Како мала ме учеа да не се мешам кај што не ми е работа, да не ме интересира кој како што направил и да си гледам за себе. Оти, ако сам не се чуваш, никој нема да те чува.
Е арно ама, сега после години од поукава гледам дека и сам да се чуваш, ќе се најде некој друг и не само што нема да те исчува, туку и ќе ти наштети. Да тргнеме од почеток.
Како и сите нас, годинава ја почнав од многу големи очекувања, што од приватни, што од бизнис планови. Предвидувањата беа: до јуни турбо работа, јули адаптација и август долг и заслужен одмор. Си почнаа месециве, јануари каков таков најдолг го преживеавме ( дури и малку жал ми е за него зошто април му ја зема титулата за најдолг месец, а цел живот си мислевме дека само по него ќе плукаме), февруари со големи амбиции и март со првото сонце и сите надежи за него.
И наеднаш, СТОП. Се будиш со информација дека застанал светот, дека некоја чудна “бубачка“ се појавила и сега нема никаде. Знаевме за тоа ние, ама далеку беше, кај од Вухан ќе дојде до овде, па нели тие таму технологии, чуда, можат чипови да прават не па да средат една “настинка“.
Прв бран паника, слушање редовно пресови, броење заболени, учење да се носат маски и ракавици (за ова уште не сум сигурна дали се уште научивме како е правилно), ама нејсе, некако подуплашени решивме да слушаме. Тука таму, некој ќе се побуни, ама не знаеш што точно се случува, па си викаш ајде најдобро да си поќутам, да си прочитам. Барем јас.
Недела дена фокус на вирусот, кој, од каде, како го направил, зошто го направил, светски сили, 5G и по некој авион што не ти е јасно од каде и зошто прелетува. Од некаде, наеднаш главен фокус стана чипувањето. “Мора да е се ова намерно, за да не чипуваат па да можат да не следат што правиме. Ќе ни ја земат слободата, ќе не направат роботи ќе знаат кај сме што сме“.
Е тука веќе уште понејасно станува. Не сум детектив, ама обично знам кај сте и што правите, не зошто сум Бил Гејтс, туку зошто сами си се чекирате и си објавувате се и сешто по социјалниве мрежи, за кои ако се сеќавате при инсталирање има едно копче што си го стискате accept без да прочитате. И не ви се правам паметна, туку ни јас никогаш не сум ги прочитала условите. Ама па и зошто да ги читам, на кој му е гајле што јас правам, не е ваљда дека е битно колку банани и лебови сум купила дента или што муабет сум правела со другарка ми на кафе, зошто верувајте некогаш кога и јас ќе се сетам срам ме фаќа што глупости си збориме меѓу себе. Веќе со години на Facebook се појавуваат реклами од нешто што си гуглал или зборувал со друштвото и види колку е тоа смешно наивно, па не мора да се мачам да барам само ќе ми излезе. Позадината не е битна, тоа не е прислушкување. Почнавме да гледаме антени по градот како наеднаш се спрема нешто големо за 5G, па некој ќе искоментира, стара е антенава сум ја видел порано, па ќе нагрнат други 3 да се скараат од кога е потеклото на антената. Сериозно, колку од нас кога одат по улица погледнале нагоре, бар накај небото, не мора антените?
И наеднаш, магично небо од сателитите на Маск. Колку тоа убаво изгледаше, уште подобро ако имаш подобра камера да си објавиш на стори за тие што не виделе да им биде криво. Каква сензација! Патем, знае ли некој што е поентата со истите, каква е нивната улога или недај боже штетност за Универзумот или светот?
Небитно, не е 5G и убаво е!
И така, си седиме дома, малку досадно, малку одмор, малку не знаеме што со себе, па си решивме ќе протестираме. Не знам дали коронава се плаши од протести, ама па си викам ако беше така и по светов и другиве ќе излезеа и така сложни сите уште во март ќе ја избркавме.
Луѓе останаа без работа, без примања, фирми се затворија, оние со мали бизниси пробуваа крај со крај да врзат…Не слушнав дека е протестот за нив и нивната судбина. Најмногу слушнав неколку ресторани и барови кои се заканија со отпуштање на своите вработени. Ми падна жал за сите тие луѓе, ама ми падна жал и за женичките кои чистеа канцеларии кои се затворија, за оние кои работеа на проекти кои пропаднаа, за оние кои работеа на пазари па се спакуваа и заминаа дома, за луѓето во маркетите кои капка крв немаа во очите додека ние како да е крај на свет полневме колички…Извинете, ама вие кои наплаќавте 350 денари за пијачка и 500 денари за порција ориз со печурки, два, три месеци можевте да издржите. Исто онака храбро како медицинските лица кои не одбија да одат на работа и покрај целиот стрес. Размисливте ли за нив како им е под маски цел дел (истите тие што ние одбиваме да ги носиме оти ни е незгодно и ни прават линии на лицето, па ги фрламе кај стигнеме), цела таа опрема, контакт со заболени, стрес и веројатно голем дел од нив не си ги ни виделе своите најблиски цел овој период? Нив не ги видов да се жалат за платата. Ниту да одбијат да не лечат. Единствено што правеа е тоа што ве молеа да седите дома за наскоро да можат да седнат и тие.
И што направивме ние?
Ја убивме короната со околу 50 заболени на ден и се качивме по маси! Зошто со целиот бунт против полицискиот час, најважното од се беше кафаната.
Никаде не видов некој да се прерадува затоа што ќе се врати на работа па конечно можеби и ќе си ја добие заслужено целата плата, па ќе се подкрене системот па колку толку ќе се има…
Важно беше да се опиеме јавно, а зошто кога тоа некој ни го бранеше да го правиме по дома изминатите месеци…
Децата не прочитале ниедна книга за време на карантинот, но затоа TikTok сите отворија…
Се собираа по дома во полициски час, криеја со кого биле…
Дечки, не е системот крив, не е ни политиката крива. Оти ние сме системот и ние сме политиката.
Како по навика, научени сме да бараме вина во било кој друг, само да не сме ние.
Вирусот ќе го снема само кога ние ќе решиме да го снема. Секој од нас поединечно, па сите заедно. Животот каков таков ќе се врати кога ние ќе направиме да се врати. Со збирање по 50 луѓе на едно место не верувам дека некаде во светот успеа па нема ни кај нас. Во Шведска барем со сигурност не го прават тоа.
Последно што слушнав е дека барате да видите видеа и снимки од инфективна клиника и заболените за да се уверите во постоењето на вирусот. Не навлегувам повеќе во ова ама, дали сте сериозни?
Па дури и да не верувате дека постои, дали знаете како е да се чекаат резултати од тестови по неколку дена со страв што може да биде? Како им е на оние кои биле во контакт со заболен и чекаат дали ќе пројават симптоми? На оние кои чекаат да им биде извршена редовната операција која не може да се изврши во овие услови? Оние кои се молат за животот додека вие го сфаќате несериозно?
Дечки, моите планови за лето во Хрватска пропаднаа, зошто деновиве гледам дека немаат намера да отворат граници за нас. Со 50 заболени на ден ни јас не би не пуштила…
Сепак, во карантинот научив да си го ценам здравјето и животот повеќе, па ова и не ме трогна многу со оглед на тоа дека јас и сите околу мене сме здрави и добри. И едвај чекам да дојде денот да ги изгушкам сите на раат. Затоа што додека не се намали бројот на заболени ќе си останам на сигурно растојание. Ќе носам маска колку и да ми е топло и ќе нарачувам храна за дома. Ако јас не се плашам од вирусот за себе, се плашам за тие околу мене што може да им направи.
Го можеме ние ова, само треба да сакаме. Сеир и омраза никогаш не воделе кон нешто добро, па нема ни сега кога е најтешко. Од нас се бара само да внимаваме на себе и да не загрозуваме други. Нашите дедовци, татковци оделе во војни, нивните приказни за чест и храброст ни се пример. Да оставиме и ние нешто добро за следните поколенија, нека се гордеат со нас како сме ја спасиле земјата со разум. Ќе има журки, може и подобри.
Со памет во глава, короната не е мртвa сè уште.
Поповска Весна