Пишува: Татјана Багеска, дефектолог
Тргнувањето во училиште преставува едно ново подглавје за детето, неговите родители и целото семејство. Оддеднаш Ви се чини дека Вашето дете пораснало. Тоа големо случување носи многу промени, нови искуства, радости, возбудувања, но понекогаш и стравови.
Детето од својот безгрижен свет на игра и фантазија преминува во училишниот свет на обврски, кој од него бара многу поголема одговорност, работа и сериозност. Некои деца со тие промени можат да се носат одлично и се радуваат што најпосле ќе седнат во училишните клупи, додека кај други пак тргнувањето во училиште може да предизвика стрес, бидејќи стравуваат од можен неуспех. Тоа често пати се случува на деца кои во предучилишниот развоен период биле помалку успешни од своите врсници во исполнувањето на задачите кои се барале од нив.
Се’ поголеми се очекувањата од детето кое тргнува во училиште, како во поглед на училишниот програм така и во барањата на околината, па првачињата мораат многу брзо да усвојат бројни вештини. Меѓутоа, на некои им е потребно повеќе време за да го научат тоа што се се бара од нив, па често тоа знае да доведе до првиот неуспех или негативно училишно искуство, кое може неповолно да влијае во остатокот од образувањето. Токму поради тоа работата со нашите деца влијае на нивната самодоверба (поголема сигурност во себе). Има деца со пониска самопочит и почит кон другите, слабо изградена самодоверба а тоа влијае врз нивните мисли, емоции и постапки.
За да може да им се помогне на децата навреме, кај одредени, потребни се и некои подготовки за училиште. Подготовките се однесуваат на подучување на одредени вештини, кои треба да бидат усвоени пред тргнувањето во училиште, како и усвојување на навиките за извршување на секојдневните обврски. Интензитетот зависи од потребата на детето. Потребно е да се процени на кое подрачје детето покажува слабост и според тоа да се осмислат целни вежби кои тие функции ќе ги подобрат и развијат. На сето горе наведеното треба секојдневно да се работи дома и во градинките. Кога велиме подготовка не мислиме на строго седење на стол и цртање, пишување и исполнување на работни листови, туку учење низ игра.
ШТО БИ ТРЕБАЛО ДЕТЕТО ДА ЗНАЕ И КОИ ВЕШТИНИ БИ ТРЕБАЛО ДА БИДАТ УСВОЕНИ ДО 1.СЕПТЕМВРИ?
*Тука нема да говорам за вештините според развојните мапи и скали на проценка, туку за функционалните вештини
Сознајниот развој најдобро ќе го подржиме со тоа што на детето ќе му овозможиме уште од најрана возраст да го истражува светот околу себе низ игра и интересни активности. Детето пред тргнување во училиште треба да знае да си го каже своето име и презиме, имињата на родителите, адресата на која живее, да брои од 1 до 10 и од 10 до 1, да знае да ги именува и препознава боите, да знае да ги покаже деловите на телото на себе и на другите, да препознава и именува геометриски облици,…
Кога зборуваме за развој на самостојност и грижата за себе, едно прваче би требало да умее самостојно да се облекува и соблекува, да знае да си ги одврзе и заврзе врвките на чевли, патики, самостојно да јаде и пие, да оди во тоалет, како и грижата за основните хигиенски навики по одење во тоалет и пред јадење. На оваа возраст ќе поттикнеме самостојности зa подржување на детето да умее да ги подготвува книгите за во училиште, да се грижи за своите работи (ранец, прибор..) самостојно да се облече за часот по физико, да ги запомни домашните задачи (секако со помош и поддршка доколку е потребна – учете ги дека не е срамота ако не знаат, срамота е да не се праша и побара помош),
Развивање јазични и комуникациски вештини
Од аспект на говорно- јазичниот развој детето би требало правилно да ги изговара сите гласови од нашиот јазик (31 глас од нашето јазично писмо), да може да состави проширена реченица, како и да прераскаже кратка разбирлива приказна според слики (јасно наведени ликовите по хронолшки ред и опишани). Дете на возраст од 6 години разбира сложени налози и активно прати и слуша приказна барем 10 минути. Заинтересиран е за учење и стекнување на нови знаења (ова не значи дека детето подеднакво ќе го интересира секој предмет), но, едноставно да има желба да научи нешто ново, и токму поради тоа е важно да се негува љубопитноста уште од најрана возраст. Многу е важен и начинот на кој детето комуницира со своите врсници и околината. Треба да ги разбира и научи правилата на пристојна комуникација, да ја сослушува личноста со која разговара. Важно е родителите на детето да му објаснат каков речник е примерен за во училиште. Детскиот говор да биде разбирлив и јасен за потесната и пошироката околина. Ако детето изговара неточно одредени гласови, може да дојде до тоа тие гласови погрешно да ги чита и пишува кога ќе почне во училиште. На пример ако детето наместо гласот” р” го изговара “л”, тоа реченицата “Марко јаде риба”, ќе ја напише “Малко јаде либа”.
Препознавање на букви и броеви
Иако детето не треба да знае да чита и пишува пред поаѓањето во училиште, пожелно е да ги разликува тие два различни света на бројки и букви.
Графомоторика и визуелна перцепција
Ако почнеме од моторика, моторички детето (доколку нема причина за спротивно) да биде способно да седи повеќе часови мирно на стол со исправен грб, да оди јасно усмерено кон целта, да има добро развиена координација око-рака ( со поглед да го прати движењето на раката), правилно да го држи моливот како и визуелна перцепција. Децата уште во градинка почнуваат да учествуваат во активности кои ја вклучуваат фината моторика на прстите, а постепено се развива и интересот за графомоторика, која се однесува на способноста за држење на моливот во рака и пишување со него ( цртање). Пред тргнувањето во училиште детето би требало со помош на родителите да ја одреди и доминантната рака со која ќе пишува, треба да има правилен фат на моливот кога го држи, кога црта и бои да не излегува од рабовите на линиите, да знае да нацрта прави и криви линии, да прецртува едноставни ликови. Подеднакво детето треба да има развиено визуелна перцепција, која подразбира воочување сличности и различности на слики, воочување на детали, издвојување на делови од целина итн. Децата не треба да знаат да читаат и пишуваат пред нивното поаѓање во училиште, но ако имаат развиено графомоторички вештини и визуелна перцепција, многу побрзо ќе ги совладаат тие вештини.
Разбирање основни математички поими
Детето треба да ги владее поимите поголемо/помало, многу/малку,еднакво, да брои до 10, да ги препознава едноставните геометриски облици ( како што се круг, квадрат, триагоник, правоаголник) да ги поврзе бројките со количина и слично. Разбирањето на овие поими може да ги научи низ игра и извршување на разни секојдневни активности.
Разбирање на временски и просторни односи
Детето треба да ги разбира временските поими: во, на пред,под, над, позади,помеѓу, горе, доле, лево, десно.. Кога ќе научи успешно да се ориентира во просторот и на сопственото тело, полесно ќе може да се ориентира и на хартија што е многу важно за читањето и пишувањето. Исто така препорачливо е детето да ги разбира основните временски поими како што се : годишните времиња, деновите во седмицата, односите вчера-денес-утре..
Примерно внимание и концентрација
Детето би требало да се насочува и да задржи вниманието на одредена задача барем 15 минути. Ако забележиме дека е немирно, има намален фокус и концентрација, неможност да задржи внимание тоа може да преставува проблем во извршувањето на одредени задачи. Исто така многу важно е да се нагласи дека освен овие вештини, значително е детето да биде психички и социо-емоционално созреано и подготвено за училиште. Родителите треба многу да разговараат со своите деца и да ги подготват за новите предизвици кои ќе ги чекаат во училиште. Детето треба да верува во себе, во своето знаење и вештини, но исто така треба да има и храброст да се соочи со можни неуспеси. Секој доаѓа од различно семејство во кое се негуваат одредени ставови, размислувања и вредности. Различниот темперамент е тоа што ги прави децата различни во приспособување на новините што ги носи училиштето.
За жал се поголем е бројот на родители кои имаат преголеми очекувања од своите деца, и така ги воспитуваат дека мораат да бидат најдобри во се. Од градењето на такви ставови кај децата произлегуваат конфликтни ситуации во кои изостанува меѓусебно другарство, почит, толеранција, покажување емпатија, за сметка на ривалство во секој поглед. “Сите проблеми мали и големи во семеjството се јавуваат поради лоша комуникација. Некоја страна не слушала убаво.”