Своето искуство го пренесува не само преку нејзините песни и настапи, туку и преку книгите кои ги пишува. Во Скопје дојде за да го најави концертот на 14 февруари, но покрај тоа зборувавме и за нејзината 30 годишна кариера, за дел од емотивните моменти кои ги има доживеано – Данијeла Мартиновиќ во интервју за Hybrid.mk:
H: Публиката го очекува Вашиот концерт следниот месец, на 14 февруари. Дали датумот е намерно или случајно одбран заради симболиката што ја носи?
Кога разгледувавме датум и биравме кој ден би бил најсоодветен, немавме цел тоа да биде 14 февруари. Но, видовме дека тој термин е слободен и веднаш го резервиравме тoкму заради симболиката на денот, некако се поклопија работите. Ако веќе треба да имаме гласни потсетници, да бидеме малку подобри во секој поглед, тогаш дефинитивно одиме со тој датум.

H: Каков ќе биде музичкиот репертоар, што ќе може да слушне публиката на Вашиот концерт?
Целата моја кариера ќе биде дел од програмата вечерта, сите мои песни. Ќе има музички изненадувања, песни кои не сум ги отпеала никогаш, но за мене многу значајни и ќе ги раскажувам исто така приказните врзани за нив, односно зошто сакам да ги отпеам.
Ќе зборувам за дел од поезијата која ја пишувам. Знаете, тоа не е чиста поезија, туку мотивациски зборови. Во животот имам големо искуство кое го опишувам преку поезијата.
Мојата желба е во овој период од мојот живот, преку музиката да им го разубавам животот на луѓето, но и преку зборовите. Целта ми е да апелирам и потсетувам на тоа. Знаете, како прст да Ве допира на едното па на другото рамо велејќи „Ти си неповторлив и совршен, ти тоа го можеш…“

H: Дали тоа беше причината, да ја раскажете Вашата приказна на TedX 2019 во Загреб и со тоа да мотивирате други луѓе да одат напред, да ги следат своите соништа? Зошто токму тогаш решивте да прозборите за приватните работи, за Вас како личност?
Луѓето кои ме знаат и добро ме познаваат, свесни се дека тоа е моја материја која многу ја сакам. Јас со мoите пријатели и познаници многу разговарам за тоа и го проучувам преку 15 години. Тие секогаш ми велат: „Данијела ти мораш да зборуваш, сакаме кога зборуваш и тоа знаење се пренесува“. Како тоа да го сторам? Кога? Како ќе изгледа? Тука уште еднаш се убедив дека не постојат случајности. Во таа фаза на размислување, добив покана да бидам говорник на TedX и сфатив дека всушност тоа е можност што не треба да ја пропуштам. Универзумот се согласи и добив можност да зборувам. За време на говорот за време на TedX доживеав прекрасни моменти. Организаторот на настанот и менторката која што беше задолжена да работи со мене и со неколку други говорници, ми рекоа дека тоа е еден од најдобрите говори на TedX. Токму затоа и одлучив мојата втора книга со поезија да ја почнам со говорот од овој настан. Целиот е напишан внатре.
H: После настанот, имавте изненадување кое се уште длабоко допира до Вашето срце. Вашиот татко бил присутен таму, а Вие не знаевте…Како беше целата ситуација?
Тоа беше многу емотивен момент за мене, истиот е напишан и во книгата. Мојот татко дојде без јас да знам. Мојот татко е еден обичен човек, од „обично“ семејство. Тој си купил автобуски билет, иако можел да дојде со авион или автомoбил, но не сакал мене да ме оптоварува и сакал вистински да ме изненади. Дошол, влегол во салата без да знам, го чекал мојот настап, а не знаел која по ред настапувам. А јас настапував последна. Можете да замислите – цел ден чекал да дојде мојот ред. На TedX имаше странски говорници, тој не разбира англиски, а сепак чекал цел ден за да дојде мојот ред. Тоа го може само родител. Тој си замина веднаш по настанот, а јас плачев кога дојдов дома, всушност плачев цела ноќ велејќи си „Боже ти благодарам. Ако беше и само мојот татко присутен таму, ако беше само тој дојден да ме слуша, сето ова се исплати.“

H: Кога веќе зборуваме за Вашиот татко, што научивте од него што ќе го носите секогаш со себе?
Мојот татко се вика Иван. Мојот татко сите луѓе кои го познаваат го викаат Свети Иван, самите зборови кажуваат каков човек е. Јас имам среќа што тој е мојот татко, бидејќи не сум го одбрала, тој е мојата среќа, еден од најдобрите луѓе кои постојат. Тој ми отвори нов поглед кон животот, нова димензија. Јас гледајќи го него, сфатив колку секој човек е неповторлив. Човек кој ќе го сретнеме на улица и собира ѓубре, тој е прекрасна божја креација и тој го менува животот на свој начин. Не мора да имаме титули, да бидеме пред камера, тоа не e важно. Да, ние го можеме тоа затоа што ни е работа, но нашата вредност не доаѓа од таму. Мојот татко тоа го покажува од ден на ден. Тој во својот живот промени толку многу животи, колку – ниту јас не можам да изборојам.
H: Дали заради целото Ваше животно искуство, почувствувавте потреба да го „ставите“ во книга?
Апсолутно! Сакав да го напишам бидејќи јас навистина тоа го преживеав, имам живо искуство. Еве еден пример – работев интервју со една девојка која ослабела 50кг. Потоа се здебелила 70 кг, па ослабела 70 кг. Што сакам да кажам? „Вие тоа го можете, ќе успеете и слично..“ Но, кога таа ќе го каже тоа самите зборови веќе имаат друга смисла и имаат значење за вас. Така и јас сакам да настапувам. Јас го имам тоа искуство. Јас сум била и тажна, несреќна, напуштена и без идеја, сум се чувствувала беспомошно, не сум знаела како да излезам од некои ситуации, сум ималa стравови, но јас поминав низ тоа. Затоа сакам да им кажам да луѓето – немојте да се откажувате од себе, стравовите се измами кои се обидуваат да ве запрат. Вие сте многу повеќе отколку што можете да замислите, потребни не сте на себеси, туку на сите нас, мене – за да можам да го имам овој разговор сега.

H: Кога сме кај животното искуство, случките од животот, има една пресвртна точка на почетокот на Вашата кариера кога во еден момент сакавте да се откажете….
Тоа беше во период на многу ангажмани, бев преморена, немав некој што ќе ме води низ тоа. Не можев да направам разлика дали сакам одмор или целосно да се откажам. Знаете и сами, кога сте преморени, макар и 2 дена без сон , сте нервозни и не расудувате како што треба. Јас имав по 3 концерти во еден ден. Имаше периоди кога во еден месец имав по 70 концерти, што за една млада девојка беше премногу напорно. Откако се одморив, Тончи Хуљич ми се јави и ми рече „Немој да бидеш луда, ти си родена за ова, тука е твоето место“.
H: Првата книга е објавена, втората ќе биде промовирана наскоро, дали следи трета?
Третата книга е веќе готова. Ќе биде објавена на крајот на оваа година. Во моментов сум ангажирана околу промоцијата на втората книга и тука го задржувам фокусот.
Подготви: Билјана Настеска – Каланоска
Фото: Приватна архива
При објавување на материјали од порталот www.hybrid.mk во друг медиум, задолжително наведете го изворот од кој е преземен текстот.