Инспирацијaта за сите текстови што ги пишувам ја добивам од мојот син. Овој пат, водена од неговата емотивност, како составен дел од низата посебности на неговиот уникатен карактер.
Eмоциите кај луѓето преставуваат многу значаен момент од животот и токму поради тоа тие треба да се покажуваат, не да се кријат. Тие се дел од нашиот карактер, исто како парфемот кој го носиме на себе- некои се хармонични, други се слаби, а некои пак се многу јаки. Ако правилно се менуваат “мирисаат” совршено, во спротивно кога се јавуваат (кога не би требало), знаат да бидат интензивни и да траат предолго. Но, благодарејќи им ние можеме да се соочиме со различни предизвици кои животот ги става пред нас. Тие ни помагаат да се поврземе со она што е околу нас и подобро да се разбереме самите себе. Емотивната интелигенција е нешто што се развива во текот на целиот живот, но колку порано децата научат за промените во нив кои ќе се случуваат во одредени ситуации толку подобро ќе реагираат на истите. Токму поради тоа е исклучително важно децата да ја “вежбаат” емотивната интелигенција уште од рана возраст, да ги препознаваат и разбираат своите емоции и да научат како подобро да владеат со нив.
Што е важно да се знае за емоциите кај децата?
Детските чувства се нивното битие. Невозможно е детето да ги препознае и прифати ако ние не ја прифатиме нивната срж. Тие се силно изразени кај нив, краткотрајни и брзо се менуваат. Децата ги покажуваат спонтано и отворено. Најмоќната алатка која ја имаме и со која можеме да влијаеме на нивните емоции е односот кој го градиме со нив. Еден од најважните чекори во комуникацијата е да го чуете тоа што не е кажано. Секој родител дома треба да има “емоциометар” за своето дете исто како што има и топломер, само што овој мерен инструмент не е направа со која ние можеме да ја измериме, туку да ја препознаеме јачината на емоцијата кај децата и да ги ослободиме да зборуваат за нив. Затоа е важно да споделувате со нив и Вие како се чувствувате. Именувајте ги емоциите и зборувајте отворено за нив. Давајте им секогаш Ваши примери на ситуации кога сте биле лути или тажни – така ќе може полесно да ги нормализирате нивните емоциите. Еден од базичните фактори за емоционалниот развој на детето се родителите. Кажете им дека е во ред да чувствуваат различни емоции, да имаат пристап кон различни потреби, можности и единствени потенцијали. Позади секое дете кое верува во себе стои родител кој верувал прв.
- Сослушајте ги пред да почнете да ги советувате.
- Избегнувајте претерани критики – пофалете ги добрите идеи и одлуки.
- Бидете трпеливи и искрени – секогаш зборувајте им ја вистината.
- Одржувајте си ги ветувањата кои ги давате.
- Охрабрете ги давајќи им избор и почитувајте ги нивните желби -поставете и почитувајте граници.
- Бидете свесни за физичките и емоционалните потреби на детето -поминувајте време заедно.
- Верувајте им и верувајте во нив
Емотивен спектар – сите емоции се дел од нас
Во ред е да смееш.
Во ред е да плачеш.
Во ред е да бидеш исплашен.
Во ред е бидеш лут.
Во ред е да бидеш тажен.
Пишува: Дефектолог Татјана Багеска