Orbico Grupa, компанијата на еден од најдолговечните хрватски стопанственици, Бранко Роглиќ, минатата година ја заврши со висок промет од 1,8 милијарди евра и профит од околу 30 милиони евра, па во 2017 година влезе со нов фокус – од источна Европа кон западна Европа и Украина. Во моментов течат преговорите за преземање неколку дистрибутерски компании во Украина, а во финална фаза е и процесот за преземање на една козметичка куќа во поширокото соседство. Но, деталите, вели Роглиќ, ќе ги каже наскоро.
Ова е само мал дел од големите активности што ни ги откри сопственикот и претседател на надзорниот одбор на најголемиот европски дистрибутер, кој во 19 држави има преку 25 компании и повеќе од 5000 вработени. Притоа, додава тој, Полска, каде што работи со четири компании и остварува најголем дел од вкупните приходи, имала голем раст во прометот – околу 350 милиони евра.
Стабилен раст
„Во останатите држави имавме органски и стабилен раст од три посто. Сите компании се стабилни и никому не му должиме ништо. Многу сме задоволни од минатата година, и се надеваме дека и 2017 година ќе биде таква. Задолжени сме само четири EBITDA, што ни овозможува пристап кон кредити и банки, па затоа плаќаме релативно мала камата“, вели Роглиќ, кој молскавичниот раст го започнал со ширење во земјите во средна и источна Европа, особено во Полска, каде што ја презел компанијата за дистрибуција на професионални производи за коса Wella, потоа Navо, па Distribev, кои се дистрибутери на Heineken за Полска, а неодамна ја купија и Optima grupа, компанија која дистрибуира козметика и патиките Converse. За Оrbico, Полска е во моментов најпотентниот и најголемиот пазар, и токму таа ѝ ја обезбедила позицијата најголем дистрибутер во Европа.
Тој додава дека очекува многу и од Украина, а дека планира да се шири во оние делови од земјата каде што нема воени судири. Уште минатата година презеле една компанија во Украина и неколку козметички брендови, па очекуваат раст и во оваа година. Освен тоа, Роглиќ истакнува дека ќе работат на пласман на хрватските производи преку каналите на Орбико.
„Ќе пласираме хрватски производи на полиците во државите во коишто работиме. Веќе ги работиме иловачките подруми, карловачката фабрика Иво Лола Рибар, фабриката за риба во Постари, Подравка во Бугарија, Краш во Молдавија и други. Малку повеќе ќе се посветиме на пласманот на хрватските производи“, додава Роглиќ кој работи и на диверзификација на портфолиото и вложува таму каде што гледа перспектива.
Едно од тие вложувања е и Македонија, каде што неговата компанија ги отвори парфимериите Anabella Macedonia, и тоа во ГТЦ Скопје и Skopje City Mall, во Штип, Битола и Охрид.
Истовремено планира да го зголеми и туристичкото портфолио и да купи два нови брода за неговата чартер флота. Всушност, тој реинвестира дури 90% од профитот, и тоа е причината што скоро и да не се задолжени, а 10% од тоа отпаѓа на вложувања, најчесто во туризам. Неговата компанија Orvas од Сплит во својот состав веќе има два хотела и 18 вили со базени, чартер флота од 33 јахти и нивниот број наскоро ќе се зголеми, како и лозја и плантажи со маслинки.
Работа за синовите
Што се однесува до поблиската иднина, веќе се присутни во Германија и во Австрија, но Роглиќ сака посилно да влезе на западниот пазар и до 2020 година да оствари приходи од четири милијарди евра. Би сакал Orbico, како што изјави своевремено, да биде најголемата дистрибутерска компанија во светот.
Овој 74-годишен претприемач, кој во јавноста често ги коментира политичките случувања, не се гледа себеси во пензија. Самиот вели дека сопствениците на компаниите тешко се решаваат да одат во пензија.
„Тој всушност не оди во пензија, тој умира. Веќе неколку години полека им ја препуштам работата на синовите, ама и понатаму ќе бидам претседател на компанијата. Синовите веќе практично и ја водат оперативата, јас и не преговарам, само ги контролирам односите со банките и со деловните партнери, работам на стратегијата и на меѓучовечките односи, бидејќи мислам дека тие се клучот за успех на компанијата. Ориентацијата кон вработените и тоа како е важна за една компанија, и тоа нас нè прави поразлични од останатите. Еден наш деловен партнер ми рече дека мојата фирма не е фирма, туку религија, бидејќи сме поврзани, а јас се грижам за луѓето во Orbico. Се надевам дека моите синови ќе ја продолжат истата политика“, вели во моментов вториот најсилен хрватски стопанственик.
Извор: jutarnji.hr
При објавување материјали од порталот www.hybread.mk во друг медиум, задолжително наведете го изворот од кој е преземен текстот