Фудбалерот на Вардар Дарко Глишиќ и денес верува во Дедо Мраз. Сака да научи да вози борбен авион, а вели дека денот без мобилен би бил совршен ден!
Со него поразговаравме за неговите омилени работи…
Кој подарок сакаше да го добиеш најмногу како дете? Дали ти се исполни желбата?
Како секое дете најмногу сакав да добијам пакетче од Дедо Мраз и благодарение на татко ми, кој се облекуваше како Дедо Мраз, желбата ми се исполни.
Веруваш ли во Дедо Мраз? Што би му побарал?
Да, верувам во Дедо Мраз и би му побарал сите деца во целиот свет кои се бездомници, да ги направи среќни!
Која е последната лага што ја кажа и на кого? (биди искрен)
Ќе бидам искрен, лажам само кога треба да ја изненадам својата девојка.
Би лажел ли за да заштитиш пријател?
Зависи од ситуацијата и зависи од пријателот, бидејќи денес има многу малку и ретки се вистинските пријатели, но за вистинки пријател сè би направил.
Која ти е најголемата слабост во животот?
Дефинитивно мојата внука Ива. Ја обожавам. Таа е мојата слабост.
Што не би простил никогаш?
Лага и неправда, иако во нашата држава има многу неправда и мора да се живее со тоа.
На што помисли прво кога се разбуди утрово?
Помислив на тренинг, ха, ха, бидеќи и кога сме на пауза имаме програма за да ја одржуваме нашата кондиција.
Кога би можел да живееш 24 часа во туѓо тело, да си некој друг, кого би избрал и зошто?
Ајрон мен, затоа што уште од мал си мечтаев дека еден ден ќе можам да летам и да одам наоколу каде сакам.
Кому му се обраќаш најчесто за совет?
На родителите бидејќи тие се секогаш за мене тука.
Кој ти е најголем херој во животот?
Мои херои се моите родители и цел живот ќе им бидам благодарен за тоа што го направиле за мене и ме извеле на прав пат.
Кога би можел да научиш нешто ново во животот, што би сакал да е тоа?
Би сакал да научам да возам авион и тоа борбени авиони.
Каде би сакал да отпатуваш за никој да не те најде?
На Мачу Пикчу во Перу и таму би останал.
Мислиш ли дека би издржал 24 часа без мобилен? Како би изгледал тој ден?
Секако дека би издржал, тоа би бил еден од најубавите денови, само да е на вистинското место и со вистинската личност.
Ако ти понуди Арселан 10 милиони евра да си заминеш од Вардар, би прифатил ли?
Бидејќи Арсенал ми е омилен тим би прифатил без размислување.
Подготви: Андријана Јовановска
Фото: приватна архива