Првите снегови ги покрија македонските планински врвови, а ние со нетрпение ги очекуваме снежните снегулки и во нашето населено место.
Кога се македонските инстаграмџии во прашање, „креативност“, „впечатливи фотографии“ и „интересни идеи“ се едни од првите описи што ви паѓаат на памет. Не можете, а да не уживате во прекрасните фотографии што ги постираат скоро секојдневно.
Во прилог погледнете ја колекцијата од зимските фотографии на македонските инстаграмџии од минатата година. Оваа зима очекуваме уште повеќе креативни идеи…
Славко Пешиноски
Славко вели дека сака да слика природни мотиви, одредени моменти кои му предизвикуваат бура од емоции, а на кои сака често да се присети. Секоја слика што ја прави има посебно значење за него и сака неговите слики барем приближно да будат такви емоции кај луѓето какви што чувствува тој.
„Сакам да сликам сè што ќе ми украде поглед со необичната убавина, а и тоа што не е видливо на прв поглед. Доколку се случи сликата да не испадне така како што очекувам, сликам неколку пати додека не го добијам тоа што сум го намислил. А ако повторно не успеам да го доловам тоа што сакам, секако не губам ништо, ми останува слика која ме потсетува на прекрасен момент од животот.“
Славко можете да го следите на неговиот Инстаграм профил the.s.effect.
Бојан Стојчевски
На Инстаграм профилот на Бојан ќе видите прекрасни фотографии инспирирани од неговото секојдневие. Вели, го обожава планините, па токму затоа најмногу сака да слика поглед од височините и од небото.
„Некогаш не е воопшто тешко да се направи вистинската фотографија доколку си на вистинското место и време, но некогаш навистина е потребно време и трпение, посебно со временските услови.“
Бојан можете да го следите на Инстаграм како Bojan.CHE.
Борче Ѓоргиески
Борче сака спортови на отворено – планинарење, трчање – па затоа секој пат кога ќе забележи некоја интересна глетка, ја фотографира.
„Љубител сум на природата и често знам да споделам некој убав кадар со пријателите, а Инстаграм е интересно место за тоа.“
Сака да слика додека е во движење или кога пред него има кадар кој брзо се движи и менува. Вели, речиси никогаш не му успева да долови таква совршена фотографија, но причината за тоа е можеби што слика исклучиво со мобилниот телефон.
На инстаграм ќе го најдете како borcski.
Игор Митрески
Игор вели дека најголемата инспирација за фотографирање ја добива од природата.
„Токму затоа преку велосипедизмот и планинарењето ги претставувам убавините на нашата земја, преку фотографијата која е длабоко вкоренета во неговото срце.“
Тој додава дека по малку се срами кога од непознати луѓе добива комплименти за фотографиите, но тоа му дава дополнителен потстрек и мотивација за да прави уште поубави фотографии.
Игор на Инстаграм ќе го најдете како igor_mitreski.
При објавување материјали од порталот www.hybread.mk во друг медиум, задолжително наведете го изворот од кој е преземен текстот