Музичар, режисер, сега и организатор на талент шоу… Скоро и да не постои нешто што Даниел Јовески не може да го направи. Веднаш по најавата за талент шоуто Ohrid Superstar, поразговаравме со него за неговите идеи, планови, 5-годишнината од професионалната режисерска кариера…
Од музиката не се откажувате… Каде може да Ве видат оние што уживаат во Вашите музички настапи?
Дефинитивно музиката ми е движечката сила, што и да правам секогаш музиката ќе патува заедно со мене низ животот. Настапи имам скоро секаде низ нашата земја, но во различен период од годината. Засега оние кои што сакаат да ме слушнат заедно со мојот бенд настапувам во неколку локали во Охрид, поконкретно вечерва (14.02) по повод празникот на денот на виното и љубовта ќе настапиме во Мr.I – Охрид , а пред самиот почеток на музичкиот перформанс ќе имаме промоција на мој нов музички видео запис за младата и талентирана пејачка Анита Мицова.
Во Македонија, ми се чини, повеќе Ве препознаваат како режисер, отколку како музичар… Во Вашата биографија се запишани многу соработки, снимени спотови… Ако мора да издвоите три, тогаш кои музичари/спотови се на Вашата листа?
Многу е тешко прашањето бидејќи навистина сите спотови и соработки ми се еднакво драги и силно сум поврзан со сите, но ако веќе морам да одвојувам, иако беа соработки од пред околу 4 години: Елена Ристеска – Опасно време , Влатко Лозановски – Нема ден нема ноќ и Боби Мојсовски – Јас и ти.
Колку се вложувате во секој следен проект? Колку е тешко идејата да се претвори во крајна реализација според замислата?
На секој проект максимално се посветувам и дефинитивно давам повеќе од колку што е договорено и замислено, без разлика дали се работи за пејач кој сега почнува да гради кариера или со некој голем веќе познат и докажан пејач. Најтешко е да се дојде до идејата и нејзина конкретност, а според мене тогаш многу е полесно да се дојде и до реализација. Повеќе време трошам во работење околу идејата и организацијата, отколку на самото снимање и обработката на снимениот материјал од проектот.
Последниве години сте многу баран на пазарот во соседството – Косово, Албанија… дури имате и награди за вашите спотови. Дали е полесно да се работи таму… и зошто е тоа така?
Нема лесен пазар според мене. Ако зборуваме за тежината на овој пазар, дефинитивно таму е многу потешко да се работи затоа што има огромна конкуренција и следат сè што е во тренд, од светска сцена и од технологија. Оставаат место и за квантитет, но таму квалитетот секогаш излегува на површина, бидејќи имаат создадено некаков филтер со помош на многу манифестации и телевизиски шоуа, па тука се и тие музички и видео награди кои според мене се премногу реални и заслужени. Малку ќе излезам од ова прашање и ќе се надоврзам на другото прашање погоре во интервјуто каде морав да одберам три од македонските соработки, па за да ја изедначиме вагата ќе ја одвојам и другата тројка од албанскиот пазар. Овие три видео записи исто се и од поновите на кои сум работел: Vullnet Ibraimi – Moment I duhur , Enis Bytiqi – Zemer Tjeter, Elita 5 – Me fal.
Ако треба да ги споредите двата музички пазари, која е најголемата сличност, а која е најголемата разлика?
Најголемата разлика дефинитивно е јазикот… затоа што јас сум Македонец и потешко е да се функционира на албански јазик, бидејќи таму сè функционира на албански јазик, фестивалите, сите манифестации, интервјуата итн. А поконкретно како сцена и пазар сличност нема, ние сме различни како небо и земја, дури и не знам од каде да почнам, дефинитивно од ова мое досегашно искуство ќе ми требаат многу страници за да објаснувам за разликите и недостатоците. Само знам дека полека но сигурно во иднина таа пракса ќе пробам да ја внесам во нашиот пазар. Тоа ќе е многу тешко, но ќе се потрудам максимално. Како прво ќе мора силно да се работи само на квалитет. Не смееме никако да го мешаме квалитетот и квантитетот, тоа е исто како да ставиме на бетон 150 зрна пченица и да чекаме да изртат, а потоа да ставиме 5 зрна во земја… Кои од овие два примери ќе добие плод? Значи треба сите заедно сплотени да работиме кон опоравување на сцената и да знаеме точно каде целиме со нашите проекти, песни и видеа. Оваа година во знак на мојата 5–годишна успешната работа наградена на балканско ниво, одлучив да подарам пет пакети – песна и спот подарок на наши македонски пејачи/групи, каде направив своја селекција од 60 артисти и од нив публиката преку Фејсбук имаше можност по еднаш да гласа за својот идол и така да се дојде до најгласаните 5 артисти. Тоа беше за супер почеток на 2017 година за освежување на македонската сцена на музички и видео план.
Ајде да позборуваме малку за OHRID SUPERSTAR талент шоу… Од каде потекна идејата и кој ќе учествува во неговата реализација?
Идејата тргна од тоа дека имаме многу талентирани луѓе во многу полиња кои сакаме да ги задржиме да останат тука во своите градови, бидејќи за жал веројатно немаат каде да го искажат твојот потенцијал/талент и тие го напуштаат Охрид , а потоа и нашата држава. Главната цел на ова шоу е секој можен голем талент од сите сфери од Охрид и Струга да го откриеме во што поголем број и да се потрудиме да ги задржиме да останат тука и да функционираат понатаму во животот и кариерата. Многу е жално да си одиме од градот, кој во исто време на некој друг му е животна желба да живее во истиот. Носители на проектот се Супер радио и охридските „Тамаро“ маркети, а главен медиумски партнер е регионалната О2 телевизија.
Кој сè може да се пријави во шоуто? Кога започнуваат аудициите, каков талент барате и каков ќе биде форматот на самото шоу?
Оваа потрага е по музичари, пејачи, глумци, бендови, стенд ап комичари, водители за ТВ и Радио проекти – односно по сите во регионот на Охрид и Струга кои имаат некој талент и сакаат истиот да го покажат. Талентот не признава граници и токму затоа, ако имате некој талент кој излегува од границите на она што ние го имаме предвидено, секако дека сакаме да го видиме и споделиме со јавноста. На овој начин сакаме да им дадеме можност на сите да се експонираат и да бидат новата Супер Ѕвезда. Возраста не е важна, може да се пријават од 7 до 77 години, треба само да имаат желба и талент кој сакаат да го покажат пред јавноста. Во моментов, до крајот на февруари трае пријавувањето на маил ohridsuperstar@gmail.com, а аудициите ќе се одржуваат во текот на викендите од март. Главните вечери, односно полуфиналето и финалето ќе се одржат во текот на месец април. За победниците има богати награди и тоа: парична награда од 2000 евра, песна и спот од Даниел Јовески и свој проект на телевизија и радио.
Што е потребно да се тргне во ваков амбициозен и голем проект?
За ваков проект дефинитивно треба многу позитивна енергија, екипа која ќе го креира целиот концепт на проектот, доверба во компетентноста и кредибилитетот на избраните луѓето кои ќе стојат зад ваков тип на проект за избор на таленти и силна поддршка од медиумите.
Како некој што е долги години на сцената и зад камерата, што би им порачале на сите таленти и оние што ќе се пријават во новото талент шоу?
Им порачувам дека под ова небо секој голем талент си има свое конкретно место, но го нема и целото време на светот за да чека и не презема ништо околу заземање на тоа место, затоа нека не чекаат и нека се пријават – многу е жално целиот живот никој да не дознае за талентот што го поседуваат!
Подготви: Андријана Јовановска
Фотографии: приватна архива
При објавување материјали од порталот www.hybread.mk во друг медиум, задолжително наведете го изворот од кој е преземен текстот