Денеска православните христијани го празнуваат празникот Богојавление (Водици), еден од најголемите христијански празници. Тоа е денот поврзан со крштевањето на Исус Христос од страна на Свети Јован Крстител и се празнувал уште во вториот век
Се верува дека кога бил крстен во реката Јордан, при самиот чин Исус ги осветил водите. И токму тоа е традицијата којашто се почитува денес – на Богојавление се извршува осветување на водите.
Главен настан на Водици е фрлањето крст во некоја поголема вода – езеро, река или базен. Крстот го фрла попот и по него скокаат мажи, а се верува дека тој што ќе го фати крстот ќе има среќа цела година. Од друга страна, ако никој не успее да го фати крстот, ако го однесе водата, се смета дека тоа ќе биде многу несреќна година за сите.
Крштевањето, пак, значи духовно раѓање, односно почеток на човековото живеење во верата, и токму затоа кумот се смета за духовен родител на крстениот и негов најблизок роднина.
Во моментот на крштевање на водите, како што се верува, тие за момент престануваат да течат и стануваат лековити, па со таа вода се лекувале разни болести.
При објавување на материјали од порталот www.hybrid.mk во друг медиум, задолжително наведете го изворот од кој е преземен текстот.