Ана Павловска – Накевски e интернационален мастер едукатор во изработка на нокти, техники на цртање и микроуметност. Таа е сопственик на „Ana X-Treme“ тренинг центарот за кој вели дека е нејзина гордост. Станува збор за специјализиран тренинг центар на ниво на Р.Македонија кој што е единствен, независен, лиценциран центар кој што не е поврзан со ниту една фирма или линија на производи. Досега зад себе центарот има реализирано повеќе од 4000 индивидуални и групни едукации. Повеќе за неговата работа, но и за Ана како уметник, од интервјуто во продолжение.
Велат дека во секоја работа може да се додаде уметнички допир. Беше ли таков случајот со Вас, како изгледаа почетоците?
Ние уметниците велиме: “Го сонував моето цртање, а потоа го нацртав мојот сон”. Уметноста зборува онаму каде што зборовите не можат да објаснат…мојата приказна поврзана со сегашнава моја професија започна пред 6 години. Сè беше многу спонтано. Цртам…креирам од многу одамна, ама конкретно во овој случај ме привлече микроцртањето. Да се создадат мали уметнички дела кои би биле дел од секојдневниот живот на дамите за мене беше двигател на целиот тој процес.
Да, точно е дека во секоја работа може да се додаде уметнички допир…впрочем како и секој почетник и мојот почеток беше скромен. Го имав само талентот, но не и адекватното едуцирање, но тоа не ми претставуваше голем проблем бидејќи многу брзо потоа решив комплетно да се посветам и образувам на тоа поле.
По вокација сте новинар, но решивте да работите нешто сосема друго. Како се случи промената?
По вокација сум новинар, но за моја професија избрав нешто сосема друго. Нешто што многу повеќе ме исполнува, нешто што не е поврзано со притисок, нешто каде што не си врзан со рокови и нешто каде што имам комплетна слобода во изразувањето. Единствено заедничко во двете професии е директната комуникација со луѓето без која не би можела. Сега сум интернационален мастер едукатор во мојата област. Тоа е работа која носи огромна тежина, но и огромно задоволство. Старите велат: Ако одиш со љубов на работа…тогаш работата не ти претставува работа туку задоволство.
Дали постоеше можност за друга професија или знаевте дека ова е работата што ја сакате?
Секогаш постои можност за друга професија и секој од нас е склон кон тоа. Не секогаш го работиме она за кое што сме завршиле соодветно образование…што од финансии, што од лоша карма…што од задоволство, но во секој случај одлуките се наш избор. Да, зацртав да изработувам нокти со цел да ја изразам мојата микроуметност, не знаејќи дека баш тој технички дел еден ден ќе стане моја посебна љубов и специјалност.
Се сеќавате ли на првата изработка, како Ви изгледа од оваа временска дистанца?
Катастрофа! 🙂 Тоа не личеше на ништо. Тоа беше очаен обид за некаков нокт, кој што никако не личеше на нокт. Имав среќа што нацртав некакви интересни детали, па таа катастрофа малку се омекна.
Како се едуциравте, надградувавте себеси?
Многу набрзо по мојата одлука сериозно да се занимавам со оваа професија решив да посетам професионални едукации. Русија, Италија Полска, Хрватска, Унгарија, Србија…се дел од земјите каде што сфатив што навистина значат ноктите, какви техники на цртање постојат и всушност за каква уметност навистина станува збор. Имам посетено повеќе од 50 индивидуални и групни едукации…и се уште посетувам со цел континуирано да се надоградувам себеси.
Кажете ни повеќе околу работата на едукативниот центар, како функционира?
„Ana X-Treme“ тренинг центарот е мојата гордост. Се работи за специјализиран тренинг центар на ниво на Р.Македонија кој што е единствен, независен, лиценциран центар кој што не е поврзан со ниту една фирма или линија на производи. Едукациите во Тренинг центарот се темелат на повеќе годишно искуство и се базираат на специјализирани програми кои континуирано се менуваат и унапредуваат како во техничкиот, така и во декоративниот дел. Целта и стремежот на „Ana X-Treme“ тренинг центарот е да се подигне нивото на знаење во теоретскиот и практичниот дел, не изоставувајќи ја анатомијата и болестите на ноктите. Едукациите се првиот и најважниот чекор во процесот на еден почетник, како и одлична можност за добар и брз напредок кај оние кои веќе имаат познавања, а валидноста на нашите сертификати ја потврдува и нашата вклученост во Светската асоцијација на независни едукатори.
Колку студенти досега се поминати, дали сте во тек со нивната работа надвор од центарот, дали ве бараат за консултации и по завршувањето?
Со нашето 6 годишно постоење, задоволство и чест ми е да ви соопштам дека во нашиот тренинг центар имаме реализирано повеќе од 4000 индивидуални и групни едукации. Секој од учениците по завршувањето на било која од едукациите кои се понудени кај нас има право и можност за консултации. Всушност, тоа е многу потребно за да се надминат некои недоумици кои настануваат понатаму во самостојната работа. Секогаш сум на располагање на моите ученици и колеги, затоа што нивниот успех е и мој успех.
Колку награди се наоѓаат на Вашата полица?
Наградите за мене се црешката на шлагот, резултат на напорна, истрајна и стресна работа. Натпреварите се мојата пасија – претставуваат еден доказ до каде сум стигнала. Сум учествувала на многу натпревари од балкански карактер и сум освоила многу награди…од сите кои сум ги добила секако најдраги ми се 7-те златни пехари за освоени први места во повеќе категории во ветеран мастер категориите и 2-та сребрени пехари за освоени втори места во истите категории. Околу 10 медали за први места, 2 признанија од интернационален карактер за почесен учесник со најмногу освоени награди. А не можам да не ги издвојам 2-та златни пехари (за 2015 и 2017 година ) за Мастер натпреварувач кој освоил повеќе од 3 места во различни категории на еден натпревар.
Кои се Вашите планови за во иднина, дали се гледате себеси надвор од Македонија можеби, работејќи го повторно ова?
Плановите во иднина не ми се да работам надвор од нашава земја, иако знам дека финансиски е поисплатливо. Јас учам и се надоградувам континуирано надвор од Македонија и би сакала своето знаење да го пренесувам во нашата земја. Секој интернационален лиценциран едукатор има можност да одржува едукации во било која земја , така што не сум лишена од тоа задоволство да работам и во нашата земја и во странство. Плановите ми се, „Ana X-Treme“ тренинг центар да прерасне во Специјализирана академија каде што учениците ќе посетуваат настава од повеќе области во светот на негата и убавината.
Подготви: Билјана Настеска – Каланоска
Фото: Приватна архива
При објавување на материјали од порталот www.hybread.mk во друг медиум, задолжително наведете го изворот од кој е преземен текстот