.“
Првиот клип на Диња се појави пред околу три години на Vine… Сепак, целата приказна вистински заживеа пред десетина месеци. Зошто ви требаше толку долго да поработите малку на својот „внатрешен глас“, на приказната, на ликот кој со своите приказни ги допира луѓето?
„Имав некои други, поважни работи, работев на нешто друго и ова со Диња се случи во моментот кога имав вишок слободно време.“
Диња е смешна, забавна, по малку саркастична, а на крајот, сепак реална… Дали е тешко да пронајдете инспирација, вистински зборови, вистински приказни, да испратите порака во којашто ќе се пронајде вашата публика?
„Мене, искрено, не ми е тешко. Диња ја работам водена од личниот импулс, ја создавам во моментот, ништо не смислувам однапред.“
Ви помагаат ли пријателите да пронајдете теми? Расположени ли се за снимање кога Диња ќе добие инспирација за нов клип?
„Не ми помага никој, ама ако сум со пријателите некаде и ако разговараме за некоја тема што мене ме инспирира, тогаш снимаме заедно, на моја иницијатива.“
Дури и кога е Диња само смешно забавна, таа ни пренесува некоја силна порака. Всушност, Диња се залага за правата на жените, на децата, гласна е против семејното насилство. На Диња ѝ се важни социјалните теми, општеството… Дали е Диња гласот на народот?
„Не сум сигурна дали сум баш глас на целиот народ, ама секако сум глас на одреден народ, и тоа токму на оние за коишто зборувам во клиповите на Диња.“
Која е најголемата сличност помеѓу Сандра и Диња? А по што се разликуваат дијаметрално?
„Сличноста е во телото што го делат двете, а спротивни се по тоа што Сандра постои, а Диња е измислен лик.“
Имате завршено Драмска академија, ама сепак, не се занимававте многу со глума овие години… Зошто?
„Јас цело време се занимавам со глума, само што тоа не е класичен театар или филм. Но, со целото свое битие од моето раѓање се занимавам со глума.“
Во својата кариера бевте актерка, напишавте сценарио и самата го режиравте своето дело… Дали ова значи дека Сандра може буквално сè, или едноставно, сакате предизвици и се обидувате да пронајдете во што сте најдобра?
„Не размислувам така, туку ме води идејата и пораката што сакам да ја пренесам. Не ми е толку важен квалитетот во смисла на висока продукција и слично, напротив, поважна ми е пораката.“
Глумевте и во куклен театар. Како би го опишале тоа искуство?
„Тоа е навистина прекрасно искуство. Кукларството е посебна гранка на драмската уметност во којашто актерот својата личност ја проектира преку предмет.“
Во најава е почетокот на вашето детско училиште за глума. Кога ќе почнете со работа?
„Се надевам дека ќе почнам наскоро. Чекам да се пријават луѓето и да се комплетираме. Мислам дека актерскиот талент не се препознава многу рано. Дури некаде пред крај на основното училиште.“
Имате преслатко девојче. Што научивте како мајка на Уна?
„Мајчинството е многу сложено искуство, преполно со комплексни емоции. Се трудам да бидам родител што ќе си го разбира детето.“
Кога Диња би требала да ја посоветува Сандра, што би ѝ рекла?
„Диња на Сандра би ѝ рекла: ДИШИ!“
https://www.youtube.com/watch?v=RToTT9Y5Qds&feature=youtu.be
Подготви: Андријана Јовановска
При објавување материјали од порталот www.hybread.mk во друг медиум, задолжително наведете го изворот од кој е преземен текстот.
Discussion about this post