Пишува: Ана Јовковска
AJ: Веднаш по премиерата пред македонската публика на вашиот филм „Сестри“ на отворањето на ИФФK „Браќа Манаки“ во Битола, посакав да ве интервјуирам. Не ми беше единствено пресудно што со првиот долгометражен филм ја освоивте специјалната награда од жирото за најдобар филм во селекцијата East of the West/Источно од Западот на филмскиот фестивал во Карлови Вари, Чешка. Но кога го изгледав филмот силно бев трогната. „Сестри” е приказна за две тинејџерки чие пријателство е ставено на тест. Во суштина е филм за?
ДД: За мене овој филм претставува портрет на младата генерација која е опседната со социјалните мрежи. „Сестри“ е филм кој во суштина е приказна за булингот на социјалните мрежи и slut- shaming, раскажана преку пратење на едно токсично пријателство на две тинејџерки.
АЈ: Јасно е дека приказната го централизира женското искуство во пријателството, односно релациите кои девојките ги градат за време на тинејџерските години. Ќе речете: „Slut–shaming и друштвеното исклучување е честа појава во училиштата и тоа се случува само врз девојките“. Верувате ли дека преку ангажираниот пристап на филмот некои канцери во општеството ќе се излечат?
ДД: Нашето општество е младо и конзервативно, и јасно ми е дека еден филм не може да донесе промени преку ноќ. За да се случат промените ќе биде потребно време, но тоа на што се надевам е дека филмот ќе отвори дискусија. Сакам да верувам дека ќе допре до институциите и до надлежните кои треба први да се освестат и да признаат дека имаме сериозен проблем во општеството. Искрено се надевам дека филмот ќе поттикне што повеќе да се зборува и да се адресираат проблемите на младата генерација, затоа што само со отворена дискусија можеме да постигнеме промени.
Табуто е начин на живот навлезен длабоко во македонскиот менталитет.
АЈ: Ве цитирам: „Инспирацијата за филмот ја добив од мое лично искуство. Кога бев на иста возраст како протагонистките во филмот, во моето училиште имаше секс скандал. Една девојка и еден дечко беа снимени како имаат однос, видеото набргу стана вирално и целата ситуација излезе од контрола. Девојката беше таа која беше slut–shamed и доживеа друштвено исклучување, ги изгуби другарките и на крај мораше да се пресели во друга земја, а дечкото стана херој во училиштето. Оваа неправда остана со мене уште долго“. Кои други неправди денес сè уште се табу?
ДД: Ние живееме во општество во кое сè што е различно се смета за табу. За жал, нашата земја изобилува со премолчени неправди. Мислам дека ќе треба да направиме уште едно интервју, Ана, за да ја опфатиме оваа тема. Табуто е начин на живот навлезен длабоко во македонскиот менталитет.
Онака како што младите се прикажуваат на Инстаграм, Тик-ток или Фејсбук е сосем спротивно на тоа кои се навистина. Тоа е постојано живеење во лага.
АЈ: Главната порака на филмот е дека еден „клик“ може да уништи цел живот. Во технолошки софистицирано, а емоционално деградирано време, во кое технологијата е новиот господар, кои се потребните алатки за човек да може да се „одбрани“ од нус-појавите на пајаковата мрежа на социјалните мрежи?
ДД: Сите сме зависници од социјалните медиуми. Во изминативе пет години имав многу обиди да ги избришам или да намалам со употреба на социјалните мрежи, но тоа едноставно беше невозможно. Проблемот на новата генерација е што социјалните медиуми се темел на нивните морални вредности. Најчесто, онака како што се прикажуваат на Инстаграм, Тик-ток или Фејсбук е сосем спротивно на тоа кои се навистина. Тоа е постојано живеење во лага. Лајкот и следбениците значат повеќе од вистинското пријателство и вистинската конекција. Потребните алатки за справување со оваа појава лежат пред сè во освестување дека овој проблем е сериозен и реален, и дека почнува да дефинира цела една нова генерација. Во нашето општество никој не го гледа ова како сериозен проблем. Како да живееме во колективно негирање на проблемите, или само како да се жалиме и на крајот никој ништо не презема.
Лајкот и следбениците значат повеќе од вистинското пријателство и вистинската конекција, за жал.
АЈ: Добро се сеќавам на зборовите на романскиот филмски режисер, Кристу Пују, во интервјуто што му го правев пред неколку години: „Фејсбук прави да се мимираат врски кои се лажни. Секој се изолира во својата глава, а тоа е страшна форма на клаустрофобија. Привидно чувство дека комуницираме меѓу себе, а всушност живееме во отуѓен свет. И кога луѓето постираат слики на Фејсбук и селфиња, се чувствуваат кул, а всушност се покажуваат пред светот само во своето најдобро светло, а тоа е лажно“.
ДД: Да, Ана, комплетно се согласувам со Пују. За жал куцањето на Месинџер замени човечки контакт, а лајкот стана мерило за тоа колку некој вреди – колку повеќе лајкови толку си „покул“. Навистина е страшно.
Она што сите го кажаа е дека никој од надлежните во училиштата не им помогнал при совладување на оваа таума, напротив, само дорпинеле за поголемо чувство на срам и социјално исклучување.
АЈ: Траумата е ретко системски третирана. Врсничкото насилство остава сериозни трауми. Се чини дека образовниот систем не е подготвен да се справи со овие проблеми. Кој е вашиот впечаток или вашето искуство?
ДД: Образовниот систем дефинитивно не е подготвен да се справи со овие проблеми, не постои никаква програма којашто ги третира овие проблеми, и покрај тоа што во секое училиште има вработен педагог и психолог. Најлесно е да се буткаат овие проблеми под тепих и да се игнорираат. На кастингот за „Сестри“ разговаравме со околу стотина девојки кои беа отворени да ни ги пренесат нивните искуства на темава. Кастингот набргу се претвори во студија на случај, сите девојки имаа искуство или познаваа некој со трауматско искуство. Она што сите го кажаа е дека никој од надлежните во училиштата не им помогнал при совладување на оваа таума, напротив само дорпинеле за поголемо чувство на срам и социјално исклучување.
АЈ: Во едно интервју режисерот Срѓан Јанакиевиќ ми рече: „Целата позитивна енергија на деведесеттите по паѓањето на берлинскиот ѕид и големите очекувања на новиот милениум се распрснаа како балон од сапуница. Во новиов милениум се катапултиравме неколку векови наназад. Сега, злото не се обидува веќе да се затскрие зад манипулативноста, туку го рекламира својот терор“. Кое зло е најопасно денес?
ДД: Индиферентноста и неинформираноста.
Живееме во патријархално општество. Во филмската индустрија не постои родов баланс ни на светско ниво, ни локално.
АЈ: Во филмската индустрија често е присутно маскулинистичкото микронасилство од позиција на моќ. Ако се земе предвид дека соодносот на жени наспроти мажи е 20 со 80% јасно е дека изостанува родов баланс. Како вие лично се чувствуавте како жена режисерка во доминантно машкиот филмски свет?
ДД: Живееме во патријархално општество. Во филмската индустрија не постои родов баланс ни на светско ниво, ни локално. Предноста во тоа да се биде режисер(ка) е дека сме во позиција сами да го избереме тимот со кој работиме и драго ми е што од моите соработници сум добила само поддршка и во ниеден момент не сум се почувствувала обесправено.
АЈ: Глобалното движење MeeToo беше силен крик против сексуалното насилство и истото успеа да расветли голем број на премолчени случаи на сексуално вознемирување и злоупотреба, особено во филмската индустрија во Холивуд. За придонесот на MeToo се изјасни и теоретичарката на родовиот идентитет, Џудит Батлер чие критичко дело за феминистичката мисла и психоанализата, заедно со нејзините читања на Жак Дерида и Мишел Фуко ја направија интелектуална референтна точка ширум светот. Ви беше ли и оваа кампања еден вид инспирација?
ДД: MeeToo движењето е секако инспиративно, храбро и беше потребно да се случи, но не беше директна инспирација за „Сестри“ затоа што сценариото ми беше зачнато неколку години пред да се појави ова движење.
АЈ: Велите дека уште додека сте го пишувале сценариото, сте знаеле дека за да ја постигнете автентичноста на светот на адолесцентите, како и натуралистичкиот пристап на филмот, ќе биде потребно да направите кастинг со тинејџери кои немале претходно искуство со глума и снимање. Претпоставувам дека ова беше голем предзивик, но и голем ризик. Како ги „хендлавте“ работите на сет?
ДД: Правењето кастинг и избор со натуршчици беше еден од најголемите предизвици за мене и за целата продукција. Секако, и еден од најголемите ризици. Затоа самиот кастинг траеше подолго, дури шест месеци, а подготовките за снимањето со Антонија и Миа траеа четири месеци. Во припремите им го дадов сценариото да го прочитаат само еднаш, го прочитавме заедно и веднаш потоа им кажав да го заборават затоа што ми беше важно да ги изградиме нивните ликови заедно, да најдеме начин како да ја постигнеме вистинската емоција потребна во секоја сцена. Не сакав тие да се фокусираат исклучиво на текст кој треба да се научи напамет. Нивното лично искуство и личните приказни ги имплементиравме во ликовите што ги играат. За мене припремите беа најважни, затоа што се почуствував сигурна дека кога ќе излеземе на снимање нема да има изненадувања и дека заедно ќе го постигнеме тоа што на филмот му е потребно.
Би забранила возење на автомобили во центарот на градот, а во недела би дозволила движење само со точак.
АЈ: Како си поминавте на „Браќа Манаки“ во Битола?
ДД: Манаки за мене беше едно слатко-горчеливо искуство. Проекцијата на филмот беше остварување на најголемиот кошмар за секој режисер (се смее). Кога правиш проекција на отворено секогаш е компромис, затоа што условите се многу поразлични отколку во затворена кино сала, но не очекував дека платното ќе падне, дека на среде проекција ќе снема струја, тонот ќе биде стишен поради протоколите на претседателот до тој степен што скоро ни дијалогот не се слушаше. И покрај ова, драго ми е дека филмот допре до публиката која беше присутна и дека и покрај лошите технички услови публиката остана да го догледа филмот.
АЈ: Што би промениле денес во Скопјe?
ДД: Би ја исчистила реката Вардар. Би посадила дрвја. Би работела интензивно на план за чист воздух. Би прекинала градење на згради во центарот на Скопје. Би го срушила Скопје 2014. Би забранила возење на автомобили во центарот на градот, а во недела би дозволила движење само со точак.
АЈ: Кој е јазикот на денешниот човек?
ДД: 🙂 🙁 <3 :’( :*
АЈ: Која е најдивата мисла што ви паѓа на памет во моментов?
ДД: Да го фрлам телефонот и да отпатувам на некоја егзотична дестинација (се смее).
АЈ: Што ве прави среќна?
ДД: Поминато време со фамилијата и блиските драги луѓе.