I’m still learning…
Како и да ги преведеме овие три збора на познатиот Микеланџело позади себе праќаат големи пораки кои секојдневно ни се случуваат, но ретко кога сме свесни за тоа.
“I’m still learning” … или “Јас сеуште учам” последните омилени зборови на големиот Микеланџело. Овој човек починал во длабока старост на скоро 89 години. Да се биде склуптор, уметник, инженер, архитект и поет всушност кажува и опишува многу за неговата посветеност кон учењето во текот на животот. Како човек со многу занаети и професии, човек со голема интелигенција не е ни чудно што кажал толку моќни зборови преку кои се гледа неговата големина, едноставност и скромност. Формата на овие зборови за современиот денешен свет со изгубени вредности, каде што најголемата вредност ја имаат парите, за секој што живее на планетата Земја е доста значејна бидејќи ја опишува суштината на животот и сите текови низ него.
Запомнете, парите се само една обична хартија чија што вредност е дадена од човекот со цел полесно да се остварува трговијата во минатото, но не и главен фактор по кој треба да се води животот или народно кажано, научи да ги управуваш парите, а не тие да те управуваат тебе.
Учењето не започнува со првиот училишен ден ниту пак завршува со дипломирањето на универзитет, ова е само еден образовен процес за описменување. Учењето започнува со раѓањето, првиот крик, првиот здив, создавањето на првата емоција- примање и давање на љубов од и кон родителите, првите зборови, првите чекори…
Во процесот на растењето ги учиме основните вредности на семејството и односите од нас кон нашите родители, роднини и обратно. Со излегувањето во надворешниот свет се соочуваме со ново учење на нови емоции. Станува збор за запознавање првите наши пријатели, љубовта кон нив, првите симпатии, првите емоции кон непознатото, првите разочарувања и начинот како да ги прифатиме и да ги возвратиме…
Формалното обрзование или како што погоре наведовме – описменување е само еден дел од нашиот живот кој всушност ни дава насоки како полесно да ги разбереме предизвиците кои ни ги носи секој нареден ден и секое наредно утро. Доколку нашиот образовен процес/формалното учење не го реализираме со вложување на сопствениот труд и љубов кон учењето, резултатите на емотивната состојба што ќе ги добиеме подоцна во животот нема да бидат восхитувачки, туку би можеле да ни донесат негативни ефекти во реализација на предизвиците.
Низ целиот процес на учењето љубовта ни е движечката енергија која што нè води од еден во друг сегмент од животот. Колку повеќе ја даваме и ја вложуваме, во многу поголема количина и во поубава форма ќе ја добиеме назад.
Можеме дури да кажеме дека љубовта е активната сила на човекот која што ги пробива ѕидовите на животните предизвици низ кои секојдневно учиме нешто ново. Активниот човеков карактер кој е свесен дека живиотот е само едно големо учење и истото ќе му донесе подобро задовлство на неговата емотивна состојба, кон вложувањето на сопственото учење свесно или несвесно ги приклучува и елементите на грижа, одговорност, почит и знаење.
Колку и да сме возрасни никогаш нема да знаеме да бидеме родители гледајќи само од страна, се додека не добиеме сопствени деца. Само преку сопствените деца секојдневно ќе учиме да станеме родители, но какви родители ќе бидеме зависи од самите нас и грижата која што ќе ја вложиме. Колку повеќе љубов и грижа ќе вложиме во оваа животна улога, која што според мене е и најголемиот предизвик во животот, толку повеќе ќе бидеме подобри и посреќни родители кои резултатот на своето учење на родител ќе го гледаат низ здравиот развој на сопствените деца. Кога зборуваме за вложување на љубов и грижа во оваа животна улога се мисли на пренесување на позитивна енергија од родител кон дете, постојан и континуиран разговор, помагање во формално и неформално образование и слично, а не состојба на вложување на љубов и грижа со задоволување само на материјалните потреби на сопствените деца со купување на скапи играчки со кои би се одвојувале од средината во која што растат.
На прв поглед одговорноста како термин секогаш ќе нè упати кон работните обврски. За да може човекот да одговара и да биде одговорен кон надворешниот свет, најпрво треба да научи да биде одговорен кон самиот себе, задоволувајќи ги сопствените потреби и одржувајќи ја во одлична форма здравствената состојба. Како може да се очекува од одговорност за извршување на работни обврски од човек кој не научил да ја задоволи сопствената потребата на доволно часа спиење и одмор?
Почитта ја учиме уште од најмалата возраст и тоа најпрво како благодарност на целата љубов, грижа и посветеното внимание на нашите родители. Со текот на годините учиме да ги почитуваме пријателите, нашите партнери, соработници и сл. Со почита изразуваме голема благодарност зошто сите овие луѓе се присутни во нашите животи и всушност нè прифатиле онакви какви што сме. За да можеме да ги почитуваме првенствено мора и да ги познаваме. Со познавањето и запознавањето на луѓето од надворешниот свет ние всушност правиме и соединување со нив. Дозволуваме, а и истовремено влегуваме во приватноста и интимноста на другиот. За да кажеме дека некого го познаваме дека сме го осознале мора да научиме да го слушаме неговото говорење, да ги гледаме неговите гестикулации и да го набљудуваме неговото однесување. Преку социјалните мрежи не можеме да го запознаеме другиот човек се додека не погледнеме директно во неговите очи кои се огледало на душата. Преку презентирањето на животот на социјалните мрежи може да имаме заклучок дека личноста е премногу духовита, забавна и слично, а всушност позади тоа да се крие само еден осамен човек кој научил својата осаменост да ја прикрие презентирајќи сосема нешто спротивно, а и обратно.
Учењето на грижата, одговорноста, почитувањето и запознавањето се меѓусебно зависни и овие четри елементи се застапени кај зрелите личности кои ја развиваат својата продуктивна моќ и го сакаат она за кое што се труделе да го научат.
Секое ново секојдневие ни е ново учење. Ако нашите дневни планови не се рализирале, тогаш учиме да ја прифатиме фактичката состојба која што ни ја сервира животот. Секое утринско будење ни е ново учење. Колку и да ни изгледа тоа исто, всушност е многу различно. Ние секое утро несвесно го учиме нашето тело и нашиот дух дека прво се постари за еден ден, го учиме окото дека му се намали видот и му се зголемила диоптријата, го учиме увото дека се намалуваат фрекфенциите на слухот и му се зголемуваат децибилите (db). Колку и да ги набројуваме новите работи за дневното индивидуално учење ќе стигнеме до заклучок дека секогаш ќе има нешто ново за да научиме без разлика колку долго живее некој, начинот како живее, но најбитно е тоа учење да го правиме со многу љубов кон самите нас, иако секој ден сме постари за еден ден.
Секое учење кое што ни е дадено во опкружувањето пред да го совладаме можеме да го набљудуваме и да ги применуваме туѓите искуства, но зборовите I’m still learning на големиот Микеланџело кој целиот живот го посветил на многу учење кажуваат поголеми работи за моментот кога почувствувал дека треба да се раздели со светот во кој живеел. Смртта е учење и искуство кое го знаат само оние што се мртви, и секој ќе го стекне тоа знаење без разлика кој бил и каков живот водел. Колку пати и да ја прочитаме книгата “Тибетската книга за животот и смртта” од Согјал Ринпоче каде што се опишува главната цел на Лама да го подготви човекот за вечниот сон, сепак стекнатото знаење и употребата на ова учење е познатo само кај оние кои веќе не се со нас.
Автор: Бранкица Б. Анѓелевска
При објавување на материјали од порталот www.hybrid.mk во друг медиум, задолжително наведете го изворот од кој е преземен текстот.