Љубителите на театарски претстави секогаш ќе ја паметат Мери Бошкова и нејзината легендарна улога на Живка во претставата „Госпоѓа Министерка“.
Мери Бошкова е родена во Битола на денешен ден во 1924 година. Таа ја играла насловната улога во првиот македонски долгометражен игран филм „Фросина“ (1952) на режисерот Воја Нановиќ, како и во првата македонска филмска комедија „Мирно лето“ (1961), во режија на Димитрие Османли.
Со своите први настапи во родната Битола, го свртува вниманието на публиката и критиката. Таа е носител на главните улоги со кои се прославува и во Македонскиот народен театар во Скопје: Живка во „Госпоѓа Министерка“ од Бранислав Нушиќ, Дездемона од Шекспир, Бароница Кастели во „Господа Глембаеви“ и „Нора“ од Хенрик Ибзен.
Скоро една деценија живее и твори во Драмскиот Народен театар во Белград, каде одлично изигра во претставите „Коштана“ од Бора Станковиќ, „Тетовирана ружа“ од Тенеси Вилијамс и др.
По пензионирањето, таа не се повлече целосно. Остана да ја игра својата најдобра улога на Живка Министерка, со која креација се вбројува меѓу најдобрите улоги на југословенската сцена.
Освен на „даските што значат живот“, таа снимаше и радио драми, ТВ драми, ја гледавме и на филмскиот екран. Нејзина последна актерска креација е во филмот на Димитрие Османли, „Ангели на отпад“. Мери Бошкова почина на 25 март 2014 година во Скопје.
Добитничка е на најголемите признанија во нејзината богата актерска кариера: Стериината награда за ликот на мадам Дибоа во претставата „Еригон” од Јордан Плевнеш, како и голем број на високи сојузни и републички признанија – награда на Владата на ФНРЈ , Владата на НРМ, наградите „11 октомври“ и „13 Ноември“, наградата за животно дело и др.
При објавување на материјали од порталот www.hybread.mk во друг медиум, задолжително наведете го изворот од кој е преземен текстот