Д-р Филиповиќ, на Вашите пациенти сте им познат по својата експертиза, а јавноста Ве знае како специјалист дерматолог благодарение на јавниот пристап преку медиумите, што секако е за поздрав.
Професионалната насока подразбира и задоволство во работата на секојдневно ниво. Дали е случајот кај Вас таков? Зошто токму дерматологијата?
Токму дерматологијата, да. Најмногу заради тоа што тоа е наука која претставува област која тежнее да го мобилизира интелектуалниот потенцијал. Иако сите аспекти на медицината се интересни на свој начин, за мене дерматологијата е всушност најзабавна, затоа што е перфектна комбинација за мојата љубов кон интерната медицина и хирургијата. Поставувањето на правилна дерматолошка дијагноза е слично на решавање на една мистерија, а тоа е нешто што ме исполнува и возбудува. Интригантно е. Сакам да работам со луѓе и сакам да имам баланс во работните саати и слободното време. Дерматологијата го нуди тоа. Најмногу ме привлече естетскиот дел од дерматологијата каде можеш да ја истакнеш убавината на секоја индивидуа, па пациентот да си отиде со насмевка на своето лице, што за мене е најубавиот подарок. Иако работам и со патологија, естетската козметолошка дерматологија е тоа што најмногу ме привлече да се одлучам за оваа специјализација, првично.
Низ годините медицинска пракса, со какви проблеми најчесто се соочуваат пациентите?
Покрај алергиските и анафилактичните реакции најчести се атопиите, егземите и акните. Доста чести се и бенигните и малигни тумори на кожата како и габичните инфекции, болестите на коса и нокти и особено вариколошките проблеми.
Како одговорен за амбулантата за сексуално преносливи инфекции можам да потврдам дека оваа амбуланта работи со полна пареа не само за третирање на пациентите, туку и за подигање на свеста и едукација околу сексуалното здравје. Држиме и бесплатни предавања и прегледи во едукативниот центар “Сакам да знам.” За жал, кај нас на Клиниката за дерматологија присутни се и многу потешки дерматолошки дијагнози.
Каква нега на кожата е потребна за да се зачува нејзиното здравје и сјајот? На кој начин треба да се грижиме за кожата во зимскиот период?
За убава кожа освен редовната хидратација, голема улога игра и генетиката. Нашето лице е (најчесто) првото нешто кое го забележува некој и последното нешто што го заборава. Ова е особено важно во мојата бранша, затоа што првата импресија е најважна, неповторлива и може да влијае за довербата на односот пациент-доктор. Негата на кожата е исто онолку важна како и носење на една фина бела кошула и вратоврска како и едно одлично сако. “Put your best face forward” е клише со причина. Во 21от век мажите се повеќе инвестираат во продукти за нега на кожата, што и јас лично, препорачувам.
Најголеми непријатели на нашата кожа се сонцето, неправилната исхрана, нередовна хидратација, малку сон, стресот, пушењето и алкохолот. Во есенските и зимските месеци непријатели се ѝ ветрот, ниските температури како и сувиот студен воздух. Овие фактори ги “крадат“ природните масти на кожата и ја оставаат сува и иритирана. Секој облик на ваков стрес ја оддалечува нашата кожа од нејзината идеална состојба кога ќе треба многу повеќе труд и време за да ѝ ја вратиме рамнотежата. Затоа, добра подготовка на кожата за студеното време е круцијална. Чувајте ја кожата од сонцето дури и во зима, нанесувајќи крема со заштитен фактор, пијте многу вода(од утро до вечер) и редовно хидрирајте ја вашата кожа.
Што е потешко да се постави, сериозна дијагноза или да се пренесат евентуалните лоши вести на пациентот?
Дијагнозата ќе се постави, но, секако најтешкиот и најделикатниот дел од работата на докторот е соопштувањето на евентуално лошите вести… тогаш докторот треба да биде, не само дерматолог, туку и психолог и педагог. Најчесто, таков е случајот со меланомот. По правилна и проверена дијагноза многу е битна и навремената реакција, особено со овој најинвазивен тумор. Инаку, многу деликатна е и работата со сексуално преносливите инфекции. Често пати сме во ситуација каде треба да соопштиме вести кои можат да влијаат на бракот или врската на пациентот.
Како е да се работи на Клиниката за кожни болести, има ли некави промени во однос на минатите години?
Работата на дерматовенерологот, во која здравствена институција и да работи е одговорна работа. Но, работата на Клиниката за кожни болести како здравствена установа од терциерно ниво, бара посебен ангажман и знаење. На Клиниката, освен редовните амбулантски прегледи на пациенти со вообичаени дерматолошки заболувања, хоспитално се лекуваат најтешките случаи и на помалку честите дерматози, а сепак многу присутни кај нас. Во последно време, работата на Клиниката за дерматологија е подобрена со донесување на неколку круцијални најсовремени апарати за полесна и правилна дијагностика на кожните заболувања. Зајакнат е капацитетот на установата со нови вработувања на медицински персонал и нормално со зголемувањето на платите.
При објавување на материјали од порталот www.hybrid.mk во друг медиум, задолжително наведете го изворот од кој е преземен текстот.