Во Вевчани на Василица, целото место празнува. Тоа не е ниту ново, ниту пак сега откриено. Сите, вклучувајќи ги и домаќините и гостите, го очекуваат денешниот карневал кој трае два дена (13 и 14 јануари) чиј почеток е околу 14 часот. Со него се соживуваат и активно, сите присутни учествуваат во карневалските поворки сè до крајот, на 14 јанаури, во попладневните часови. Традиција стара дванаесет века, поточно кога Вевчанци го прифаќаат светецот Василиј Велики како заштитник на Вевчани и вевчанските василичари.
Повеќе за оваа богата традиција и за Вевчанскиот карневал, разговаравме со човекот кој напиша серијал од четири книги за карневалот – Илија Каланоски, магистер по историски науки, автор на вкупно девет книги и еден роман во два дела.
Г-не Каланоски, кажете ни повеќе за Вевчанскиот карневал, за неговата историја и како било кога Вие сте биле дете?
Годинава се одржува 1217-тото издание на Вевчанскиот карневал. Тоа е културно просветна и научна манифестација која што се одржува по стариот Јулијански календар, на едно деноноќие, на 13 и 14 јануари. Карневалот е настан со традиционални маски и претставува симболизација на една свадба во чиј состав влегуваат традиционалните маски: зетот и невестата, побратимите, Глупиот Август и василичарите како свадбари. Музиката се зурли и тапани, кои што се наменети за василичарите, односно за василичарската свадба. Маските на карневалот остануваат како такви во текот на целото време односно тие традиционалните не се пагански, туку се сретнуваат на карневалот од 9 век во старата Кутмичевица, во чиј простор влегуваат струшките предели со вевечанското поднебје. Таа христијанизација трае до крајот на 9 век. Од тогаш почнува да се прифаќа како црковна категорија, односно како категорија во која што главно се прифаќа Василиј Велики како заштитник на василичарите.
Вевчанскиот карневал уште од памти век имал свој подмладок, тоа се василичари најмладите деца од школска возраст, од 7 до 10 години. Јас морам да го нагласам и тоа дека во мое време на таа возраст се правев и јас василиличар, тоа се групи на маски и деца маскирани на места во маала каде што се родиле, без разлика дали се работи за поголема група од поголемо маало или помала група од помало маало. Ние, во тоа време, како подмладок, се маскиравме и излегувавме во текот на 13 јануари, после 17 часот навечер, ги посетувавме домаќинствата од блиските маала, односно како што ние во Вевчани ги викаме Елица. Таму секое домаќинство е поздравено од децата, тие пеат песна, му ја честитаат на домаќниот старата нова година, вообичаено наречена во Вевчани, Сурва нова година. И Сурвата година си има свое значење, поточно носи две значења: едното е да се прифати новата година како нешто тешко, потребно, оргнизирано со работа, потребно со една желба да може да се спечали што повеќе и работата да оди полесно. Ова се однесува на печалбарите кои одат на други простори, а се однесува и на оние кои остануваат дома и одгледуваат свои дејности.
Ние кога бевме деца, во тоа време на таа возраст, сме биле наградувани од секоја куќа која што ќе ја посетевме. А како поздрав, единствена досега истражена песна, која и тогаш ја пеевме е „По мене бабо по мене“. Тука лежи симболиката на нешто ново и младо и бериќетно.
Каков е текот на настаните на овој ден?
Локацијата каде што започнува е почетокот на селото, собрани во две групи: горномааалски и долномаалски. Активните дејствија на карневалот се следни – посета на секое вевчанско домаќинство, како што споменав и погоре, потоа крштевање на бистрите Вевчански извори, гостењето на василичарската визита и трансформирањето на групите василичари на Вевчанскиот карневал на сред село, во текот на едно деноноќие. На крајот од карневалот се палат маските, а веќе следниот ден се сублимираат случувањата и се утврдува собраната сума парични средства која васлиличарите ја добиваат после посетата на куќите и се гледаат приоротетите на нивно наменско трошење за потребите на заедницата.
Рековте дека една од активностите е „Крштевање вода во извор“. Што означува тоа?
Тоа обично се прави во два или три часот наутро, на 14 јануари, Василица. Се користи ѓум или бакарно котле, а поретко литургија или погача, домашна месена и печена. Главниот предмет во крештевањето е василичарската китка. Некои ја прават како крст, но задолжително е од три гранчиња од дрен, босилек и василичарка. Потоа се враќаат дома каде што продложува празнувањето на обичајот. Таму, „крстената вода“ од бакарниот сад се дели на половина, а целта е да се употреби за две намени. Првата намена е домаќинот со садот да тропа на затворената врата на својата куќа, а потоа вратата се отвора и почнува церемонијата за остварување на обичајот. Тој ја кваси китката во водата и ги прска просториите во домот, благословувајќи за „убајна, бериќет за женски јагниња и телиња и за полни амбари жито и бочви со вино“.
Втората намена на „крстената вода“ ја употребува домаќинката на куќата. Таа, со неа рано наутро, на 14 јануари, меси кашаник со паричка, што претставува вевчански специјалитет за гостите и гостењето во текот на денот. Се послужува со луканци (домашни вевчански колбаси) и со домашно биено сирење и кисело млеко. Преданието вели: „Кој ќе кеснит од кашаникот и тој што ќе ја најт паричката, ќе имат убајна, ајр, ем бериќет до година на Василица – Сурва година.“
Денеска и утре сите патишта водат во Вевчани. Кога ќе стигнете до портите вевчански отворето го ќесето и платете влез, затоа што така е редот. Овие два дена Вевчани дише и живее со полни гради, не се штедете и почувствувајте ја традицијата македонска која опстојала со векови.
За многу години празникот!
Подготови: Билјана Настеска – Каланоска
Фото: Интернет/приватна архива
При објавување на материјали од порталот www.hybread.mk во друг медиум, задолжително наведете го изворот од кој е преземен текстот.