Велат дека пасијата кон одредена работа го определува карактерот на човекот, а посебно кога се работи за спорт, ова правило важи во целост. Дарко Димитровски е професионален куглар кој вели дека љубовта кон овој спорт ја наследил од татко му. Тој зборува за неговите почетоци, за ангажманот во КК “Вардар”, но и за идните планови на клубот.
Како се роди љубовта кон куглањето?
Мојот случај е типичен пример на пренесување на љубовта кон одреден спорт од страна на родителите. Во конкретниот случај, татко ми е “виновен” што сум “заразен” со овој спорт уште во раното детство. Дури не се ни сеќавам кога сум ја фрлил првата кугла, веројатно на моја 3-4 годишна возраст. Сериозно се бавам со куглањето од моја 14 годишна возраст кога за прв пат бев регистриран како играч во Македонската Кугларска Федерација.
Какви беа Вашите почетоци, дали постоеше опција за друг спорт?
Па да, постоеше опција за друг спорт. Секако дека “големите” спортови беа дел од моето секојдневие, посебно кошарката. За жал, многу брзо го напуштив тој спорт и покрај големиот талент. Резервната опција куглањето стана мој императив. Едноставно, повеќе се најдов себеси на кугларските патеки.
Дарко куглањето не е Ваша примарна професија, но тренирате со љубов и посветеност. Колку сите активности Ви го окупираат слободното време?
Секогаш фалат повеќе часови од можните 24. Покрај секојдневните работни обврски , мојот ден го окупира и новиот член на семејството, ќерка ми. Мора да признаам дека куглањето наеднаш падна на второ место од моите приоритети, но останува во фокусот посебно откако сум еден од креаторите и член на КК “Вардар”. Доколку не успеам да најдам време за редовен тренинг, секако сум психички посветен на клубот да ги оствари сите свои зацртани цели.
Како се создаваше кугларскот клуб “Вардар”, односно како изгледаше процесот од идеја до реализација?
Знаете, кога нешто се прави се силна љубов, целиот процес од идеја до реализација се случува со брзина на светлината. Доволна беше идејата на 5 вљубеници во куглањето заедно да се соберат и да создадат нешто ново на заситената кугларска сцена во Македонија. И за наша среќа, тоа се 5 видни поединци во македонското куглање кои оставиле длабок белег. Сега тој белег е уште поголем и позначаен преку остварувањата КК “Вардар”.
КК Вардар официјално е создаден на 29 април 2014 година. Првата официјална сезона беше сезоната 2014/2015. Основачи на овој тим се Димитар Димитровски –подолги години најдобриот македонски куглар , Драги Димитровски- квалитетен, искусен и трофеен тренер, Дарко Димовски и Коста Ристевски– квалитетни трофејни куглари и големи кугларски ентузијасти, како и јас, Дарко Димитровски.
Рековте дека кугларскот клуб “Вардар” постои две години, а веќе имате одлични резултати. Кажете ни повеќе за тоа?
Од самото создавање на клубот и креирањето на првиот костур на екипата, на сите ни беше јасно дека создаваме нешто многу повеќе од просечен кугларски тим. Самите имиња на поединци – членови на клубот ставаат до знаење дека КК “Вардар” е клуб со големи амбиции од самиот почеток на неговот постоење. Таквиот тим со квалитетни куглари плус одличната хемија која завладее меѓу играчите беше доволно да клубот се закити со вицешампионската и куп титулата уште во првата година од своето постоење. Во втората година речиси го повторивме успехот со две вицешампионски титули , во купот и лигата.
Која е Вашата најголема амбиција како дел од тимот?
Ни останува да се закитиме уште со шампионската титула. И тоа беше и ќе остане наша амбиција. На патот ни стои многукратниот шампион “Макпетрол” кој со својот квалитет не ни дава да отидеме уште еден чекор напред. Дуелите со нив станаа кугларски празник во Македонија поради малите нијанси кои го одлучуваат победникот. Останува вредно да работиме и да се трудиме да го оствариме зацртаното.
Во октомври годинава ќе учествувате на “Светскиот куп” во Италија. Како се случи тоа?
Шампионот КК “Макпетрол” одлучи да ни го отстапи местото во Светскиот Куп , бидејќи одлучија да го искористат своето право како Куп победници да заземат учество во третото по ранг натпреварување – НБЦ купот. Ние со задоволство ќе настапиме на Светскиот Куп, рамо до рамо со сите европски шампиони во своите држави. Верувам дека достојно ќе ја претставиме Македонија и дека ќе покажеме висок квалитет.
Кои се плановите после учеството во Италија?
После настапот во Болцано, Италија, останува да се фокусираме на домашната лига. Сепак, доколку успееме да се пласираме во првите 8 екипи на Светскиот Куп, ќе се укаже уникатна можност за прв пат да учествуваме во Лигата на Шампионите. Тоа ќе биде најголемиот успех на КК Вардар – да игра во најсилната Европска лига зедно со уште 15 европски екипи. Но за тоа потоа…огромна благодарност од КК Вардар до порталот Hуbread.mk за ваквата промоција и поддршка на клубот , но и на куглањето како спорт воопшто. Се надеваме ќе имате за што да пишувате во блиска иднина поврзано со КК Вардар.
Подготви: Билјана Настеска – Каланоска
Фото: Приватна архива
При објавување на материјали од порталот www.hybread.mk во друг медиум, задолжително наведете го изворот од кој е преземен текстот