Неготинчанецот Атанас Наумов е еден од неколкумината Македонци коишто трчаа на маратонот во Њујорк. Завршил Електротехнички факултет во Скопје и работи како софтверски инженер, но спортот и трчањето му се страст без која не може да си го замисли животот.
Зошто од сите спортови го одбравте трчањето?
Мојата професија нема допирна точка со спортот. Бидеjќи работата ми е статична имав потреба да спортувам за да не дојде до неправилен развој на телото. Почнав со теретана, а трчав како дел од кардио вежбите, но никогаш повеќе од 5км бидејќи по конституција сум слаб и не сакав да губам од маса. Кога почуствував дека ми е потребна промена, предизвик во спортот, почнав да трчам на подолги дистанци. За само еден месец истрчав полу-маратон, а по сугестија на една другарка решив да се обидам и на цел маратон.
Каде сè сте трчале до сега? Колку сте задоволен од резултатите?
Мојот пристап кон спортот е аматерски, но секогаш сакам да го дадам максимумот. Пред првиот маратон учествував на неколку трки од 5 км, а во 2014 година на Скопскиот маратон од близу 2000 натпреварувачи го освоив 30-то место. Тоа ми даде поттик повеќе. Во септември истата година се пријавив на Крали Марко Трејл, планинска трка во должина од 65км. Сите се чудеа како немам ниту една планинска трка, а јас за првпат ќе трчам ултра маратон. Во себе знаев дека сум подготвен и физички и психички. Истрчав со време под 10 часа и го освоив 12-то место. За мој прв маратон го одбрав Љубљанскиот маратон, кој го истрчав за 3 часа и 45 минути. Се пријавив на лотарија за New York маратонот и бев сигурен дека ќе бидам меѓу избраните маратонци. Во март добив исвестување дека сум меѓу избраните маратонци што ќе го трчаат најголемиот маратон во светот. Додека се подготвував за овој и за годинешниот Скопски маратон, го истрчав Крали Марко Трејл, но овој пат 92км за околу 16 часа и завршив на 10-то место.
Од сите маратони на коишто сте учествувале, можете ли да направите споредба со нашите, колку сме слични, а каде сме потполно различни од нив?
Разлика има голема, најпрво во буџетот на самиот маратон. Учеството на Скопски е околу 15 долари, а учеството на оној во Њујорк е 347 долари. На маратонот во Њујорк учествуваат преку 55000 тркачи, има публика над милион и триста илјади луѓе. Скопскиот маратон е одличен бидејќи е доста рамен, што е многу битно, но му недостига публика што ќе ги бодри тркачите. Тоа е наш најголем спортски настан и сите ние треба да го поддржиме.
Има ли кај нас доволно добри услови за да се посветат луѓето на овој спорт?
Нема доволно услови, бидејќи секој сам финансира сè. Се надевам дека оваа слика ќе се подобри со многу повеќе вложување во спортот и во атлетиката. За да се биде успешен атлетичар (маратонец) требаат финансии, подготовки во текот на целата година, соодветна опрема, храна, додатоци во исхрана, учество на меѓународни натпревари. И речиси сè е оставено на нас, а самото учество, патувањата и подготвките чинат многу финансии и време. Сепак, за еден аматер се доволни соодветни патики за трчање и волја.
Како се подготвувате за секој маратон?
Подготовките се тешки и исцрпувачки. Тренирам шест пати во неделата, така што од понеделник до сабота имам должини од 10 до 20км, еден ден побавно, друг ден побрзо темпо, следен ден интервали, а неделата ми е резервирана за должина од 25 до 38км. Тоа се околу 100км неделно, што за аматер со професија која бара максимално ангажирање, е сосема доволно. Освен тоа посетувам редовно теретана, одам на пливање, возам велосипед и се качувам по карпи. Читам доста за здравата исхрана и ја практикувам секојдневно, без тоа тешко до посакуваните резултати. Главно треба да се внесуваат протеини, јаглехидрати, витамини, минерали и да се пие многу вода. Да се избегнува алкохол, брза храна, газирани пијалаци. Исто така битен е и здравиот сон. Сите овие фактори придонесуваат за побрзо обновување на телото по тежок тренинг.
Ајде да Ве вратам на маратонот во Њујорк. Какво беше чувството да се трча на најголемиот светски маратон?
Веднаш ми се навраќаат спомените и емоциите од маратонот. Учествував за прв пат на еден од најважните маратони, во кои влегуваат и оние во Лондон, Берлин, Токио, Чикаго и Бостон. Годинава имаше учесници од 124 земји, точно 55 995, од кои 51 388 ја завршија трката. Маратонот свечено се отвора во петок, два дена пред трката, со дефиле на секоја земја учесник, со знаменоносец и учесниците од земјата. Се трчa низ пет квартови – Стејт Ајленд, Бруклин, Квинс, Менхетен и Бронкс, за да заврши во Централ Парк. Во текот на целиот маратон публиката нè бодреше гласно, а бидејќи имавме испечатено Macedonia на нашите маички, слушавме „Go Go Macedonia!”. Вода, електролити, храна на секои 2 до 3 км. Сигурност на максимално ниво. Сè е доведено до перфекција.
Македонија ова година имаше навистина достојно претставување. Бевме седуммина Македонци: Баже Цоневски – 3:35:27, Елисавета Нојковска – 3:49:22, Ангел Арнаудов – 4:24:38, Петар Георгиевски – Камиказа – 5:02:21, Александар Аневски – 5:13:35 и Драгана Чифлиганец – 5:17:22. Мојот резултат е 3:25:03, презадоволен сум со истиот и во конкуренција од преку 55 000 илјади учесници завршив на 3501 место. Интересно е што сите резултати од маратонците беа објавени во престижниот весник „The New York Times”.
Кој е следниот подвиг кон кој сте насочен?
Веќе сум пријавен на маратонот во Чикаго и Берлин, се надевам дека ќе бидам селектиран за нив. Тука е Скопскиот маратон. Крали Марко Трејл за следната година треба да е над 100км што преставува огромен предизвик за мене. Морам да ги пофалам сите инволвирани во организацијата на оваа трка, која секоја година има сè повеќе ултра маратонци од цел свет. И би сакал да им порачам на сите – поставете си приоритет за себе, за своето здравје, за своето тело. Спортувајте, трчајте, почувствувајте го духот на трчањето и маратонот. Верувам дека по истрчаната трка ќе размислувате за следна. А спомените секогаш ќе ги носете во себе и гордо ќе се сеќавате на нив. Предизвикајте се самите себеси!
Подготви: Даниел Данн
Фотографии: Приватна архива
При објавување материјали од порталот www.hybread.mk во друг медиум, задолжително наведете го изворот од кој е преземен текстот.