Македонската фудбалска нација скока до небо од среќа. Причината ја знаеме сите – момците до 21 година се пласираа на Европското првенство и ќе дадат сè од себе да остварат пласман од кој ќе бидеме уште погорди. Еден од креаторите на овој најголем фудбалски успех е Игор Алексовски, голманот на репрезентацијата до 21 година и голман во ФК Вардар.
Се оствари сонот на целата нација, македонската химна да се слушне на некое Европско или Светско првенство во фудбал. Како го доживеа моментот кога победивте и кога дознавте дека и другите резултати се во наша полза?
„Во истиот момент додека игравме ние се играше и натпреварот Исланд – Украина што беше важен за нашиот пласман. По овациите од многубројната публика на арената Филип Втори можев да заклучам дека Украина има добар резултат и дека сме на прагот на Европското првенство , но сè уште имаше време до крајот. Кога веќе беше сè завршено и кога дознавме дека сме на Европско првенство едноставно не ни се веруваше. Нешто што од мал си го сонувал – станува реалност. Сите бевме пресреќни и нема зборови со кои може да се опише таа радост.“
Колку долго си во светот на фудбалот? Како започна и каде?
„Започнав да тренирам на 9-годишна возраст во Македонија Ѓорче Петров, односно 11 години откако тренирам, но во светот на фудбалот сум одкога знам за себе. Уште од најмали години го сакав и не се одделував од топката.“
Зошто голман? Отсекогаш сакаше да бидеш тоа, или некој од твоите тренери те насочи кон голманската позиција?
„Голман сум сакал да бидам отсекогаш. Често бранев во маало и добро бранев. Кога започнав во Македонија ЃП бев играч сè додека не се случи на еден натпревар да нема голмани, а еден другар „ме издаде“ на тренерот дека добро знам да бранам.“
Колку е различен тренингот на голманите од оној на фудбалерите? Како се одвива?
„Голманските тренинзи се многу различни од оние на фудбалерите иако има некои слични делови, како на пример загревањето, пас вежбите или фитнес делот од тренингот. Меѓутоа, нашиот тренинг претежно се состои од вежби кои вклучуваат паѓања, фрлања и скокови, а сè со цел да не примиме гол.“
Се сеќаваш ли кога прв пат се најде на голот во твојот прв професионален натпревар? Прими гол или успешно ја сочува мрежата?
„Првиот натпревар во Правата лига беше за Македонија ЃП и гостувавме на арената Филип Втори против мојот сегашен клуб Вардар. За жал на тој натпревар загубивме со 4-1, но како позитивен момент можам да го извдојам одбранетиот пенал.“
Од Македонија Ѓорче Петров се пресели во шампионот Вардар. Ако е Вардар најдоброто во Македонија, што е за тебе најдобро во светот и за кој тим би сакал да браниш?
„Да Вардар е најдобриот клуб во Македонија и еден од најдобрите клубови на Балканот. За мене најдобриот клуб во светот и клуб во којшто сакам да бранам е Челси.“
Колку долго браниш за младинската репрезентација? Какво е чувството да се најдеш очи во очи со противникот и топката што го бара својот пат во голот?
„Веќе две години бранам за младинската репрезентација односно У-21, а сум ги поминал и сите други младински категории. Кога сум на голот, односно на натпревар, чувствата ги оставам зад себе, единствено нешто што правам во тој момент е да се концентрирам на натпреварот. Кога некој ќе излезе очи во очи со мене, се фокусирам на топката и го следам движењето на играчот, се обидувам да „прочитам“ што би направил и се обидувам да го насочам на некоја страна на којашто јас сакам да тргне.“
Колку си успешен во одбраните на пеналите?
„Како мал бев доста успешен во пеналите и често се случуваше да одбранам пенал, но сега, да бидам искрен, одамна не сум одбранил некој пенал.“
Кој ти е фудбалски идол?
„Мојот идол е Петр Чех.“
Сите ве доживуваат како светлата иднина на македонскиот фудбал. Дали и ти и твоите соиграчи мислите така?
„Во овие моменти сите нè доживуваат како светла иднина, меѓутоа сите ние цврсто стоиме на земја иако сме свесни дека направивме историски успех. Но не треба да застанеме тука. Треба уште многу напорно да работиме и да даваме сè од себе, а времето ќе покаже колку ќе бидеме успешни на крајот.“
Сега кога почнува да стивнува еуфоријата околу историскиот пласман, кои ти се желбите за на Европско?
„Голема желба ми е да го освоиме Европското првенство, но има време до тогаш. Верувам дека добро ќе се подготвиме и како на секој натпревар до сега ќе го дадеме својот максимум.“
Каков е Игор приватно? Кажи ми нешто за себе, за твоите желби, интереси, љубови…
„Воглавно јас сум максимално посветен на фудбалот, но кога имам слободно време гледам да си го посветам на себе, сакам да одморам, да одам на прошетки во природа, да им посветам внимание на моите дома. Исто така често играм и ФИФА. Излегувам со другарите на кафе, но доста време одвојувам и за мојата девојка која е мојата најголема поддршка во животот. Доаѓа на секој натпревар да ме бодри, секогаш е тука за мене и многу ми помага. Желба ми е да играм во некој европски клуб и да имам успешна кариера.“
Подготви: Андријана Јовановска
Фото: приватна архива
При објавување материјали од порталот www.hybread.mk во друг медиум, задолжително наведете го изворот од кој е преземен текстот.